РАЗБУДИ СЕ КАТО

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:160:"Дамипроститеназборот,арсенесмртоносенотров,аешерихијаколиеубавзборзагомна

1 Водата во Дојранското езеро од среда ќе биде со одличен квалитет.  Владата ги смени правилниците за квалитет на вода, и тоа што до сега важело како вода забранета за капење, од среда ќе биде вода добра и за пиење. Еден Службен весник чуда прави.

Проблем ли биле правилници? Проблем ли било закон да се донесе, а не пак да се смени. Чувме во прислушуваните разговори дека не било проблем и урбанистички планови да се менуваат. Како беше она – „Миле ми текна, а ГУП-от да го смениме“.

Е па сега, на Нино му текна.

Постои една државна институција што се вика Институт за јавно здравје. Во која експерти, учени луѓе, со научни тестови измериле дека водата во Дојранското Езеро е загадена и наредиле да се постават табли за забрането капење.

Арно ама, постои и институција градоначалник, кадар на владејачката партија, и институција министер за здравство и вицепремиер, исто така многу важен кадар на владејачката партија, кои ај што не ѝ веруваат на државната институција Институт за јавно здравје, туку не ѝ веруваат ни на науката. И како што ВМРО-ДПМНЕ за секој протест измисли контрапротест, за секој штрајк измисли контраштрајк, за секоја невладина организација измисли контраневладина организација, овој пат за анализата на водата во Дојран измисли контраанализа.  И нечекајќи ги резултатите од контраанализата, министерот Никола Тодоров пресече – водата во Дојран е чиста и здрава за капење. Додуша, тој не објасни како знае дека водата е чиста, ама пред неговиот збор и науката молчи.

Исто како кога не убедува дека нема инсулинска криза, дека мајката на Тамара е виновна за нејзината смрт, дека е нормално новороденчиња да умираат во родилишта…

Па дури, еден човек во вести на ТВ и сркаше од водата за да докаже дека е здрава, а еден поп сосе мантија влезе во езерото, чиишто води се забранети за капење оти имало фекални бактерии,  и крштеваше бебе во присуство на таткото, кој што исто така беше влезен во водата. Така што, не кажаа само градоначалникот и министерот дека водата во која Институтот за јавна здравје нашол ешерихија коли е здрава, туку и попот потврди. Што ти е институција на која треба да и се верува – ВМРО-вски градоначалник, ВМРО-вски министер и ВМРО-вски поп. И – ВМРО-вски родител што си го жртвува детето за партијата.

Груевски сигурно е пресреќен. Оти а Господ, а ВМРО – исто ти е.

2 Требаше да ја видиме сликата со бебето што во име на партијата го капат во вода со ешерихија коли за да сфатиме дека сме грешеле кога сме викале дека ВМРО-ДПМНЕ губи контакт со реалноста. Не. Тие имаат перфектен контакт со реалноста. И сè додека наоѓаат луѓе што се спремни и децата да ги капат во гомна (да ми простите на зборот) и самите да јадат гомна (да ми простите на зборот) пред камери, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја менува стварноста.

Па ние десет години живееме во стварност создадена од пропагандна машина.  Со случајот Дојран одат и чекор понатаму од пропагандата.  Со таква бесрамност кажуваат колосални лаги, што ние се прашуваме дали сме ние во ред? Бебе капат во докажано загадено езеро. И сркаат од водата. Па ние што не сркаме, оти му веруваме на државниот Институт за јавно здравје, мора да сме ненормални.

Дај просто да ги кажеме работите, за да сфатиме што се случува. Да видиме дали сме стварно ненормални. Ешерихија коли што е? Фекална бактерија. Фекалија што е? Гомна. Фекалија во езерска вода што е? Гомна во езеро? Дали се пие вода со гомна? Не се пие.

Ух, добро е. Значи ние не сме ненормални.

Е тоа направи ВМРО-ДПМНЕ. Со пропагандата десет години нè убедуваат дека гомната се јадат. И дека не само што се јадат, туку се многу убави за јадење. Не само што се убави, туку се и здрави за јадење. А ние треба да сме им благодарни, оти тие ни овозможиле да јадеме гомна (пак да ми простите на зборот). А ги јадеме за наши пари.

3 За разлика од Дојран, каде што министерот Тодоров со еден правилник ја смени стварноста, во Гевгелија не  ја менуваат стварноста, ама за среќа го лоцираа виновникот зошто во водоводот имало арсен. Да ми простите на зборот, арсен е смртоносен отров.

Власта во Дојран, контраанализата ја правела во институт во Солун. А власта во Гевгелија ги спори анализите од Солун, оти таму, пак, се покажало дека во гевгелиската вода има арсен.

Па градоначалникот Иван Франгов изјави дека „проблемот со арсенот е политички монтиран случај од невладината организација ‘Арсена’, која зела пари од Сорос за да го урне угледот на Општина Гевгелија“.  Тој вели дека тие анализи во Солун „биле правени со нестандардизирани методи и резултатите се спротивни од тие што на почетокот на годината ги издал Институтот за јавно здравје“.

Чекај сега. Еден ВМРО-вски градоначалник верува во државниот Институт за јавно здравје, а не верува во приватниот институт во Солун. Друг ВМРО-вски градоначалник не верува во државниот Институт за јавно здравје, а верува во приватниот институт во Солун.

И после, тие нас не убедуваат дека ние не сме нормални.

4 Цела општина Центар е излепена со препораки од полицијата како станарите да се заштитат од кражби. Им се порачува да бидат претпазливи и да си стават видео надзор.

Во исто време, министерот за внатрешни работи Митко Чавков распиша конкурс за прием на 600 нови полицајци. За што се полицајците, ако мораме сами да се штитиме од кражби? Министерот ги троши секоја вечер за да ги одбранат фасадите на Груевски од Шарената револуција. Тие не се за нас да нè чуваат, туку за барокот на институциите да го чуваат. И да го чуваат најсветото нешто – партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ. Оти тоа е најважна институција во државата.

5 Во Битола, една друга државна институција што се вика Завод и музеј забранила во амфитеатарот на Хераклеја да се игра претставата „Разбуди се Като“. Во претставата што никој не ја видел и не се знае зошто ја забраниле, главниот лик е Никола, кој ги испратил жена му и мајка му на одмор и ја викнал стриптизерката Ката да се забавуваат со другарите.

Во Македонија, институциите не реагираат кога родителите си ги капат децата во гомна со благослов на поп, градоначалник и министер. Ама институциите добиваат паничен напад кога во иста реченица ќе се најдат имињата Никола и Ката.

Оти за ВМРО-ДПМНЕ разбудена Ката е поопасна од разбудена ешерихија коли (да ми простите на зборот).

СЛУШАЈ ТУКА – PODCAST

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари