1 Случајот со мртвата мечка, со која гордо се сликал заменикот директор на „Македонија пат“ Сашо Дранго, ќе го преземе Антикорупциската комисија. Нема што тука да се меша Обвинителството. За кадрите поставени од владејачка партија надлежна е Антикорупциската комисија. Секако, таа институција позната по својата кредибилност, ќе одлучи во полза на директорот и ќе потврди дека мечката загинала во сообраќајка. Се разбудила од зимскиот сон и фатила џаде, тргнала за Битола, да прошета по Широк Сокак, а заменик-директорот во рамките на неговите работни обврски со пушка и со двоглед вршел надзор на патот и ја нашол прегазената мечка.
Здружението за заштита на животни „Анима мунди“ бара заменик-директорот на јавното претпријатие да биде кривично гонет. А тој вели дека мечката загинала во сообраќајка на патот Битола-Ресен, тој се нашол „на местото како дел од неговите работни обврски, па заедно со вработени во јавното препријатие ја тргнале од коловозот, по што се сликал со неа“.
Од „Анима мунди“ велат дека во ниту еден билтен на МВР не е забележана сообраќајка со мечка и дека никој не пријавил убиена мечка, што е задолжително според два закона – за дивеч и ловство и за заштита и благосостојба на животните.
Сепак, нешто во приказнава не е нормално. Ако заменик-директорот на јавното претпријатие ја нашол мечката мртва, зошто се сликал со неа? Дранго е и претседател на Унија на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ од Демир Хисар. Стварно е херојски да најдеш мртва мечка на пат, да ја одвлечкаш во шума и после да се сликаш со неа сосе пушка. Ај што се сликал, па и цела галерија објавил позирајќи со мечката фатена од сите агли. Ептен силен вмровски јунак.
2 Во земја во која срамот во јавниот, а особено во политичкиот живот одамна не постои, секое оправдување држи вода.
Ќе си речеш, па толку ли партијата на власт нема друг кадар, па не може да најде соодветна замена за таму некојси заменик-директор на јавно претпријатие? Де бре, голема работа. Ќе го осудат условно и – ќе ја затворат темата. Тој нема да може да биде директор, ама ќе му најдат друга работа. Нема да пропадне светот.
Ама, не е така. На партијата ѝ е поважно да го одбрани сопствениот кадар отколку да го брани владеењето на правото. А овој што се сликал со мечката е само еден од стотиците, ако не и илјадници што со самото тоа што ги поставила партијата, самите се однесуваат како заштитени мечки. Гледајте ме колку сум силен. Можам да отепам мечка, да се сликам и да ја објавам. Ништо не ми можете.
Ова е исто како кога министрите на ДУИ играа кошарка и фудбал во кабинетот на вицепремиерот Артан Груби, а Бујар Османи неодамна рече дека таа снимка не требало да излезе во јавноста. Не рече дека не требало да играат фудбал во владин кабинет. Или како кога Диме Спасов, како министер за труд и социјала во Владата на Никола Груевски, бегајќи од папараци да не го фатат со женска, лупна неколку коли, а Центарот за комуникации на партијата им даде приказна на провладините телевизии да известуваат дека го бркале криминални банди од Серава.
Во некоја нормална ситуација, луѓето од грешките се срамат. А кај нас се фалат.
Па ако веќе толку кадриве од партијата на власт сакаат да тепаат мечки по шумите, нека го сменат законот. Имаат мнозинство во Собранието. Така и убивањето мечки ќе биде „сѐ по закон шефе“. Тоа е многу почесно отколку секое кршење на законот да ни го правдаат на начин што е навреда за интелигенцијата на секој што барем малку има здрав разум.
Власта на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ може да смени колку што сака закони, да постави свои директори, да менува судии, обвинители, да отвори илјадници нови работни места, да пушта нови ски-лифтови, реновирани градинки и спортски сали, но сето тоа нема да функционира како што треба сѐ додека партиските лидери не го сопрат аздисувањето на нивните партиски кадри.
Оваа држава ќе ја уништи бескрупулoзната партизација и неказнивоста што произлегува од отсуство на срам. Страшно е дека младите си заминуваат. Ама пострашно од заминувањето на младите е заминувањето на срамот.
П. С.
Драги мои, нека ни е среќна Новата 2025. Честит Божиќ. Да сте ми живи и здрави.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST