КРУЖНА ФАНТАЗИЈА

Знаеш што е ново? Што на секое враќање на почеток се радуваме како да ни е прв пат.

КРУЖНА ФАНТАЗИЈА

1 „Денешниот договор отвора една нова врата за можности, отвора можности за нова соработка со Европа и во неа, меѓутоа сега доаѓа тешката работа. Ние сме тука да ви помогнеме во вашите напори, иднината е во ваши раце и во рацете на сите граѓани на Република Македонија. Добре дојдовте во нашето проширено семејство“.

Ова не е извадок од говорот на високата претставничка на ЕУ за безбедност и надворешна политика Федерика Могерини во Собранието на Македонија од 19 април 2018 година. Ова е изјава стара само 17 години. На 9 април 2001 година ја дала шведската министерка за надворешни работи Ана Линд. Таа, како претставник на Шведска која тогаш била претседавач на ЕУ со Унијата, ја потпиша Спогодбата за асоцијација и стабилизација со тогашниот македонски премиер Љубчо Георгиевски во Луксембург. Кога премиер на Луксембург беше Жан Клод Јункер, сегашниот претседател на Европската комисија.

Стабилизацијата уште трае. А асоцијацијата не е ни почната.

Гледате, и покојна Ана Линд тогаш, исто како Могерини сега, ни рекла дека допрва ни доаѓа тешка работа. Таа рекла. Ама, кој ја есапел.

А баш убава приказна ни имаа спакувано уште во 2001 година, кога Ана Линд и Љубчо Георгиевски се сликаа со шампањско во Луксембург. Демек, ќе одиме во ЕУ, ќе нѐ примат во НАТО, ќе бидеме пример за добро средени меѓуетнички односи, ќе градиме пазарно стопанство во демократија од западен тип…

На потпишувањето покрај Линд присуствувале и тогашниот еврокомесар за надворешна политика Крис Патен и тогашниот висок претставник за надворешна политика и безбедност на Унијата Хавиер Солана. Европската тројка тогаш соопштила: „Македонија е модел што треба да го следат и другите земји во регионот, луѓето во Македонија знаат дека имаат иднина за која вреди да се борат“.

И факт е. На пример, Хрватска го следеше примерот на Македонија. Спогодбата за ассоцијација и стабилизација ја потпиша после нас. А во ЕУ влезе во 2013 година. А македонските граѓани од што многу знаеја да се борат за иднината, 11 години го гласаа Груевски.

И не се само изјавите на ЕУ бирократите исти како пред 17 година. Еве изјава на македонски премиер: „Спогодбата ја сфаќаме како заложба за повеќе демократија, повеќе реформи и поголем мултиетнички развој. Спогодбата е голем предизвик и за кусо ќе постигнеме многу резултати“.

Оваа изјава не е на Зоран Заев дадена завчера. Ова е изјава на Љубчо Георгиевски дадена на 9 април 2001 година.

2 Децата што се родени во април 2001 година, кога Ана Линд ја даде изјавата за напредокот на Македонија, во април 2019 година ќе станат полнолетни и ќе гласаат на претседателските избори.

На 19 април 2017 година, Федерика Могерини ѝ се обрати на таа генерација што допрва стасува за гласање. Како што рече, инспирирана од своите ќерки тинејџерки, патот на Македонија кон ЕУ го спореди со видео игра. „Кога ќе завршите едно ниво, одите на друго ниво, но добивате бонус. Вистинската цел не се институциите, туку подобрување на стандардот на граѓаните“, рече Могерини.

Играта се вика „Кружна фантазија“. Доаѓаш до едно ниво и добиваш  бонус. И после, на следното ниво ти одземаат два бонуса. И пак си на почеток, ама на уште подолно ниво. Ама, пак се радуваш. Оти ти дале шанса за нов почеток. И плус важно е да си во играта. Поточно – важно е да те играат.

И така стасуваат нови и нови генерации за гласање.

3 „Вчера во Македонија ни дојде Рамуш Харадинај, за кого разузнавачките служби тврдат дека е командант на ОНА. Човекот се сретна со Колин Пауел и заедно пиеја кафе во Александар Палас. Не е за чудење. ОНА во едно од своите ‘комуникате’ ни порача да не ги бараме по планините, зошто ќе дојдат во градовите“.

Оваа вест не е од овој четврток 19 април. Ова е извадок од колумната „Сакам да кажам“ објавена на 14 април 2001 година.

По 17 години, напредок е дека командантите на ОНА ни со стап не можеш да ги натераш во планина ни на излет. Толку им се уарни по министерствата и на директорските места.

И на тоа се радуваме.

4 Сѐ било, сѐ поминало, сѐ сме виделе… Ама, знаеш што е ново? Што на секое враќање на почеток се радуваме како да ни е прв пат.

Којзнае зошто е тоа добро?

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира