1 Си била една госпоѓа која секој ден одејќи на работа поминувала покрај излогот на еден бутик во кој била изложена прекрасна бунда. Помини, замини, госпоѓава ја загледувала бундата и еден ден решила да влезе да ја проба. Прекрасна бунда, ѝ стои како да е шиена за неа. Ама скапа. И си рекла, прескапа е бундава, многу други работи ми требаат, ај да не трошам пари. Арно ама, другиот ден пак ја гледа бундата во излог. Пак влегла да ја проба. Ај што е бунда, ај што е прескапа, ама од хермелин е, кралски наметки се прават од крзното. Затоа е скапа. Се враќа дома, око не може да склопи, бундата од ум не ѝ излегува. Третиот ден, исто. А што е за право, преубаво ѝ стои. Нема мирен сон госпоѓава, ќе се разболи од секирации. И на крај си рекла: „Па госпоѓо, штом е здравје во прашање, нема сега да се умира, купи си ја таа бунда, нек’ иде живот“.
Е па, премиере Мицкоски, штом е здравје во прашање, купете го веќе тој авион. А не тука да ни наметнувате колективна вина „ќе се урнеле, ќе починеле“. Народ ве изгласа, одамна не сте опозиција, преземете си веќе еднаш одговорност за некоја одлука. Власта има апсолутно мнозинство и во државата и во општините, опозицијата е целосно дезориентирана и никој не се потресува што има таа да каже, а лидерот Христијан Мицкоски одбива да преземе одговорност за било што и постојано бара некој друг да му е виновен.
Малку ни се траумите што еден претседател ни загина во авионска несреќа, па сега уште и премиерот мора да ни раскажува катастрофични приказни. Притоа, сосема е беспредметен муабетот дали авиончето било старо 20 години. Водухопловците велат, нема стар авион ако редовно се лета и редовно се одржува. Ама, ако стручните анализи покажуваат дека на државата ѝ треба нов службен авион, тогаш нека ја стават таа ставка во Буџетот и нека го завршат муабетот. Белким, знаат дека и новиот авион ќе генерира трошоци оти и тој ќе мора редовно да се одржува.
2 Сите имаат мислење дали треба да се купи нов државен авион, па така и претседателката Гордана Сиљановска -Давкова се вклучи во јавната расправа како врховна командантка на Армијата сосе военото воздухопловство. Додуша, мислењето сега ѝ е различно од 2019 кога прашуваше: Чуму ни е нов авион?, критикувајќи ја тогашната Влада на Зоран Заев дека „проблемите се на земјата, а не на небото“. Ама тогаш не се среќавала со претседателите од регионот кои за владиниот „лирџет“ од 2004 велеле „авиончето на браќата Рајт“.
Ние мислевме дека кога претседателката се среќава со колегите од регионот таму разгледуваат креативни идеи како да го надминат бугарското вето за да почнеме преговори со ЕУ. А тие, наместо со креативна дипломатија, да ти си ги мереле кој има поголемо авионче. И нашето испаднало најмало.
3 Советот на јавни обвинители си се ослободи од одговорност и гласаше позитивно за четворица кандидати за Државен обвинител, оти не можел да одлучи кој е најдобар за да ѝ го предложи на Владата. Членовите на Советот да си останат со чисти раце, да не им се налути некој од Владата, да не случајно згрешат да не го оценат најдобро баш тој што треба да биде избран. Што си е сигурно, сигурно е. Вака Владата нека си бира кој ѝ е по ќеф.
И при таква процедура, за очекување е дека Владата нема да ја избере поранешната специјална обвинителка Ленче Ристоска, која застапува обвиненија во два активни судски предмета против владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Ама, зошто имаше потреба премиерот Мицкоски да се пофали на телевизија дека ја исклучува од трката, уште пред предлогот да стаса на Влада? За да може да каже дека вмровските функционери може мирно да спијат, ќе нема кој да ги гони. А и имотот на партијата е осигуран.
4 После историските 72 часа миење на улиците и собирање ѓубре од контејнерите, главниот град доживеа и свечен отчет за историски 100 дена од градоначалничкиот мандат на Орце Ѓорѓиевски во Филхармонијата.
Ај што отчет се дава пред граѓаните, а не пред министри, пратеници и партиски членови организирани од штабовите на ВМРО-ДПМНЕ, ќе си речеш нов е Орце, се радува многу, па си прави журка со другарчињата. Туку, што му текна така траорно да ја почне приредбата со „колку векови во темнина си била, колку страдања на рамена си збрала, земјо мила“.
Колку векови темнина? Четири години поминавме со нивната Данела, најдобрата менаџерка, жена, мајка, кралица… Четири години, како век ни се видоа долги, колку го уништија градот. Па сега дојдоа да нѐ спасуваат од самите себе и песни ни пеат.
5 Во телевизиско интервју, Мицкоски кажа дека со претседателот на СДСМ не може да најде консензус за одблокирање на преговорите со ЕУ, оти Венко Филипче би го сменил Уставот кога би можел уште утре.
„Но, тоа е тоа меко ткиво кој што го има македонскиот идентитет, се вика СДСМ“, рече Мицкоски.
Филипче не реагираше оти веројатно изјавата на Мицкоски ја сфатил како комплимент. Тој е лекар и знае дека мекото ткиво се органите, а тврдото ткиво се коските. Коските се за да ги заштитат органите. Коските се кршат и заздравуваат. И без нога се живее. Ама без мекото ткиво – срце, мозок, бели дробови – нема живот.
Веројатно, пиар службата на премиерот не извршила проверка на фактите кога со четџипити му ги спремала поентите за тв интервјуто.
АУДИО ВЕРЗИЈА



