НЕ Е ГОТОВ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:203:"Веќенестанувазборзапреговоризаизбори.Овасепреговорикакодасигиспасатпарите. Иевентуалнокожата.

     

    1 На сите што не им е јасно како Трајко Вељаноски повторно ќе го собере распуштеното Собрание за повторно да ги одложи веќе одложените избори и за 5 јуни, нека се сетат што сè изнакажа претседателот Ѓорге Иванов на 12 април, кога ја соопшти одлуката за аболиција на 56 политичари и нивни соработници под истрага за можен криминал за кој си раскажувале по телефон, а се откри во бомбите на опозицијата. Во образложението на Трајко, зборот „аболиција“ ќе се замени со „одложување на изборите“. И аргументите на Трајко ќе бидат исти како на Ѓорге:

    „Со намера да придонесам во решавањето на кризата, до релаксирање на односите и намалување на тензиите меѓу спротивставените политички сили и нивни поддржувачи, свесен за последиците врз државата и граѓаните ако нешто не се преземе во оваа тешка криза, свесен за последиците врз мене со преземањето на овој чекор, но и со силна верба дека носам одлука во интерес на државата и нацијата, нејзината стабилност и независност, одлучив да се стави крај на оваа агонија на Република Македонија…“.

    И секако и Трајко, како И Ѓоле пред три недели, ќе има повик до сите претседатели на политички партии да покажат лидерство и да работат за доброто на граѓаните.

    Впрочем, ако можеше Трајко на  веќе распуштен парламент отпосле да свика избори, сигурно ќе може и сега да го свика Собранието за да ги одложи изборите. Па како што пратениците се распуштија со френетичен аплауз расположени дека ќе останат без пратенички места, сега уште пофренетично ќе се соберат, за пак да се распуштат, ама за некое подобро време. Како што би рекле странците, за кога ќе се создадат „минимум услови за кредибилни избори“.

    2 Не дека на странците им требаат кредибилни избори. На сите нам ни требаат. Не само на тие што се веќе три недели на улиците низ цела Македонија. Туку и на оние што се заплашени , па дури и на оние што удобно одработуваат за власта. Оти и нивната комоција веќе е загрозена.

    Сега кога се знае дека избори нема да има, протестите не смеат да запрат. Затоа што нема да запрат ни контрапротестите. Оти ни Груевски нема да запре.

    Глупаво е сега да се здивне и да се рече: „Е супер е дека нема да има избори“. И „Готов е“. Оти не е готов. Оти, по сè што чувме и по сè што направи откако чувме, тој сè уште е партнер со кој се преговара. Сè уште е единствениот што има контрола на теренот. Сè уште странците му пишуваат писма и му се обраќаат со „почитуван господине Груевски“.

    Уште лани ова време викавме „Готов е, готов е!“, а тој, еве го, едно чудо нови проекти промовира. Готово е само со кравите што ги посети, оти веднаш потоа фатија болештина. Долга е раката на ВМРО.

    Како може да е готов, кога ниту еден од осомничените за тоа што Катица им го откри во прислушуваните разговори не е во притвор? Уште судиите се разболуваат кога треба да ги сослушаат неговите најблиски соработници. Како никој судија не се разболе кога одредуваше притвор за децата што демонстрираа против Груевски? Како не им простија дури и кога беа спремни да го признаат делото? За да уништат животи на бунтовни деца судиите пукаат од здравје.

    Не е готов. Сè додека од странство му пишуваат писма со „почитуван господине Груевски“ и сè додека го чекаат да седне со нив на преговарачка маса, не е готов.

    3 И што кога ќе седне на преговарачката маса? Да не случајно преговара за бетонирање на уште еден датум за избори на кој народот ќе одлучи? Дека тој и неговите помилувани соработници пак ќе бидат политичари? Ќе ја избришат бојата од постерите што им ги шлака Шарената револуција и ќе си се стават на билборд, и ќе го позајмат слоганот на Ѓорге „Државата пред сè“?

    Зошто? Затоа што Ѓорге Иванов рекол дека се невини и – тие се невини? Затоа што за Македонија се работи? Силата на зборот наспроти чистотата на образот.

    Мислите дека ги боли за зградите, за обоениот гипс, за новите прескапи споменици, за нашите 600 милиони евра што ги потрошија за фалшлив барок? Не бре. Сега ги боли само како да се спасат. И уште од Пржино тука веќе не станува збор за преговори за избори. Ова се преговори како да си ги спасат парите.  И евентуално кожата.

    4 Како што Груевски глуми дека е само лидер на партија, а не и премиер, така и Ѓоле глуми дека е претседател и татко на нацијата. Пред две недели потпиша аболиција за осомничени криминалци и за по некој сведок што потоа го најдоа застрелан, а пред два дена постхумно им даваше ордени на семејствата на осумтемина полицајци што загинаа лани на 9 мај во акцијата во кумановско Диво насеље.

    Полицајците си ги заслужија сите ордени на светот, оти до последен здив си ја вршеа својата работа. Ама прашањето е како претседателот, што пред две недели се фалеше дека има начини да дознае сè во државата, сè уште не ни кажа дали дознал зошто загинаа полицајците. Кој ја смисли акцијата?  И кој ги пушти да загинат? Единствено е познато дека три дена подоцна оставка си дадоа и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и шефот на тајната полиција Сашо Мијалков. Никој не дозна зошто.

    Па уште на свеченоста на доделувањето на ордените Иванов им раскажуваше на полицајците дека се соочувале со „насилни акти во градовите и последиците на политичката криза“. Оти му го искршија излогот на канцеларијата во која влегуваа само тие што ги интересираше дали уште стојат автобуси на ЈСП пред „Рекорд“.

    Што е насилство за Иванов? Црвената вода во фонтаните. А не е насилство да убиеш симпатизер на сопствената партија на победнички митинг и потоа брутално да го криеш убиството.

    А потоа, кога на 5 мај лани се откри како четири години била криена вистината за смртта на Мартин, не беше насилство кога полицијата во читална во библиотека ги ловеше студентите што протестираа. И не беше насилство свеченото промовирање на водените топови што Иванов ги доби на подарок од неговиот пријател Ердоган.

    И сега, претседателот дели ордени на жртвите на политиката што тој ја аболицираше. Не знам дали е лицемерие. Или злоба. Оти глупост сигурно не е.

    Тоа што Иванов одлучил да се понижува себеси е сосема неважно. Ама дај нека престане да ја понижува функцијата претседател. Оти понижувајќи го претседателот ги понижува и граѓаните. И нè навредува. Ние се срамиме поради него.

     

     

     

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира