ЌОСЕТО ПРЕД ИДРИЗОВО

Зоран Заев по секоја пуштена бомба изјавуваше: “Да не дозволиме ова зло да се повтори”. Е па нека памети што рекол

ЌОСЕТО ПРЕД ИДРИЗОВО

1 Толку ли имаат последици од ударите по глава новиве министри од СДСМ, па на чело со Заев со цел ум отидоа да се сликаат со Ѓорге Иванов? Само новиот министер за здравство Арбен Таравари како невролог знае дека таквиот потег е последица на траума.

Отидоа да глумат нормалност кај човекот што сакаше во затвор да ги стави тие што ќе останеа живи на 27 април. Кај човекот што вечерта, додека уште траеше организираниот напад на Собранието, не само што не ги осуди насилниците, туку ни ронка сочувство за повредените не покажа. Уште и ги обвини дека сами си ја барале белјата. И најдрско побара лидерска средба, иако двајца од лидерите беа со скршени глави, а за едниот од нив насилниците, богами, и се радуваа дека е мртов.

Убаво е тоа што новата власт почитува институции. Ама, да не мешаме почитување институција со почитување на човекот што ја претставува таа институција. А Ѓорге Иванов е инструментот на злото што ја киднапираше институцијата за двапати да го заштити криминалот.

2 Ова е исто како кога Груевски и неговите пратеници си глумат нормалност во ненормалноста.  Демек, мирно предавање на власта. А новата власт уште со лузни на главите.

Новите министри отидоа и се сликаа во кичестите кабинети сто пати преплатени со наши пари и на фотелјите купени со којзнае какви сомнителни јавни набавки.  Насмеани, позираа пред камери во зградите што вмровската власт ги нагрди и ги понижи и живите и мртвите автори. Сакајќи да бидат пристојни при примопредавањето на функциите, испуштија прилика да потсетат  на злоделата што власта на Груевски ја направи дури и кон архитектурата и уметноста.

И пак ќе повторам. Убаво е дека новата влада сака да покаже оти почитува институции. Тоа од неа и го очекуваме. Ама инситуциите се киднапирани од криминална елита.  И со глумењето нормалност се поддржува неодговорноста за тоа киднапирање. И со глумењето нормалност му  се помага на ВМРО-ДПМНЕ да глуми жртва.

Новата власт не смее да заборави што ни се случуваше. Затоа што ние не сакаме да заборавиме. Оти, ако заборавиме на груевизмот, пак ќе ни се случи Груевски.

Не станува збор за реваншизам. Напротив. Реваншизам ќе има ако продолжиме да се правиме нормални и не се соочиме со одговорноста и секој не си ја добие заслужената казна. Стварно. Нема правда. Нема мир.

3 Едноставно, после 27 април не сакаме да глумиме нормалност во ненормална држава. Море – не дека не сакаме. Не смееме да си дозволиме да глумиме нормалност.

Впрочем, ние многу лесно заборавивме дека и на 24 декември, 2012 година вмровската власт како партали ги исфрли од Собрание не само пратениците од опозицијата, туку и новинарите. И тоа ВМРО-ДПМНЕ го направи во име на нормалност.

И по сета таа атмосфера на вмровска нормалност, сега Груевски и неговата елита глумат дека се жртви. Што не е ништо ново. Оти Груевски 11 години беше на власт и секогаш глумеше дека е жртва. Те Бранко му беше крив, те странски служби му ја разнебитувале државата, те новинарите му поставувале многу прашања, те жолти комбиња му шетаа, те Сорос му роварел, те амбасадори му се мешале во работата…

Може СДСМ да прифати да им глуми нормалност и да им дава значење на неговите приказни дека ВМРО-ДПМНЕ е жртва, ама не смее да се заборави дека на 27 април се случи насилство во кое учествуваа вмровски пратеници. И дека вмровското обвинителство насилниците ги ослободи, а инспираторите и помагачите уште не ги ни истражува.

И сега што? Новата власт ќе глуми нормалност, ќе разговарале, ќе се помирувале и ќе се прават фини со некој што крв ги гледал и тргнал да ги убива. А старата власт ни „Извини!“ не им кажа.

4 Ако веќе новиве сакаат да воспостават нормална процедура на владеење, тогаш дај барем нека направат еден симболилен чекор на отстранување на споменикот на крвникот Ќосето од пред зградите на судовите. Нека организираат едно свечено демонтирање на Ќосето. Ама не ноќе, како што подмолно вмровската власт ги редеше спомениците оти се срамеше јавно да покаже колку пари ни украле за нив. Туку дење, и тоа во викенд, кога ќе можат да дојдат да се радуваат и тие што не се повикани со смс по партиски список.

И после да го пренесат Ќосето сосе сите ками, ножеви и пиштоли пред затворот Идризово. Оти таму му е местото. Да го гледаат тие што ќе завршат в затвор. И да бидат среќни дека ги стигнала вистинската правда како во цивилизирана држава. А не правдата на Ќосето.

5 Го слушаме Груевски сега како се жали, затоа што очаен дедо што вмровскиот здравствен систем му го убил внучето посегнал по правдата на Ќосето што ја величаше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Којзнае, можеби на дедото на Тамара поттикнувачки делувале вестите за условните казни на разбојниците  што  беа пратени да ги убијат Зоран Заев и Зијадин Села. За кои, сега загрижениот Груевски, рече дека „да сакале да го убијат, ќе го убиеле“.

Медиумите и невладините организации правеле хистерија против ВМРО-ДПМНЕ. Молам? Ова го кажува Груевски. Истиот Груевски кој 11 години создаваше и правеше хајки против сите неистомисленици. И не престанува со хушкање.

Кој го подели општеството  вдолж и попреку по сите основи? По нации и по вера. По политичка припадност.  По сексуална припадност. По многудетни и бездетни фамилии. По венчани и невенчани. По патриоти и предавници. Синдикати и контра синдикати. Лекари против лекари. Протести и контрапротести. Наставници против наставници. Студентски  пленум и контра пленум. Родители и контрародители. Црна револуција контра Шарена револуција.  Јавна администрација против приватен сектор…

Да се разбереме. Нема оправдание за насилство. Но, не може насилството на дедото на Тамара да се цени на различен начин од насилството и неказнивоста што ги хранеше Груевски цели 11 години. Впрочем, обвинителството на Зврлевски трета година не кажува до каде е истрагата за смртта на Тамара.

Кого чувме дека нарачуваше со динамит да се руши објект на политички противник? Да не ја тупиме многу. Каде имаше пиштење и вриштење? Кој се закануваше со фрлање по ендеци „сосе жената, сосе децата“. Кој рецитираше поезија за ноќ на долгите ножеви? Кој 11 години бегаше од јавни дуели, ама секогаш одеше на емисии на кои водителите поттикнуваа говор на омраза?  Со надгробни плочи ќе ги поклопуваа неистомислениците. Се закануваа дека на барут ќе мириса Собранито. Кој даваше краток курс по право дека два три шамари, ама јаки не се се кривично дело?  Кој му порачуваше на Заев дека ако бил жив Гоце ќе му го прател Ќосето да расчисти со него?

И конечно, ги слушнавме баш Никола Тодоров со Гордана Јанкулоска, како таа му објаснува дека за нивните  што пукале на избори, ќе глумеле дека божем пукале со гасен пиштол, за да не одат во затвор, па ќе средат да добијат прекршочни пријави…

6 Новиот премиер Зоран Заев е единствениот премиер во независна Македонија што за функцијата се избори пролевајќи ја сопствената крв.

Сега, откако ја доби битката и навистина успеа со пенкало да смени режим, сакам да му го повторам она што му го кажав пред две години. На 16 мај, 2015 година, ден пред пред големиот митинг во Скопје на 17 мај го напишав следново:

РЕСЕТИРАЊЕ

Зоран Заев по секоја пуштена бомба изјавува: “Да не дозволиме ова зло да се повтори”. Е па нека памети што рекол. И нека си ја има на ум таа реченица на утрешниот протест. Да не се занесе многу, ако излезе многу народ. Оти ова не се протести за да дојде СДСМ на власт. Како што не се ни протести против ВМРО-ДПМНЕ. Ова се протести, затоа што ни е збоктисано од тоа некој што ќе добие мнозинство, постојано да се правда: “Тие така правеа, па и јас така ќе правам”. И да знае Заев дека ако се собере многу народ, тоа не се гласови за СДСМ. Тоа се гласови на сите што се против тие што мислат дека еднаш кога ќе се изгласани, ќе можат да прават што сакаат. А притоа не смееш ни да се пожалиш. Оти одбиваат да сослушаат ако сакаш нешто и да им кажеш. Зошто? Затоа што им се може. Оти нè контролираат по список. По семејства, по згради, по општини… Сè е во тефтерчето влезено. Па дури и кои демонстранти веднаш се судат за насилни протести од пред една недела, а кои не можат да се најдат и по две години истрага.
На крајот на краиштата, ова се протести за ресетирање. Да се покаже дека тоа што мислиме поинаку не нè прави непријатели. Ова се протести за да станеме пак пријатели. Кој сака лево, кој сака десно, кој кај сака нека оди… Ама пак да си се почитуваме. Па може и пак ќе си се засакаме.

Денеска, сакам да му го порачам само уште ова: Тие што се кабает да се извинат. Тие што нарачувале злосторства и краделе да си одговараат. И – да ги вратат парите.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира