ЛЕПЧЕ И ПУТЕРЧЕ

Др’ж се Миле. Иде Дунав. Уште работи му текнуваат на оној твојот од Будимпешта.

ЛЕПЧЕ И ПУТЕРЧЕ

1 Е па, ете до каде го доведе премиерот Зоран Заев кадровската политика со мотото: „за лепче да има“. Да мора самиот да голта кнедли на прес-конференција и цел час да одговара на новинарски прашања за тоа што дозволил три пати да биде измамен од некои руски мајтапчии што му се претставувале како поранешниот украински претседател Порошенко и генералниот секретар на НАТО Столтенберг. Великодушно е тоа – за лепче да има, ама тие што ги вработува за лепчето се покажаа неспособни да се справат со специјалната војна против влезот на Македонија во НАТО. Вработувањето во државна служба можеби го добиле како заслуга за минат труд, ама платата мора да се заработи секој месец. Платата не го покрива минатиот труд, лепењето плакати, боењето споменици и фејк барок фасади и шпартањето по улици. Лепчето треба да се заработи. И ако ова било сценарио на безбедносни служби, тогаш со безбедносен проблем требало да се расправаат безбедњаци. А не твитерџии, инстаграмџии и „инфлуенсери“. Башка што, кај некои од нив и не било само за лепче. Па кога ќе згусти, ќе му го забијат во грб ножот со кој на лепчето си мачкале и путерче.

Ама пак сега, Заев самиот си е виновен за изборот на соработниците. Самиот си ги донел во Владата, самиот нека си ги носи на грбот. Проблемот е што сето тоа ние ќе го плаќаме.

2 ВМРО-ДПМНЕ бара обвинителството да реагира по објавата на разговорите на премиерот со руските мајтапчии и провокатори. Ајдеее… Минатата недела  ќе ја ставаа в затвор Тамара за погрешно отпеана химна.

Значи и кога беа на власт, а особено сега кога се во опозиција вмровците прават бука. Силно врескаат за сѐ и сешто, само за да се заборават нивните злосторства. Во јавните настапи тие не се бават со вредности. Туку со хистерично врескање кое има една единствена цел – неспособноста и комичните гафови на оваа власт да се изедначат со нивните зулуми и гадости.

Не знам што чекаат. Што не му поднесат интерпелација на претседателот Стево Пендаровски оти на Бојко Борисов му рекол „љубави кај си“. Оти ова „љубави“, или „кај си бе, брат“, или „пеер“ е исто што и аболицијата што ја направи Ѓорѓе Иванов на 56 осомничени и обвинети за криминал. Оти, нели – сите се исти.

И разговорот на Заев со руските провокатори е ист како разговорите што ги слушавме во бомбите. Оти „Здраво Петро“ е за гонење од обвинителство, а гонење за „да не е многу“, „му тече низ ногавици“, „со динамит да ги рушиме, да не го тупиме“ е политички прогон.  Оти, кога двајца Руси се мајтапат со премиерот е  лошо за државата, а кога премиерот се мајтапи со народот претставувајќи го Субрата Рој за инвеститор – тоа е добро за државата. И оти, да се скинеш од смеење е кога го слушаме премиерот како сериозно разговара со двајца мајтапчии, ама кога слушавме како на премиерот гатачка вработена во Царина два саата му везе што ќе му донесе хороскопот, тоа ич не беше смешно. Оти беше стратешко планирање за евроатлантските интеграции.

И во тоа врескање на ВМРО-ДПМНЕ дека сите се исти со нив, вреска и Груевски од бродот со старлетите и пензионираната порно ѕвезда во Будимпешта. Тој има лице да ги толкува сопствените разговори за криењето на убиството на Мартин Нешковски. И за масакрот на Смилковско Езеро. Да не има да каже нешто и за Диво Насеље?

3 ДУИ поднесе Предлог-закон за ветинг. Да се проверуваат функционерите пред да стапат на функција. Ова не е мајтап на руски комичари. Ова е ДУИ. Сериозна владејачка партија чиј вицепремиер не одеше на работа. На нивните локални моќници пајак не смее да им ја дигне колата, ама затоа сега ако сакаат да станат функционери, ќе бидат предмет на ветинг. Сигурно и оној Беља што беше директор на Гинекологија, што пукаше и го пукаа, ќе го помине ветингот оти има силно оружје. Па и Рамиз Мерко, градоначалникот на Струга, веќе е изветиран. Откако свечено отвори дивоградба во центарот на Охрид. Чијшто сопственик е општински советник од ДУИ.

Ама за ветингот да биде посигурен, амнестираните вмровски пратеници побараа уште построги критериуми. Тие поднеле амандмани да се оценуваат и моралните вредности. Пратеничката Емилија Александрова рече: „Мора лицето да има интегритет за да врши некоја јавна функција, да поседува морал и етички некои квалитети. Видовме што се случуваше во нашата држава и со такво разорување и со ставање секаков вид функционери на функции ја доведовме нашата држава во оваа незавидна ситуација“.

А бе, овие навистина мислат дека можат сѐ да кажат и тоа туку-така да им помине. Оти нели, и кога се отвара вратата при напад на Собрание и тоа е „етички некој квалитет“. Па и морално е.

А и овие, сѐ уште неамнестираните вмровци на Мицкоски го поздравуваат ветингот. Ама, викаат дека прво Владата треба да си даде оставка. Оти тоа е во согласност со моралните вредности на почесниот претседател од Будимпешта.

4 Вистински вмровец кој себеси се смета за патриот не само што се гордее со тоа како Груевски ги зафркнал комуњарите, туку и се радува на победата на Киријакос Мицотакис и на Неа демократија на изборите во Грција. Оти таа партија, уште од времето на татко му Константинос Мицотакис во 1990-тите ја блокираше Македонија поради името. Ни ја затворија границата, сакаа да нѐ умрат. И оти сестра му Дора Бакојани во 2008 ни го блокираше влезот во НАТО.

Вистински вмровец кој себеси се смета за патриот, веќе е тргнат на одмор за Грција. Со бугарски пасош. На регистрацијата има лепенка НМК, за да не прави непотребни провокации, а додека чека на граница од колата ечи српски турбофолк и на мобилен чита вести за Јелена Карлеуша и Дарко Лазиќ. А на Фејсбук и Твитер се смее и споделува финти од второ за трето одделение: Ало Заев, овде Столе. Кој Столе? Овој доле.

Др’ж се Миле. Иде Дунав. Уште работи му текнуваат на оној твојот од Будимпешта.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира