СО ГОСПОТ НАПРЕТ111

Темата на овие избори е за или против Груевски. И тој тоа многу добро го знае.  А добро го знаат и судиите што треба да му судат нему и на неговата клика.

СО ГОСПОТ НАПРЕТ111

1 Што е оваа нервоза кај судиите во пресрет на новата ера? Почнаа и Господ да го повикуваат на помош. Па на судењето за нарачаните шамари и насилството во Општина Центар против Никола Груевски и тринаесетмина, судијката Татјана Михајлова кога го одложи рочиштето за 20 ноември рече дека тогаш ќе има главна расправа „ако даде Господ“. Оти немало слободна сала.

Кој е тука глуп? Знае судијката дека не е до Господ. И дека е до неа. И со судски финти може да го одолговлекува процесот за никогаш да не заврши. Груевски ќе биде финиот, ама од другите обвинети стално некој ќе биде болен, па ќе заглавува на пат, па ќе има неуредна достава на поканата, па нема да му дојде адвокатот, па едноставно нема да се појави во судот…

Море,  нека го стават Груевски во притвор, па да видиш тогаш како и другите ќе доаѓаат редовно на судење. Ако не сакаат самите, другите вмровци ќе ги најдат и ќе ги донесат. Ако треба и Ќосето од мртвите ќе го разбудат за да ги пронајде. Да видиш како тогаш и без помош на Гопод ќе се најде сала за судење. И како судскиот курир ќе ги врачи сите покани уредно потпишани. И комбињата нема да се расипуваат. И за да стасаат на време, ако треба и три дена порано ќе тргнат на пат. Да не има случајно некој застој на патот. И судијките ќе оздрават. Ако треба и од операциона маса ќе ги стануваат за да ги донесат на судење…

Во старата ера на Груевски сме гледале и поспектакуларни судења од ова за шамарите, кога ако сакал судијата,  обезбедувал присуство на многу повеќе од 13 обвинети. Правдата е во рацете на судиите. Со тој себап тие си знаат и како да ја попречат. Само што, сакаат да нѐ убедат дека тоа што тие ја попречуваат правдата е – Божја волја.

2 И додека ние се занимаваме со глупавите слогани на локалните избори, Кривичниот суд во Скопје истрајно докажува дека нема разлика ни помеѓу стариот и новиот живот, ни помеѓу старата и новата ера.

Прво цело лето не ги примаа обвиненијата на СЈО, оти било време на годишни одмори. А одмор е најважна институција во Македонија. Е сега, откако се одморија и ги примија обвиненијата, во три случаи во Основниот суд Скопје 1 ги одбија бомбите како доказ. Супер. Значи сега ќе се оди на Апелација. Па жалба, па рокови, па жалба на жалба… Нема врска тоа што за два случаја Апелација веќе одлучи да ги прифати бомбите како доказ. Ама има осумнаесет обвиненија. За тринаесет допрва ќе се натегаме. Пак ќе ги одбијат бомбите како доказ, па СЈО ќе се жали, па ќе ја чекаме Апелација, па нема слободна сала, па судијата ќе се разболи, па ќе оди на службен пат, па адвокатот ќе оди на семинар…  Ова ќе се влече до новата ера и назад.

Не знам дали имаме работа со судии што не сакаат да расчистат со криминалот, оти и самите се влезени во него, ама фактот дека пак имаме три случаи во кои бомбите не се прифаќаат како доказ кажува дека ова нема врска со Господ. Има врска со темелно планирање како да се попречи правдата, користејќи ги сите можни судски финти. И сега засега сѐ си оди по нивен план. Нема тука никаква Божја волја. Има само план како судиите да го спасат Груевски од правдата. А и себеси како да се спасат.

3 Со влечкањето на судските процеси, судиите му помагаат на Груевски да нѐ убеди да заборавиме дека Македонија е уништена баш под неговото раководство. И додека ја попречуваат правдата за него, му помагаат да ни ја продаде тезата дека ВМРО-ДПМНЕ со ова раководство ќе биде спасител на Македонија. А и нивен спасител.

Оти на овие локални избори ВМРО-ДПМНЕ оди со пораката дека  баш Груевски е тој ќе што ќе ја спаси Македонија. А тој, освен во судството, владее во сите општини, освен во три. Од кого ќе ја спасува? Од самиот себе.

Среќа што сѐ уште се свежи сеќавањата од ерата пред 27 април. Инаку, според кампањите, ќе си помислиш дека сите се исти. Дури и боите на билбордите со кандидатите за градоначалници. Со истите ветувања. Ќе садат дрва, граѓаните мора да дишат чист воздух, ќе отвараат градинки и возат точаци.

Ете, дури и Груевски се збуни. Ветува нов живот. А што му фалеше на стариот?

И ги повикува гласачите на 15 октомври да одлучат со пенкало во рака. А до сега како одлучуваа? Без пенкало? Со кубење за коса и мавање со држачи за камери во Собранието? Со печатење лични карти? Со расипување лифтови во комуњарските кули? Со отварање на вреќите со „она како се вика за стегање“? Со држење за рачиња? Или со влечење за уши. И со пиштење и вриштење.

Ама ова не се избори за зеленилото и за дрвата. Оти дрвата ги нема. Ги сечеа во 4 сабајле со  полиција. А ги нема ни палмите. Темата на овие избори е за или против Груевски. И тој тоа многу добро го знае.  А добро го знаат и судиите што треба да му судат нему и на неговата клика.

4 Пробуваат Груевски да го  спасат и Јанез Јанша и Виктор Орбан од сестринските партии од Словенија и Унгарија.

Ај за Јанша, можеме да претпоставиме зошто е дојден. Да сподели драгоцени искуства. Да му раскаже на лидерот од сестринската партија како си поминуваш во затвор како осуден за корупција, па потоа како се враќаш во политиката и се спремаш пак да бидеш премиер.

Ама, Орбан што бараше? Да се покрене актуелен премиер на држава, да запали специјален авион од Будимпешта само за да помине три саати со бивш премиер на друга држава… За да му даде поддршка, и тоа за локални избори. Башка уморен, оти претходниот ден се вратил од Сингапур…

Не ќе да е само до тоа што Груевски нема пасош, па не може да му оди на гости. Ниту пак до прекрасниот поглед од Грујовата тераса на Охридското Езеро. Мора Груевски нешто многу да го задолжил Орбан. Не ќе да е само до сестринството.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира
Booking.com

Коментари