1 Додека премиерот Христијан Мицкоски во Америка раскажува за фрустрациите на македонските граѓани предизвикани од хипокризијата на Европската Унија, првиот вицепремиер Изет Меџити ги засилува тие фрустрации на домашен терен. На партиски собир во Шуто Оризари ветува дека неговата партија Демократско движење за една година ќе вработи 2-3.000 Албанци во државната и јавната администрација, повеќе отколку претходните партии на Албанците во два мандата.
Наместо да рече „ќе создаваме услови за отварање фабрики каде што ќе работат илјадници Албанци“, тој вели „ќе отвараме работни места во администрација“. Па уште и објаснува дека „со тоа ќе се елиминира еден проблем да не заминуваат во странство и да не ја гледаат својата перспектива надвор од државата“.
Е, јака перспектива им нуди вицепремиерот на своите гласачи. Најголемо достигнување да им биде да влезат во партија за да добијат државна плата. При што, не сум сигурен дека и тогаш нема да заминат во странство. Сме имале случаи кога како даночни обврзници на административците сме им давале плата за да им ја храниме фамилијата дома, додека тие дополнително си оделе на привремена работа во странство.
Коалициониот партнер на Меџити, министерот за јавна администрација Горан Минчев, вели дека изјавата на вицепремиерот е „класичен пример на предизборен популизам“ и го замолува „да не се однесува како Алиса во земјата на чудата ветувајќи нешто што не е реално“.
Меџити не е во земјата на чудата. Ние сме во земјата на чудата, ако се занесуваме дека тоа што тој го ветува нема да се случи. Вработувањата во државна администрација се единственото нешто што партиите реално го остваруваат. Особено кога се на власт.
2 Фино е тоа што си збори Мицкоски за непринципиелната и лицемерна политика на Европската Унија кон македонскиот евроинтегративен процес на секој настап во странство. Макар што, не знам колку таа приказна ѝ е важна на новата американската администрација на Доналд Трамп. А и дома веќе не помага. Освен што уште малку ќе го зајакне евроскептицизмот со сеирџиството: Види ЕУ, што ви прави Трамп. Е па, да видите како е кога нѐ зафркавате и нас веќе 20 години. Сакате да влезете во елитниот клуб, да седнете на масата со него? Е, не може, има кој е побитен. Вие ќе почекате.
Ама, од сеир не се живее поубаво. Тукашното одушевување од однесувањето на Трамп кон довчерашните американски сојузници и партнери во ЕУ е незрело и детско размислување кое нема да ни ја подобри живејачката. Па еве, гледаме. И по осум месеци од промената на власта, нам темите ни се или менување на грбот, или ветувања за нови партиски вработувања, а на премиерот за сѐ, ама буквално за сѐ, од цените во супермаркетите до судиите и обвинителите, му е виновна или опозицијата, или Бугарија и Европската Унија. И така ќе биде до локалните избори наесен. И после, до следните избори.
3 Украина, нападната од Русија, во очај нуди петстотини милијарди долари национално богатство за да добие некакви безбедносни гаранции. Каде е Македонија, сама, без ЕУ, во овие драматични глобални промени? Што имаме ние да им понудиме на корпоративните интереси на новата бизнис логика на големите сили освен нашето природно богатство кое и досега го растуравме и да станеме депонија за нивниот отпад? Единствената разлика е во тоа што досега на странските капиталисти им се нудевме како евтина работна сила, а отсега како робови на технофеудалците.
Ама, дури ни тоа нема да нѐ спаси ако некој Трамп, дали овој, или некој друг во новиот поредок што се создава, утре не се разбуди и не му текне да објави на социјалните мрежи: Која е таа држава, некое предградие ли е, ај подели тоа земјата пола на Албанија, пола на Бугарија, тие се поголеми, имаат море, ќе ни ги дадат пристаништата, овие ништо немаат. Страшно звучи? Па и на Украинците им звучело страшно, а колку многу се поголеми и побогати од нас, па еве, им се случува и официјални лица од Вашингтон да им испраќаат пораки дека Украина можеби нема утре да биде Украина. Уште и Украинците излегоа виновни дека се нападнати од Русија. Па згора на тоа, виновни се и дека три години се борат да си ги ослободат окупираните територии.
4 Премиерот Мицкоски на трибина во Вашингтон рекол дека „нашиот прв приоритет е да го смениме начинот на размислување на обвинителите и судиите, за да носат одлуки врз основа на законите и Уставот, а не според барањата на политичарите што ги избрале“.
Ми е срам да прашам, ама па си викам, кога политичарите немаат срам зошто па да не прашам уште еднаш. Што се случи со заменик-директорот на едно јавно претпријатие што се беше сликал со пушка покрај убиена мечка за кого обвинителството покрена предистражна постапка?
До кај е истрагата? Разрешен ли е човекот? Не дека имам нешто лично против него, не дека сум нешто љубител на мечки, туку ете, ме испровоцира говорот на премиерот во САД дека треба да се смени начинот на размислување на обвинителите, да не биде според барањата на политичарите.
Пред извесно време, пишав дека веројатно сме единствена земја во светот каде што власта се обидува да заташка убиство на мечка. Ама, ако се слуша внимателно премиерот, изгледа опозицијата е таа што сака да го заштити заменикот-директор поставен од власта.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST