ОД ВАС ЗАВИСИ

Ние ќе го промениме Уставот, кога не сме го промениле.  Ама, ЕУ ќе ја промени ли Бугарија?

ОД ВАС ЗАВИСИ

1 Уште во 2002 година, на фестивалот за избор на Песна на Евровизија, Каролина пееше „Од нас зависи“ за „некое мало парче земја на југ што може да биде рај“. Па дојде 2008 и грчкото вето за НАТО. Па дојде 2011 и пресудата на Меѓународниот суд на правдата со која ја победивме Грција, ама во НАТО не влеговме.

Зависеше од нас кога во 2018 го сменивме името со промена на Уставот. Ама тогаш Американците ветија дека ќе нè внесат во НАТО и – станавме НАТО. Но веднаш потоа, кога дојде време да зависи од ЕУ, се уверивме дека зависи од Бугарија. Од нас, пак – ич не зависи.

Затоа, најдобро би ѝ било на власта веќе да не ни кажува дека за да влеземе во ЕУ сè зависи од нас. Контрапродуктивно е. „Од нас зависи“ е само уште една истрошена фраза на македонскиот пат кон ЕУ.

Впрочем, суштината на нашата неуспешна евроинтеграција е недоследноста на ЕУ.  Чуму ти се Копенхашки критериуми, реформи, судство, антикорупција, човекови права, екологија, добро владеење, закони со европски знаменца, кога главната задача е – променете го Уставот. И кога премиерот Димитар Ковачевски вели „сега од нас зависи“, не верувам дека и самиот верува во тоа што го зборува. Исто како што не верувам и дека кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели „не прифаќаме промена на Устав под бугарски диктат“, тој не е свесен дека тој бугарски диктат со оној несреќен француски предлог од минатото лето стана европски диктат.

И кога од сè што треба да се исполни за „ова мало парче земја на југ биде рај“ главната задача ќе биде „Променете го Уставот“, еве да ја исполниме и таа задача.  Ама, што откако ќе го промениме Уставот? Ќе ја промените ли вие Бугарија? Оти нели, не преговараме со Бугарија, преговараме со ЕУ.

А бе, ајде…

2 Министерот за надворешни работи Бујар Османи имал средба со американскиот заменик-амбасадор, амбасадорот на ЕУ и амбасадорот на Холандија и објави соопштение дека „овој пат клучот е кај нас, и со особена благодарност гледаме на поддршката на нашите меѓународни пријатели кои обезбедија навистина сериозни гаранции со поддршка за земјава во овој процес“.

За какви гаранции зборува Османи, кога Европјаните самите велат дека не можат да дадат гаранции? Какви се тие „сериозни гаранции“, кога ЕУ нема систем да даде такви гаранции? И не знам зошто Османи упорно се обидува да им помогне на Европјаните да си го измијат образот што Бугарија им го злоупотреби системот. Упорно се труди да им помогне на останатите 26 земји-членки на ЕУ да си го проголтаат срамот што дозволија во нивниот елитен демократски клуб  да стане нормално некој да не признава постоење на народ и јазик. Наместо да им се качи на глава и да им вика „Како не ви е срам“, Османи упорно се труди ние да се чувствуваме кабает за европскиот кабает.

Како бре, министре Османи, „овој пат клучот е кај нас“ кога бравата сè уште ја држи заклучена одвнатре Бугарија? И оној Радев не ни крие дека дури и да ја отклучиме оваа брава, тие ќе стават уште една. И уште една. И уште една…

3 И еве, пак ќе речам – и да го смениме Уставот, па што?. Кога не сме го смениле, ако тоа го барала ЕУ од нас? Нашата болка не е евроинтеграцијата да зависи од нас. Нашата болка е нашето членство во ЕУ да не зависи од Бугарија. Како тоа не им е јасно и на нашава влада и на сите оние европски тројки министри што ни доаѓаат и веројатно уште ќе доаѓаат да нè убедуваат да го смениме Уставот? Многу лежерно си го изговараат она „од вас зависи“, а всушност многу добро знаат дека не зависи од нас. Од нив зависи. Ако се искрени во тоа што го зборуваат и не ни продаваат пуфки дека навистина сакаат проширување на ЕУ, нека си ја приберат Бугарија за да престане да нè дестабилизира.

И еве, пак ќе речам – и да го смениме Уставот. Проблем ли било да се менува Устав? Ама ако ЕУ, па и САД кои го поддржаа оној несреќен француски предлог допуштат Бугарија да има уште барања и по внесувањето на Бугарите во Преамбулата, тоа ќе значи братоубиствена војна кај нас во вистинска смисла. Оваа омраза меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, поттикната уште и со јакнењето на проруската Левица и арогантниот башибозук на ДУИ, кои ако ги обвиниш дека крадат ќе те  направат албанофоб, нема да излезе на арно. Особено што ВМРО веќе си се гледа како победник на изборите и прави списоци. Па ние еднаш веќе имавме организиран напад на Собранието. Уште Никола Груевски го есапат за политичар на кого му мерат рејтинг на анкети. Па уште и ако Албанија ги почне преговорите, а ние не… Оти Албаниј демек заслужила, а ние не… Ете, до толку зависи од нас. И од Копехашките критериуми на ЕУ.

А бе, ајде…

Копенхашки критериуми, велите, а? Со софиско толкување. Со 16 пресуди на судот во Стразбур поради непризнавање на макединското малцинство во Бугарија, членка што жари и пали во ЕУ.

Флексибилни критериуми не се критериуми. Критериуми чија флексибилност зависи од соседот на земјата што треба да се прими во ЕУ – не се критериуми. Дека Бугарија ептен ги исполни сите критериуми за влез во ЕУ кога ја примија во 2007. Уште не ја есапат за нормална ЕУ членка. Шест години пред Хрватска влегоа во ЕУ, а уште не ги примаат ни во Шенген ни во еврозоната, оти ептен се сериозна држава. Дека Кипар може цел остров да биде признат како членка на ЕУ иако е пола поделена држава, со трупи на ОН како миротворци, ама Босна и Херцеговина не може. Дека Унгарија и Полска најревносно ги почитуваат Копенхашките критериуми, особено оние за човековите права, ама Црна Гора што ги почна преговорите уште во 2012 не ги ги почитува. Само 600.000 жители се и тоа со излез на море, ама нивата политичка корупција може да ги загрози ЕУ вредностите многу посериозно отколку романската и бугарската корупција заедно. Можеби само Хрватска ја малтретираа приближно како нас, макар што, ним барем не им спореа дека се Хрвати што зборуваат хрватски јазик.

Европската унија во случајот со Македонија им тури пепел на Копенхашките критериуми. Земјите-членки на ЕУ можеби се чувствуваат доволно моќни за да можат да си дозволат застој во проширувањето. Можеби покрај војната во Украина на источната граница, Европа може да си дозволи и нестабилност на јужното крило на НАТО. Ама Македонија не може да издржи уште една измама од ЕУ. Македонија не може да издржи уште едно вето.

Ако и по внесувањето на Бугарите во Уставот, ЕУ и САД не ја сопрат Бугарија да престане со класичното малтретирање на Македонија и Македонците, овде ќе има голема белја.

Не сме ние фактор на нестабилност, ни на ЕУ, ни на регионот. Напротив, Бугарија е фактор на нестабилност. А ЕУ ја помага таа нестабилност.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира