1 Дојде Хан и пак му даде крилја на Груевски. После 12 минути изјава во која верглаше на празно, последните две минути ги искористи да каже дека СЈО треба да работи професионално и дека не треба да се злоупотребува.
„Значајно е да се гарантира дека СЈО може да работи независно, непристрасно, но од друга страна и да го применува професионализмот. Имам голема доверба во неа (Катица Јанева м.з.). Сметам дека е значајно таа да ги искористи сите можности кои ги има и да се види крајниот резултат, но исто така да не се интервенира во тоа што таа го работи и таа да не се злоупотребува“, рече Хан и дообјасни: „Брзам на авион“.
Сега останува на портпаролката Маја Коцијанич да дообјасни од каде му е идејата на Хан дека СЈО се злоупотребува. На пример, кој го злоупотребува СЈО? Кој ја бутка тезата дека СЈО не е професионално? Некој што е обвинет од СЈО? Или некој што е под истрага од СЈО? Или некој чиј глас го слушавме во речиси сите бомби, па мора да го истражува СЈО?
Каде слушнал Хан дека СЈО се злоупотребува? Во белиот партиски дворец кој полицијата подобро го чува од зградите на Собранието и Владата заедно? Од кого чул Хан дека СЈО се злоупотребува? Од тој што со наши пари за провизија купил скапа опрема за прислушување и сите нè прислушувал? И откако се откри дека нè прислушувал, ја уништил опремата за да не ѝ се најде трагата? Од тој што го слушнавме како крадел гласови, купувал мерцедес со телевизорчиња, уривал згради на политички неистомисленици, бирал плацови на Водно за џабалак, криел убиство… Тој ли му кажал на Хан дека СЈО се злоупотребува?
Па нели, токму Хан минатата година во Пржино го промовираше СЈО како клучен елемент за излез од кризата? И тоа, како нова институција што треба да ги истражи злоупотребите на власта затоа што обичното обвинителство не сакаше. И сега, истиот тој Хан го промовира СЈО како дел од кризата. Значи, Хан пак одработува за власта чија злоупотреба треба да се испита.
2 А што прави СДСМ во меѓувреме? Го напушта Собранието со индигнација. Зошто? Затоа што ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, по обичај, ја користат секоја прилика да напикаат свои кадри по државните институции. А СДСМ биле многу лути. Па и ние сме лути. Ама СДСМ за разлика од нас можат да зборуваат во Собранието. А тие решиле да си одат.
На СДСМ уште не им текнува дека кога не се согласуваат со тоа што го прави ВМРО-ДПМНЕ можат да гласаат против. И не само да гласаат. Туку да зборат. Па ако треба и уште еднаш да ги натепаат за пак да го видиме вистинското лице на тие кои треба да се урнат од власт. Можеа гласно да ни кажат кои се тие луѓе со кои власта ги наполни државните институции неколку дена пред да се распушти Собранието. Можеа да одвојат само неколку минути да откријат кои се. Сè има на Интернет. Башка, и Македонија голема земја, па толку не се знае кои се и што се.
Еј… Пропуштаат директен пренос од Собрание, да ни ги отворат очите и да ни покажат кого сè власта ќе вработи на наша сметка и тоа на само два месеца пред избори. Ај сега и во понеделник нека се налутат и нека си одат кога ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе ги го гласаат буџетот.
И после се чудиме зошто кадрите на десницата стасаа и до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Каква порака испраќаат со вакво плачливо однесување? Каква порака испраќаат кон тие што уште викаат дека не ги интересира политика? Кон тие што и покрај сè што слушнаа во бомбите уште викаат дека „сите се исти“? Кон тие што викаат „немам за кого да гласам“?
И како воопшто мислат да го урнат режимот на овој начин?
Ако веќе сакаат да се позиционираат како лидери, ама не само на партискиот, туку и на граѓанскиот отпор, тогаш ова не е лидерско однесување. Тие очекуваат граѓаните да излезат на избори и да ја урнат власта на Груевски, а самите не се спремни да покажат дека и едно обично пребарување на Интернет можат да направат. Пратениците на СДСМ не се во позиција да изигруваат навредени пуфли. Ниту кон нивните гласачи, ниту кон граѓаните што пет месеци водеа битка на улица, а богами ниту кон својот лидер кој две години ја има главата во торба со објавувањето на бомбите.
СДСМ изгледа уште не се свесни дека треба да го заслужат гласот на неопределените и на тие што уште се плашат да кажат за кого ќе гласаат, а не пак да придобијат и гласачи на ВМРО-ДПМНЕ. На два месеца пред избори, трагично е што таа нивна несвесност може да го врати Груевски за премиер.
3 По шест години реновирање и по дупло повеќе потрошени пари од планираните, реновираното и надградено Собрание беше свечено отворено на 11 Октомври.
Да се разбереме. Никој не спори дека Собранието требало да се реновира. Но, да потсетиме. Уште во 2006 година донесоа одлука дека треба да се реновира. Во 2007 година нацртаа и како сакаат да изгледа зградата без консултации со никого, иако станува збор за архитектонско наследство.
Нејсе. Во 2009 година рекоа дека реновирањето и куполите ќе чинат 7,5 милиони евра. Во 2010 веќе зборуваа за 10 милиони евра. Во 2011 година поради „дополнителни трошоци при градењето“, сумата стигна до 12,5 милиони евра. И пред отварање, разбравме дека за реновирањето сме платиле 20 милиони и 500 илјади евра.
Притоа, Собранието – народен дом како инвеститор, должен да обезбеди максимална транспарентност како ги троши народните пари, не ја објави таа информација дури и на самото отварање, ниту во говорот на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, ниту пак на собраниската веб страница.
Зарем треба да се истражува колку и како се потрошени народните пари за реновирањето на народното собрание? Кое, патем, е затворено за народот. И со строго контролиран влез и движење на новинарите.
Се прашувате што значи терминот „заробена држава“? Е па ете што е. Кај нас не само партијата, туку и Собранието ја зароби државата.
4 Министерот за здравство Никола Тодоров уште не го испитал случајот со половина началници во МВР кои заминале на боледување веднаш штом за министер дошол Оливер Спасовски. Исто како што уште не испитал што се случува со боледувањето што во Универзитетот МИТ го однел дополнителниот министер Оливер Андонов за да се спаси од мобинг, а бил здрав.
Како може Тодоров кој се наведнуваше по шалтери, ловеше лекари на спиење и на пушење, на хирурзите им кажуваше како треба да се оперира и се жалеше дека лажните боледувања го празнат фондот за здравство сега не може две недели да го најде лекарот што му дал боледување на здрав човек. Оти овој здравиот, за време на боледувањето ги трошел парите од Фондот, па поради него Фондот може и снемал пари да го плати лекувањето на Тамара.
Бидејќи боледувањата се нивни, нема потреба ни да ги истражува. Да беше лекар што дал боледување на некој друг, а не на нивен министер, до сега ќе го шетаа со лисици пред камери. Или, да беше болен некој друг, а не нивен министер, до сега куририте ќе му ги објавеа не само дијагнозата, туку и цел здравствен картон.
СЛУШАЈ ТУКА – AUDIO PODCAST