ДРИСЛА МЕТОДОЛОГИЈА

Најголемиот пораз на СДСМ, ама и на сите надежи за држава на патот кон ЕУ е што ВМРО-ДПМНЕ на Груевски уште е силен фактор.

ДРИСЛА МЕТОДОЛОГИЈА

1 На патот до ЕУ го збогативме терминолошкиот речник со уште еден збор – методологија. Отсега натаму, методологија ќе биде клучниот термин што ќе ни се провлекува во говорите на политичарите, во ТВ дебатите на експертите, во соопштенијата на европските амбасадори, во новинарските извештаи…

Методологија… Тоа ти е нешто како асоцијација и стабилизација. Или – скрининг. Па имавме и – твининг. Па условена препорака. Претпристапни преговори. Извештај за напредокот кон ЕУ. Датум за почеток на преговори. Итни реформски приоритети…

Не знам за вас, ама мене, од сите овие флоскули со кои е поплочен нашиот пат кон ЕУ, од асоцијацијата и стабилизацијата во 2000 до евентуално најавениот датум за почеток на преговори во 2020,  најмногу впечаток ми остави зборот – бенчмарк. Ем кога ќе го изговориш звучиш паметно, ем самиот збор додава уште малку мистика околу процесот на приближување кон ЕУ. Некогаш, кога ќе станеме членка на ЕУ, ако станеме…

Стварно,  што значи тоа – методологија и како таа ќе се одрази на нашето живеење? Каков ли бенчмарк треба да се исполни и според која методологија ќе се оценува успешноста во држава во која при силен ветер, како што деновиве дуваше во Скопје, веројатноста да загинеш од паднато дрво или билборд е еднаква на опасноста да се задушиш ако некоја од разлетаните пластични ќеси ти се залепи на лицето? Поминаа речиси 20 години откако Љубчо Георгиевски и Васил Тупурковски потпишуваа договор за асоцијација и стабилизација со ЕУ.  До денеска ниту асоцирани, а богами ниту саглам стабилизирани. Уште со ѓубре се бавиме.

2 Целата оваа приказна со Дрисла и со несоодветното третирање медицински отпад е слика и прилика на Македонија на патот за ЕУ. Крвави гази, шприцеви и кучиња како го разнесуваат отпадот, градскиот инспектор тоа го снимил како видео доказ, државниот инспектор вели дека ништо не видел и сѐ е во ред, а обвинителката вели дека нема докази.

Кога се споменува Дрисла, мене ми текнува дека во 2011 година тогашната градска власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со чартер лет однесе цел авион со новинари во Фиренца. Ги шетаа по разни депонии и паркови, ама не ги однесоа во седиштето на компанијата што ја доби концесијата за скопското ѓубриште, оти канцеларијата им беше во еден стан. Потоа, се сеќавам и дека вмровскиот директор на депонијата Горан Ангелов направи трансфер во странската фирма, оти Италијанците не можеа да најдат поквалитетен кадар.  Па се сеќавам како тогашната германска амбасадорка пишуваше остри писма до градската и централната власт, протестирајќи дека германска фирма специјализирана за управување со отпад била подобра од непостоечката италијанска фирма. Па се сеќавам и дека градоначалникот Коце Трајановски мораше два пати да потпишува договор за концесија, оти два пати судот пресудуваше во корист на Германците.

Дури и сега, во време кога СДСМ е на власт, и на централно и на ниво на Скопје, откако Советот на град Скопје донесе одлука да ја преземе депонијата од концесионерот, на Централниот регистар му требаа шест месеци да го запише Градот како сопственик.

Ехееее, колку ли само дуќанчиња си има отворено ВМРО-ДПМНЕ за 11-те години… Па да е само до Дрисла. Или пак до „Еко клуб“ што сега ја снимиле како несоодветно го носи медицинскиот отпад. Тоа беше сериозен системски зафат на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со кој се цицаа пари од државниот буџет. И уште се цицаат, оти создадоа моќни играчи. Направена е цела инфраструктура со која легално се испумпуваа државните пари на приватни и партиска сметка. Сакаш во земјоделие, сакаш во градежништво, медиуми, култура, здравство… За сѐ што има макар и мала врска со пари од буџетот. За сето тоа да функционира си имаш свое обвинителство, свои судии, свои инспектори, свои полицајци, свои адвокати, свои медиуми… Си направија држава во држава.

И сега, ВМРО-ДПМНЕ излегува и обвинува дека СДСМ ги труе граѓаните. И дека ништо не направи против загадувањето. Со кого да направи? Со обвинителите од списочето и со судиите од тефтерчето? Со службениците од обвинителствата што крадат документи од истрага и ги даваат на адвокати на осомничени и обвинети? Со партиските фирми кои се наполнија со наши пари и станаа толку силни што без нив не може да помине тендер? Со инспекторите што дојавуваат кога ќе има инспекција? Со партиската војска испикана во јавната администрација што копира документи и ги испраќа во партијата?

Четири години не се на власт и уште истекуваат доверливи документи. Тоа само зборува за моќната инфраструктура што ВМРО-ДПМНЕ ја изгради во 11-те години и којашто никогаш не престанала да работи со полна сила. Којзнае дали и методологијата на ЕУ ќе помогне да се разбие тој паралелен систем.

Најголемиот пораз на СДСМ, ама и на сите надежи за држава на патот кон ЕУ е што ВМРО-ДПМНЕ на Груевски уште е силен фактор.

3 Ни се погоди методологијата. 17.000 јавни административци ќе земат К-15, ама министерот за информатика и администрација Дамјан Манчевски вели дека ќе се погрижи ова да не важи за таканаречените рамковно вработени.

Тоа е веќе голем напредок во ставот за Министерството, а богами и за министерот лично. Тој веќе две ипол  години моли 1.600 рамковно вработени што седат дома и земаат плата или да дојдат на работа, или да прифатат прераспоредување, ама сега ќе се погрижи тие што не доаѓаат на  работа да не добијат К-15.

Како ќе се погрижи? Ќе ги замоли љубезно, кога ќе им легнат парите од К-15 да ги вратат. Исто како што љубезно ги моли да дојдат на работа. Баш ме интересира, според која напредна методологија Манчевски ќе успее да не им исплати К-15, а редовно им исплаќа плата?

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира