1 Дваесет и четири ученици од основните и 26 ученици од средните училишта во Штип не се појавиле на часови во второто полугодие. Со нивните родители заминале во странство.
Не е дека тука не им се работело и дека на децата не им се учело. Си заминале баш за да работат, а нивните деца да учат. Си заминале оти веќе не им се чекало Димитар Ковачевски да победи, па во вториот мандат, заедно со Али Ахмети, да ја внесе Македонија во ЕУ. Ниту пак веќе имаат трпение да го чекаат Христијан Мицкоски да им каже како мисли да ја внесе Македонија во ЕУ, ама прво да го гласаат за да победи на избори. Веќе не сакаат да слушаат празни ветувања, ни од домашните политичари, ни од ЕУ.
Од осамостојувањето досега, ниту една власт не успеа да расчисти со корупција, да ја прекине практиката на купување гласачка машинерија со партиско полнење на јавната администрација, да ги почитува способните и слободномислечките наместо лојалните послушници, да обезбеди неселективна казнивост, да стави ред и во државните институции и во општините, да обезбеди почитување на законите, добро владеење, отчетност, одговорност…
Овие 50 деца од Штип за време на распустот веќе ја фатија европската иднина. Толку се само од Штип. Од другите места уште никој не ги преброил. Знаете ли колку ним им е гајле за Ковачевски, Мицкоски и Ахмети? Ќе си почнат нов живот таму, ќе си учат, ќе си работат, ќе си направат нов дом, ќе си создадат семејства и евентуално ќе доаѓаат да земат по некоја тегла ајвар, ако остане некој што ќе знае да го направи.
И нека престанат веќе партиите да се обвинувааат меѓусебно зошто не можат да ни донесат европски ред дома, кога има едно чудо работи што можат да ги спроведат и без ЕУ. И да не беа кадарни да ги спроведат, досега ќе научеа, ама едноставно, не сакаат.
Не сакам веќе да слушам ветувања за ЕУ. Не сакам ЕУ – којзнае кога. Не сакам ЕУ во најава. Не сакам ЕУ на почек. И не сакам некој да нѐ внесува во ЕУ, кога ионака живеам во Европа. Си ја сакам ЕУ дома. И си ја сакам ЕУ – сега.
2 Не можејќи ЕУ да ни ја донесат дома, СДСМ и ДУИ на трибини ќе ни кажуваат дека требало да влеземе во ЕУ. Убедени се дека ќе победат на избори со говори на европски конференции. Како тргнале сите порази да ни ги претставуваат како успех, на крај уште ќе нѐ убедуваат дека и бугарското вето е успех.
Премиерот Ковачевски вели дека „за првпат ветото за европската интеграција на Северна Македонија доаѓа од внатре“ и убеден е дека по изборите ќе има коалиција што ќе обезбеди 80 пратеници за внесување на Бугарите во Уставот.
Значи, влезот во ЕУ станува партиско прашање. Значи, влезот во ЕУ не е државно прашање, туку партиски интерес е кој ќе ги почне преговорите. А не е партиски интерес што треба да се стори за да ја направат Македонија кадарна држава за ЕУ.
Ветото не е од внатре. Ветото е на ЕУ, на чело со Бугарија. Имаме конкретен најнепријателски потег на соседна држава што не го признава македонскиот идентитет. Имаме конкретно вето ставено од позиција на сила. Ама, власта досега не прифати дискусија што ќе правиме со тоа вето. Со францускиот предлог власта прифати услов без да има план како ќе го испорача. И сега им се виновни сите што им викаа дека планот им е неспроведлив и не сакаат да се гласаат уставните измени.
Ако било толку лесно да се обезбедат 80 гласови во Собранието, зошто не ги обезбедија досега?
До тука дојдовме чекајќи ЕУ и САД да ни го решат проблемот. Дека, „странците така викаат“. „Ај вие кажете како, ние ќе прифатиме“. Мора да си многу наивен ако мислиш дека твојот проблем некој ќе го реши во твоја корист. Можеби некојпат и ќе ти се погоди, ама сакако ќе го реши како што му е најлесно.
Е па, така е кога сојузништвото го сфаќаш како подаништво.
На крајот на краиштата, и тоа бугарско вето ќе болеше многу помалку ако ова беше нормална држава. Обесхрабреноста доаѓа од таму дека државата нѐ ни ја бива, а не дека ЕУ ни вика оти многу нѐ сака, ама не баш толку за да ѝ ја свитка раката на Бугарија. Државата што не почитува 14 пресуди на Судот за човекови права поврзани со правата на Македонците во земја-членка на ЕУ.
3 Впрочем, убеден сум дека САД многу повеќе сакаат да ја видат Македонија во ЕУ, отколку што тоа го сака ЕУ.
Помошникот-државен секретар Џејмс О’Брајан изјави дека една партија предлага пат напред кон ЕУ, а другата ветува дека ќе смисли начин како да ја придвижи земјата, па редно е граѓаните да одлучат меѓу тоа што го знаат и тоа што е само ветување.
Во големата слика Америка си има свои планови и програма и имаме среќа дека ни се поклопуваат интересите за стабилност и безбедност и во овој дел на Европа. Америка гледа како да си го реши својот проблем и смета дека за да се обезбеди таа стабилност најдобро е целиот регион да стане дел од ЕУ.
Арно ама, ни СДСМ, ни ВМРО-ДПМНЕ, ни ДУИ не излегуваат на избори во Вајоминг и Ајова. А ни О’Брајан, па ни амбасадорката Анџела Агелер не се заведени во ДИК на македонскиот список на гласачи.
И, уште нешто на темава, кога веќе американскиот дипломат ги споменува ветувањата. И ЕУ ветуваше дека кога ќе го смениме името, ќе ги почнеме преговорите, па нѐ измами. А сега дури ништо не ни ни ветува откако ќе ги ставиме Бугарите во Уставот.
САД и земјите на ЕУ си ја бркаат својата работа. Прашањето е зошто нашава власт прифатила да го решава проблемот на ЕУ, а не проблемот на нашите граѓани?
4 Комични се прес-конференциите и соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ во кои секој ден повторуваат дека „никогаш не било полошо“.
Не дека е супер добро, ама ај не трескајте глупости дека „никогаш не било полошо“. Не е полошо дури ни за вмровците инсталирани по разни државни институции, јавни претпријатија, општински комунални служби… Малку се примирија „како мечка во пештера“ и еве ги уште отсега се гледаат како победници, земаат залет, дури и се закануваат што ќе им прават на неистомислениците.
Македонија страда од кусо паметење, ама сепак, не сме баш толку изматуфени. Уште го паметиме бегството на Никола Груевски во Будимпешта. И него да го жалиме, оти никогаш не му било полошо.
„Никогаш не било полошо“ вика партијата што организираше напад на Собранието на 27 април 2017. Што со сила ги исфрли од Собранието пратениците од опозицијата и новинарите при гласањето на буџетот на 24 декември 2012.
„Никогаш не било полошо“ од војната во 2001, од кумановско Диво Насеље, од „пиштење вриштење ќе има“, од „една војна да направиме“, од „во ендек сосе фамилија, сосе децата“, од „едно убиство да не можеш да скриеш“, „ќе те спружам на насловна“, „два-три шамара, не е кривично дело“, од давање цела земја под концесија за рудници, од искрадени милијарди и одлеани по разни Белизеа…
Синким не се знаеме кои сме и што сме, па од Белата палата изградена со крадени пари ќе ни кажуваат дека „никогаш не било полошо“.
Полошо е дека Христијан Мицкоски ниту еднаш не се извини за злоделата и масовниот грабеж на државата што го правеше неговата партија. Што значи дека тој не ни мисли оти тоа што го правеле било лошо. А тоа значи дека така и ќе продолжат ако дојдат на власт.
А најлошо е што од сета сегашна понуда, нема баш некоја добра вест за граѓаните.
АУДИО ПОДКАСТ