1 Не може нам да ни биде здодевно. Во Македонија е забранета досада. Барем малку раат да видиме. Замислете да го добиевме датумот за почеток на преговорите со ЕУ. Замислете Франција да не ни ставеше вето, како што до вчера ни удираше вето Грција. Француското вето овојпат се вика „методологија“. Замислете да излезевме од овој тунел на чекање датуми, извештаи за напредок, министерски состаноци, самити, средби, препораки, вечери, пред вечерата, по вечерата… Замислете да добиевме конкретна задача и да почневме да работиме, едно по едно…
Арно ама, таа шанса пропадна. И тоа овојпат – не по наша вина. Па, ќе имаме уште драма во нашите досадни животи. Сега ќе го чекаме мај. И Самитот на ЕУ во Загреб. Е ако, де. Ене го кај е мај. Уште само седум месеци забава во Македонија.
Само, не можам да се опуштам и да се забавувам. Ме мачи дека француското вето 2019 ќе има ист ефект како грчкото вето 2008 – криминализација на државата. Сигурно не сте заборавиле дека во 2008 по ветото за НАТО во Букурешт, Никола Груевски сфати дека странците нема да имаат образ да му најдат било каква забелешка што и да направи. И, тој ја грабна државата и ја зароби. Се плашам истото да не се случи и сега. Владејачката партија пак да не ја зароби државата.
А муабетите дека сега, кога ЕУ нѐ откачи, ќе требало сами да си се средиме, чувајте си ги за по слави.
2 Сето ова губи смисла, особено кога ќе го чуеш дури и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск како кажува „лично чувствувам срам“ и дека „Македонија и Албанија го положија испитот, но не и Унијата“. И на што ќе се надеваме во мај, ако имаме избори, како што бара лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски? Со стоте дена техничка Влада и уште двата месеца до формирањето нова влада, нема шанси ни за реформи, ни за „повторно навраќање“, ни за датум.
Евентуално, до мај ќе има шанса уште еднаш да се нападне Собранието. Оти нели, Мицкоски веќе се закани дека „почнува последна пресметка“. Да не им остана нешто од тие качулките од „Дион“ што ги раздаваа за нападот? Или ќе ги активираат тројките од 2009, кога со финална пресметка се закануваше и Никола Груевски во илинденскиот говор на Мачкин Камен?
Што би било тема на изборите? Евроинтеграциите? Додека е Макрон – заборавете. НАТО? Влегуваме во НАТО, гарантиран е територијалнииот интегритет, безбедноста на границите и затворени се идентитетските прашања. Враќање на името? Ревидирање на Преспанскиот договор? Пресметка?
Што има понудено досега ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски освен омраза? Реформи? Лидерот кој што не сака да ја реформира ни партијата длабоко зацапана во криминал, се фали дека ќе ја реформира државата.
Е па ај тогаш, сѐ нека запре. И да чекаме да се врати ВМРО-ДПМНЕ да ги направи реформите. Како што ги правеа 11 години. Имаат тие богато искуство и со владеење на правото, и со слободата на медиуми и со борбата против корупција, и со контрола на безбедносните служби, а богами и со борба против кинеско влијание… Да не е многу?
3 Единствениот сигурен датум што го добивме, е датумот со кој пет судски процеси против функционери на ВМРО кога беше на власт се вратени на судење од почеток, оти судиите по 90 дена не закажуваа рочишта. Тоа се предметите против Никола Груевски, Сашо Мијалков, Илија Димовски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Латас…
Тоа е остатокот од реформите на ВМРО-ДПМНЕ. И последица од комоцијата на Владата на Заев, што не направи барем ветинг во судството – единственото нешто за што сега ЕУ ја пофали Албанија. Сѐ уште владеат судиите од тефтерчињата на Гоца. Таа некадарност и калкулирање со неказнивоста допрва ќе ни го запечатува датумот.
4 Датум од Макрон не добивме, ама важно е дека датумот за новогодишната прослава е сигурен. Еј, уште на 16 октомври се знаеше дека на 31 декември на прославата во Скопје ќе пее босанската ѕвезда Дино Мерлин. Толку далекусежно планирање на било што, не се случило во историјата на главниот град на државата. И тоа беше соопштено баш истиот ден кога амбасадорите традиционално го чистеа ѓубрето од кејот на Вардар. Во главниот град. Каде што ќе се слави Нова година.
Скопјани, а и туристите што градоначалникот Петре Шилегов ги очекува за новогодишниот концерт на Дино Мерлин, бидејќи се разочарани во ЕУ ќе свртат на неутрални ноти. Ќе ја пејат „Мој је живот Швицарска“.
За сите политички предзивици, па и за овие најтешките, ние имаме песна. Калиопи уште од 1987 година предвиде кој нѐ чека во 2019. На Југовизија, на натпревар за Евровизија пееше: „Дај Емануел, води ме во твојот свет“.
Ама Емануел вика: „Многу сте храбри. Јас ќе дојдам кај вас.“
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST