1 Боже, боже, каков оптимизам ни шири премиерот Христијан Мицкоски откако се сретнал со францускиот претседател Емануел Макрон, на маргините на Самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта. Истиот Макрон што прво нѐ зафркна, па по промената на името на државата согласно Преспанскиот договор, наместо да испорача тоа што го вети, почеток на преговори со ЕУ, измисли некаква нова методологија за пристапување кон ЕУ во 2019 и го отвори патот за бугарското вето. Па после, дополнително нѐ дотепа со францускиот предлог од 2022 за внесување на Бугарите во Уставот, ама не како услов за влез во ЕУ, туку само за почеток на преговори. Не умри магаре до зелена трева. Ко што би рекол Мицкоски, најоптимистички досега: „Ќе продолжиме да се бориме за Македонија и во неделите, месеците, годините коишто следат“.
Што е оптимистичкото? Самата средба со Макрон? Средба на маргините. Оптимизам на маргините.
А што ти останува друго, освен да шириш оптимизам, кога си на маргините на главниот настан.
2 Нејсе. Европските бирократи ќе продолжат да ја рецитираат научената стихотворба за проширувањето на ЕУ, што тука веќе станува премногу досадна за слушање. Една од нив е и идната еврокомесарка за проширување, Словенката Марта Кос, која во Европскиот парламент повтори „очекуваме земјата-кандидатка Северна Македонија да го промени Уставот“. И потсети дека „кога зборувам за билатерализација на можни спорови меѓу земји-членки и земји-кандидатки, интересот на земјите-членки секако дека доаѓа прв“. Значи, Европската унија секогаш ќе биде на страната на членките, а не на страната на правичноста. Тури им пепел на Копенхашките критериуми.
А утредента, откако Мицкоски изјави дека „со секоја средба сѐ повеќе и повеќе се бориме за нашите аргументи и за вистината онаква каква што е“, Елисејската палата испрати соопштение од средбата со Макрон дека Франција ќе го поддржи евроинтегративниот пат на Северна Македонија „во согласност со нејзините меѓународни обврски“.
И сега, што правиме? Еве, претходната Влада згреши. Презела обврска што македонските граѓани не можат да ја исполнат. И – што правиме сега?
Толку ли е тешко Мицкоски и Венко Филипче да дефинираат за што можат да се согласат, па заедно да понудат решение?
Прво: Што ни е главен државен интерес? Да влеземе во ЕУ. Согласни сме за тоа? Да. Одиме понатаму.
Второ: Согласни ли сме да ги вклучиме и Бугарите во Уставот, како државотворен народ иако немаат заслуга во борбата за македонска државност? Напротив, нивната матична држава Бугарија била и сѐ уште е непријател на македонската држава. Ама ако. Ќе ги пишеме и нив во Преамбулата. Кој посакал, влегол во македонскиот Устав, па нека влезат и Бугарите.
Трето: Согласни ли сме дека веќе нема да ги трпиме навредите и уцените од Бугарија, поддржани од Европската унија, и дека внесувањето на Бугарите во Уставот ќе биде последното понижување што би го проголтале во име на иднината во ЕУ? Верувам дека и за тоа ќе се согласат.
После, седнете пак заедно и кажете ни што сте се согласиле. Во Собрание ли, на лидерска средба ли во Клубот на пратеници, во кафеана ли… Сеедно е. Пишете писмо, носете декларации, резолуции, одете таму, носете им го писмото во сите 27 земји во ЕУ, држете прес-конференции, давајте изјави, соопштенија… Што сакате правете. Важно е дека сте се согласиле. А и ние граѓаните ќе знаеме на што сме.
Оваа битка не се води сам по сам. Не може земјата да оди напред, ако лидерите на партиите се гледат низ нишан. Не оти тие се мразат. Туку таков им е начинот на разговор. Што повеќе си се поганат едни против други, така нѐ лажат дека повеќе се грижат за државата. И така 33 години.
Тераме веќе трета деценија од 21 век, а ние уште во политиката се бавиме со предавници и патриоти, божем сме крај на 19 век. Тешки глупости.
За сѐ друго ако сакате ископајте си ги очите. Ама за ЕУ, ако веќе сме се договориле дека тоа е врвен државен интерес, фатете се рака под рака и заедно одете им во Брисел. Кај Урсула, кај Марта, ете тие нека ја пренесат пораката. Кажете им: Еве, имаме консензус. Ќе ги ставиме Бугарите во Уставот, ама вие спасете нѐ од Бугарија. Бараме гаранции дека Бугарија ќе престане да нѐ малтретира на национална основа во процесот на преговарање. Викате, не можете да дадете гаранции? Никој не може да даде гаранции? Така се чини, ама ако има политичка волја, ќе се најде и начин.
Арно ама, имаме преговарачка рамка. А бе, ајде. Синким ова се десетте заповеди што му ги дал Бог на Мојсеј на две камени табли на кои пишува: „Преговарачка рамка“ и „Протокол за почеток на преговорите“. Бујар Османи нешто исклесал на камен и тоа ќе остане за век и векови – амин.
Устав може да се смени ако треба уште 100 пати, име на држава може да се смени, ама преговарачка рамка – никако.
3 Во моментот кога ќе решат да нѐ примат во ЕУ, ќе почнат да бараат и решенија како да нѐ примат во ЕУ. Како што нашле решенија за Бугарија и Романија во 2007, како што најдоа решение за Хрватска во 2013 и како што најдоа решение и за десетте земји од источниот блок сосе Словенија во 2004. Се бавеле со тоа. Сакале да ги примат, решиле да ги примат. Сите тие беа помалку проблематични од нас, нели? Копенхашки критериуми цветаа на сите страни. Еве ги сега, прецветуваат. Со Трамп од другата страна на Атлантикот и со сите мали трамповци што им го воскреснуваат фашизмот во крајната десница низ сите европски земји, уште повеќе ќе цветаат.
Не, бре. Да не се лажеме. Европската унија, таква каква што е сега, нема донесено одлука да го прими Западниот Балкан. Може Урсула фон дер Лајен да дојде уште 100 пати во Скопје да ни каже дека „Европа не е цела без Западен Балкан“ – џабе ѝ е. Одамна помина времето кога тоа сериозно го сфаќавме. Едноставно, не сакаат да се замараат со нас. За волја на вистината, нѐ ставаат на дневен ред, нѐ викаат понекогаш да прошетаме, да се измешаме со нив по ходници, на маргините, па и тркалезни маси за нас организираат. Колку да им најдат работа на некои бирократи за да ги оправдаат високите плати што ги земаат.
Нѐ презираат. Ние сме за нив ниска раса. Таму некои Балканци што заслужуваат да бидат малтретирани на граница. Што не заслужуваат ни роаминг да им се пушти без пари, па кај што не можат да се движат слободно, ако може и помалку на телефон да зборуваат.
Тоа е тоа. Така што, наместо да ѝ го береме гајлето на ЕУ, дај веќе еднаш да си го береме нашето гајле. Какви „недели, месеци, години“ ни споменува Мицкоски и ни дава надеж со нешто што му се причинило дека е оптимистично.
Ние, што останавме тука, треба да живееме. А не, да се надеваме.
АУДИО ПОДКАСТ