РАДОВИШКА ПОЖАРНА

Сѐ по закон, шефе! Верувај ми, ние ги правевме законите.

РАДОВИШКА ПОЖАРНА

1 Добро бе, Заев! Ти барем доаѓаш од приватен бизнис. Газда си. Да те прашам нешто. Ако директорите што си ги поставил во фирмата да управуваат со твоите пари си поделат 16 плати за 12 месеци, а на работниците им фрлиле по некои 2.000 денари за да ги замолчат, ќе им дозволиш ли да продолжат да ти ги трошат парите? Или ќе ги избркаш и ќе си побараш нови директори? Ќе му дадеш ли бонус на директорот само затоа што доаѓал на работа и си ја вршел работата за која е примен? Прашувам за овие од Државната изборна комисија. Оти, ние сме им газди. Наши пари трошат. А тебе сме ти дале мандат да управуваш со нашите пари во наш најдобар интерес.

Еве и вицепремиерот Кочо Анѓушев е газда. Ќе му дозволи ли газда Кочо на некој директор да му потроши 3.000 евра за авионска карта? Веројатно ќе му дозволи, ама ако ептен му е битно директорот да му се појави на некој многу важен настан. За оној, директорот на некоја агенција за туристичка промоција прашувам, што морал да оди до Аргентина, ама бил уморен па си купил карта за бизнис класа. Од нашите пари. Оти ние сме му работодавачи. Се спотерал до Аргентина за нас да нѐ промовира.

И министерот за јавна администрација Дамјан Манчевски, чинам, едно време имаше приватна фирма. Не знам дали уште е газда, кој сега да проверува. Ама еве и за него едно прашање: Дали во неговата фирма би давал плата за некој што никогаш не му се појавил на работа, само за да не гo мрази? Да не му вика дека го отпушта поради реваншизам. Или, за некој што одбива да работи во смени, а тој како газда проценил дека има работа за две смени? Прашувам, оти Манчевски ветува дека никој од јавната администрација нема да биде отпуштен од работа. Напротив. Примаат нови.

Приказната за бонусите што си ги поделиле во ДИК ја дознавме оти ни ја откри американскиот амбасадор. Во Македонија има над 2.000 државни институции, комисии, јавни претпријатија, агенции, локална администрација, управни одбори, надзорни одбори, ревизорски тела, инспекторати… Каде се нивните приказни? Кој ќе им обезбеди плата на тие луѓе? Кој ќе им води контрола како ги трошат нашите пари? Кој ќе им ги испофаќа сите они дневници, патни трошоци, ручеци за репрезентации, слободни денови…

И кога членовите на ДИК се правдаат дека заслужено си ги заработиле платите, тоа не е спорно. И други јавни служби заслужено си зеле плата.

А нашите плати не се ли заслужено заработени? Оти, прво ние мора да заработиме за ним да им обезбедиме плата. И не им ја даваме платата затоа што се убави и паметни. Туку затоа што треба да ни испорачаат услуга. А не затоа што ги поставила некоја партија.  И не затоа што мислат дека тоа природно им следува.

2 ДИК е само еден случајно откриен пример кој покажува дека јавната служба во Македонија е така поставена, што ја изгубила смислата дека таа постои затоа што е од јавен интерес. А го изгубила и моралот затоа што криејќи се зад јавниот интерес, си го го гледа само приватниот.

Разочарувањето за ДИК е уште поголемо, оти таму седат правници, судии… Фиљан луѓе. Интелектуалци. Учени. Шетани. Изживеани. Дел од елитата на општеството. Па навистина те фаќа очај дека во земја во која што децата ги лечиме со смс пораки, тие што треба да дадат ум како да се реши тој проблем, си зеле бонуси оти само оделе на работа. Да не збориме дека можеле и да одбијат да бидат членови на ДИК ако им биле мали платите, а напорна работата.

3 Во македонскиот државен систем на вредности ова не е грабеж. Ова едноставно е култура на живеење со морални вредности кои не водат сметка за трошењето на заедничките пари. Традиционални вредности на државните службеници кои безгрижно ги трошат нашите пари оти никој не им бара отчет. Оти не смее да им побара. Ги штити партијата. А и законски било. Така требало да биде. Со правилници што сами си ги напишале и ги изгласале.

Нели рековте нема да крадете ко што крадела ВМРО-ДПМНЕ. Нели рековте споменици нема да градите. Тогаш зошто измислувате нови даноци? За да продолжиме да ја храниме и вашата партиска администрација. Како што сте почнале, ќе дојде ден кога ќе нема од кого да земете. Ни за плати, ни за бонуси. Ни за патни трошоци.

Не е само ДИК. Така е од комуналните претпријатија во најмалите општини, па сѐ до највисоките судови и Собранието. Тие прават политички кризи и закани за безбедноста на државата оти не можат да се согласат околку највисоките основни државни интереси, ама ако треба да се краде од граѓаните, сите разлики се решаваат со консензус. Немаат проблем ни со идеологијата, ни со името, ни со знамето, ни со идентитетот, ни со јазикот. И да е стојазична, и да е еднојазична, одлуката за пари не им пречи. Сложно ги крадеме граѓаните.

4 Еве уште еден пример за ефикасен јавен сервис кој не ни го раскажа американскиот амбасадор.  А британскиот амбасадор не ни го посочил, иако во приказната има елементи на британски хумор.

Дејствието се случува во Радовиш. Општината е многу сиромашна, немала пари да си купи пожарно возило. И противпожарно здружене од Велика Британија  им подарило пожарно возило на радовишани. Многу убаво. Енглеско. Светски изгледа. Толку убаво, што возачот на пожарната кога се женел тргнал по невестата сосе цистерната. Дотеран, сосе музика и сосе развеано македонско знаме на кровот на кабината, со сите салтанати.

Ама, тоа не е сѐ. Младоженецот додека одел на работа, за да не си го арчи времето за џабе, а пожар нема, во работно време, со свое комбе ги развезувал учителките од државните училишта до дома и до школо. И тоа со знаење на шефот. И за тоа примал хонорар. Од општинскиот буџет, од парите на граѓаните. Ако не дај Боже се случел пожар, ќе ги оставел учителките сред пат и ќе тркнел да си го земе камионот.

Арно ама, бидејќи пожарниот камион не е негов, ами е на граѓаните, некому му текнало да го пријави.  И кога полицијата отишла да го бара младоженецот и командирот што му давал да работи хонорарно во работно време, во зградата на пожарната пронашла апарат за коцкање. Што правеле со апаратот за коцкање, допрва ќе се истражува. Сигурно е само дека апаратот не им е донација од некоја странска амбасада. Па и сами да си го купиле, заслужено си ги заработиле парите, ко што би рекле овие од ДИК. Еднаш плата, еднаш хонорар од граѓаните земале.

Да го ставиш сето ова на филм, кога ќе го гледаат, ќе коментираат: „Е, кај го има ова? Претеравте со креативноста. Стварно многу измислувате“.

5 Во извештајот на Комисијата за злоупотреби со рачно местење на судски предмети во Основниот суд Скопје 1 и во Врховниот суд, Министерството за правда препорачува: „Доследно почитување на Законот за судовите, Законот за управување со движењето на предметите во судовите и Судскиот деловник“. А на Судскиот совет му се препорачува: „перманентно да ја следи работата на судовите“.

Што не е јасно тука? Државата им препорачува на судиите да го почитуваат законот. А на Судскиот совет да си ја врши работата.

Апсурдно е, ама вистинито. Веќе е глупаво да се прашуваме – Кај живееме ние?

6Што значи тоа дека сѐ е законски? Па Груевски и неговата клика не паднаа затоа што работеле незаконски. Паднаа оти кога ги чувме бомбите видовме колку биле морални, колку биле лицемерни, себични, бескрупулозни, алчни, лоши… И чувме како законите си ги штелувале за своите потреби. Поточно, за богатење со нашите пари.

Како викаа? „Сѐ по закон шефе! Верувај ми, ние ги правевме законите “.

Ало Заев, прибери си ги малку службите. Прв, втор, трет ешалон. Оти кога ќе тргне лавината, нема спас. Ни НАТО, ни Јункер, ни Хан, ни Борисов, ни гушкања, ни баци рака кај владика, ни тапкања по рамо те спасуваат… Памтиш? Викаше: Ова зло никако да не се повтори.

Е па, почна да се повторува.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира