1 „Сања Божиновска е поголема Македонка од сите вас заедно“, изјави од собраниска говорница премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на прашањето дали при составувањето на Владата знаел дека министерката за енергетика имала бугарски пасош. Не знам дали премиерот има некој македонометар, па оваа споредба на македонштината беше упатена само кон пратениците на СДСМ кои беа во салата, ама тезата му е прилично навредлива за сите нас што немаме бугарски пасоши.
Значи, министерката Сања Божиновска која во 2004 година потпишала дека има бугарска самосвест за да земе бугарски пасош „од економски причини“ е поголема Македонка од сите нас што имаме само македонски пасош. Дека ние што не сме зеле бугарски пасоши сме будали, не сакаме да правиме бизнис низ ЕУ, не сакаме децата да ни студираат многу поевтино како граѓани на ЕУ, не сакаме лесно да поминуваме граници, не сакаме да купуваме станови по Шпании, Португалии, Хрватски, сакаме да плаќаме скап роаминг, уживаме кога полицајците во Германија нѐ понижуваат броејќи ни денови од печат до печат во пасошот, да не случајно сме пречекориле престој… Немаме ние економски причини. Не сакаме за нас да знае „бизнис кремот од Украина до Шпанија и од Скандинавија до Атина“, како што рече премиерот за Божиновска.
Познавам неколку Македонци што кријат дека имаат бугарски пасоши. Кога ги прашувам, зошто извади бугарски пасош кога велиш дека не се чувствуваш за Бугарин, татко ти и мајка ти не се Бугари, дедовците и бабите не се Бугари, не сте живееле доволно долго во Бугарија за да ви следува државјанство, не сте родени таму, немате роднини таму, не сте се венчале за бугарски државјанин, не знаете бугарски, обично ми одговараат со: А бе, знаеш… А бе, не знам. Еве, кажи ми зошто? А бе, знаеш. А бе, не знам. Не знам како можам да кажам дека сум Бугарин, а не сум.
Значи немаш бугарска самосвест, ама си отишол таму, свесно си се откажал од идентитетот, си ги поплукал предците, фамилијата, сѐ што било пред тебе, си ја лажел бугарската држава дека знаеш бугарски, дека се чувствуваш Бугарин. Зошто? Од економски причини. Па нели е тоа продавање на душата?
А бе, знаеш. А бе, не знам. Знам како се добива бугарски пасош. Ама, на памет не ми паднало да си го погазам своето и да тргувам со идентитетот. Прво мојот, па после и на целата нација. Оти еден, по еден, станавте 150.000.
И сега Мицкоски и Божиновска ни кажуваат дека тие што си ја продале душата се поголеми Македонци од нас. Оти сакале да одат побрзо во ЕУ од нас. И истите тие ни се продаваат како горди Македонци, а нас што сме си останале со македонските пасоши ни викаат дека сме Северџани, Меверџани, што ти не… Па ним полесно им било да кажат дека се Бугари, отколку дека се Македонци од Северна Македонија. Плачат дека нѐ терале името да го смениме, а они идентитетот си го смениле. И ич гајле си немале што морале да си ги предадат и таткото и мајката и бабите и дедовците, што морале и адвокати да плаќаат, па и да живеат илјада души пријавени со живеалиште на една бандера во Благоевград. Ние, што имаме само македонски пасош, барем издржавме, Македонци останавме. Тие, „економистите“, сами си се пишале Бугари.
А бе ајде, глејте си работа. Ионака идеја водилка ви се економските причини. Не нѐ замајувајте со национализам. А пак со патриотизам – ич. Си кажавте. Вас само пари ве интересираат.
2 Откако од Бугарија стигна и веста дека директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски полагал испит по англиски јазик ТОЕФЛ во јазично студио што не организира такви испити, Мицкоски ни вели: Националната безбедност не заслужува да биде тема на јавноста.
Ма немој. А што заслужува да биде тема на јавноста? Па и бугарското и чешкото државјанство на министерката Божиновска е тема од национална безбедност. Енергетика е во прашање. Од каде да сме сигурни дека Чешка или Бугарија не ѝ се помили татковини од Македонија? Ама Мицкоски ѝ верува. Како, кога таа веќе два пати излажала. Еднаш ја измамила бугарската држава, кога рекла дека има бугарска самосвест, а немала, а вторпат македонските гласачи кога не им кажала дека има уште две резервни татковини.
Ќе си речеш, Мицкоски згрешил, не знаел дека Божиновска имала бугарски пасош и не знаел дека Христовски има диплома за англиски јазик издадена во непостоечко јазично студио во Бугарија. Ама, толку ли нема други луѓе во ВМРО-ДПМНЕ па запнал нив здушно да ги брани?
Излезе дека тоа студиото „Јулија“ во Пловдив издавало лажни сертификати ТОЕФЛ и на други луѓе што сакале да бидат директори во државни институции. Не полагале кај нас англиски, во училиштата што се сертифицирани за издавање ТОЕФЛ сертификати, ами оделе во Бугарија. По квалитетен ТОЕФЛ во Европска Унија, не некој ваков безвезен македонски ТОЕФЛ.
Ова со полагањето англиски јазик во Пловдив ме потсети на една стара реклама кога баба и дедо учат англиски од касетофон и повторуваат: Лец гоу ту д диско тунајт. Новово време носи нови предизвици. Лец го ту Пловдив тунајт. Ќе бидеме поголеми Македонци од Македонците.
Две директорки веќе се осудени на условна казна затвор за измама оти приложиле фалсификувани дипломи од истото јазично студио каде што полагал и новиот директор на АНБ. Ама Христовски не е директор на селско училиште туку шеф на тајна служба чија работа, меѓу другото, е да спречи вакви измами.
Премиерот Мицкоски во Собранието покажа некои хартии со такви лажни сертификати и му ги даде на Венко Филипче. Што му ги дава на лидерот на СДСМ? Нека ги даде во Обвинителство. Тоа е вистинската адреса. И додека чекаме Антикорупциската комисија и Обвинителството да се надмудрат кој е надлежен да ја истражи шемата на пловдивските дипломи по англиски јазик, во меѓувреме може да се уништат и доказите.
Што си мислеа? Дека Бугарите ќе играат нежно со нас? Дека ќе им почитуваат приватност? Дека нема да им ги извадат и сите државјанства, сите фирми и сите сертификати и дипломи, што лажни, што вистинити? Нека им ги извадат. Малку им било таму што ги понижувале кога пееле бугарски песни, сега вторпат нека ги понижуваат. Да си знаеме со кого си имаме работа дома.
3 Мицкоски реши дека нема потреба да пишува писма до Европската Унија со предлогот внесувањето на Бугарите во Уставот да биде со одложено дејство до нашиот прием во ЕУ. Мислам дека требаше да го напише и да го помине во Собрание, ама ете, си има некаква стратегија. Ама затоа, пак, лидерот на ДУИ Али Ахмети се отепа од испраќање писма. И до комшии и до ЕУ и до САД. Им се жали дека е загрозен Рамковниот договор.
Рамковниот договор е веќе дел од Уставот. Што запнал Ахмети – рамковен, па рамковен? Дали тоа значи дека нив од Уставот го интересира само делот за правична застапеност, а за другиот дел од Уставот баш им е гајле? Па Уставот регулира и други права и обврски, а не само колку Албанци треба да бидат министри и директори.
Море, не ги интересира нив ни Устав, ни закони. Ни Рамковен не ги интересира. Нив ништо не ги интересира освен да бидат на власт.
4 Супер му е идејата на Мицкоски да нѐ повика сите заедно со МАНУ да учествуваме во правењето национална стратегија до 2050.
Во контекст на стратешкото размислување, само да забележам дека на 29 октомври се одбележаа 80 години од излегувањето на весникот „Нова Македонија“. Кон крајот на годината ќе се навршат 80 години од емитување на програмата на Македонското радио. Овој месец ќе се одбележуваат 80 години од ослободувањето на сите македонски градови од фашистичките окупатори.
Весникот го одбележа јубилејот со насловна страница. И толку. Приватен е, толку може. Но државата не најде за сходно ни една свечена академија да направи. Ни МАНУ стратегија, ни честитка од претседателката, од премиерот, од претседателот на Собрание. Ни билборд, ни забава. Глуво. 80 години, како да не било.
„Нова Македонија“ и Македонското радио ги пееме во химната – „Нови песни, нови весници“
На земја што не си ги памти столбовите на државноста втемелени во антифашизмот, не ѝ се криви Бугарите.
5 Во Собранието беше промовирана таканаречена „глува соба“, со специјална заштита од прислушување и изнесување податоци надвор, во која што ќе се разгледуваат најчувствителните безбедносни прашања за државата со влез само со безбедносен сертификат од највисоко ниво.
Кај нас, штом веќе има двајца во соба, повеќе не е „глува“. Додека излезат од состанокот, веќе третиот и четвртиот што се надвор разбрале што се разговарало и веќе раскажуваат наоколу.
Не за џабе уште во турско, за Македонците викале: Двајца комити – тројца кодоши.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST