1 Треба да изградиме два споменика како сеќавање на трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која во пожар на 16 март загинаа 59-мина, речиси 200 млади луѓе се повредени, а некои од нив уште се борат за живот. Еден споменик со список на имињата на настраданите, меѓу кои и 6 деца. И друг споменик со список на сите законски процедури што биле прескокнати и со имињата на сите кои, дали со потпис, дали со нереагирање на очигледната незаконитост, придонеле овој објект повеќе од 12 години да работи како дискотека.
Кога ќе застанеме пред тој споменик да ни текне дека корупцијата не е само давање мито, прескокнување на редот, богатење со кршење закони… Непригодно би било дури и да се каже дека тоа би бил споменик кој потсетува дека корупцијата убива. Не. Кочани не е несреќен случај. Тоа би бил споменик кој треба да нѐ потсети дека ова е систематско убиство со корупција што заврши со истребување на една цела генерација во еден град.
2 Кога ќе застанеме пред тој споменик на корупцијата секој од нас ќе може да си се праша: Што очекувам од себеси јас како како граѓанин во оваа држава? Дали очекувам да живеам или да преживувам? Па, сите овие фалинки на системот што власта и обвинителството успеаја да ги откријат за помалку од недела дена се список на несреќи што само чекаат да се случат во стотици јавни објекти. Синким, досега не ги знаевме. Ние живееме, работиме и се забавуваме во тие објекти. Дури, неодамна цело министерство се всели во зграда без технички прием и употребна дозвола.
Сега сите го обвинуваме „системот“ што очигледно е толку штетен што ни ги избрка децата, а тие што останаа ги отепа. Ама, системот не е паднат од Марс. Тој систем не може да се смени со апатија и самосожалување.
Ако на прашањето дали сакаме да живееме или да преживуваме избереме преживување, тогаш и заслужуваме да си продолжиме да се самосожалуваме, до следната несреќа. Сите знаевме, ама сега на најстрашен начин се уверивме дека во тој систем имаме луѓе кои едноставно ни со умот не се дораснати за одговорностите што сме им ги довериле како граѓани и даночни обврзници. Сите процедури се така поставени, божем ние граѓаните сме криминалците кога пријавуваме загадување, бука, непријатни мириси, блокирани улици, тротоари, влезови на згради. Ние треба да докажуваме дека сме во право, да предупредуваме дека сме небезбедни, загрозени, малтретирани од моќници… Закони има, купишта подзаконски акти, правилници, точки и запирки за што поефикасно насилие врз граѓаните, а не за служба во корист на граѓаните и општо добро.
Ако, пак, сакаме да живееме, тогаш ќе мора да научиме тоа да ни биде главното барање од сите политичари што ги гласаме, да се бориме за остварување на тоа барање и никако да не отстапуваме, без оглед што ќе речат и власта и опозицијата. Оти, очигледно, досега од нив не сме барале ништо. Освен вработувања на државна плата.
Оваа трагедија или ќе нѐ дотепа, или ќе излеземе посилни и попаметни. Затоа е клучен одговорот на тоа прашање: Што сакаме од себеси ние како граѓани? Да живееме? Или да преживуваме?
3 Моите блиски и пријатели честопати се шегувале со мене затоа што секогаш кога ќе сме се нашле во затворен простор со многу луѓе, прво на што сум им обрнувал внимание било да гледам како може најбрзо да се излезе. Може ми е останато од времето кога учевме одбрана и заштита и во училиштата одвреме-навреме ни правеа вежби за спасување, ама не е лошо, кога веќе не можеме на газдите да им ги проверуваме лиценците, барем во главата секогаш да си правиме план за евакуација од затворениот простор кајшто сме се нашле.
Ако веќе немаме направено план за евакуација од државата.
AUDIO PODCAST