1 Скопје 2014 се погледна во огледало. И се појави ликот на Стајковци 2016. И душите на 22 жртви на поплавите од тричасовниот пороен дожд минатата сабота. И тоа е трагично освестување за што власта ни украде 600 милиони евра наши пари.
Гледајте ги разгледниците на ВМРО-вско Скопје и сликите на ВМРО-вските Стајковци, Булачани, Илинден, Смилковци, Бутел, Ченто, Сингелиќ, Црешево, Инџиково, Арачиново, Брњарци… Има и по некоја слика од ДУИ. Исто како фасадите од центарот на главниот град. Од предната страна барок, од задната мизерија во распаѓање. Како парфем на смрдени мишки. Како брендирана облека врз валкани и скинати гаќи.
Луѓето се удавија во кал на само 10 километри од големиот Александар Велики сосе фонтаните и цела негова блиска и далечна фамилија. На само 10 километри од градилиштето на Панорамското тркало од 18 милиони евра, кое власта не престана да го гради дури ни деновиве, иако имаше очајни повици за механизација потребна за откопување на поплавените села. И на стотина метри од тоа што мислевме дека е современ и безбеден автопат на кој од поплавата изгинаа најмногу луѓе.
Во огледалото на Скопје 2014 се виде дека нема држава. Почнувајќи од тоа што Хидрометеоролошката управа не го предвиде невремето, па преку цела низа институции и јавност кои се заслужни за катастрофалната последица од летното невреме. Пред дождот никој не се бавел како што треба со својата работа, а после дождот па – дамбетар. Шлапнати луѓе на раководни места само оти биле во партија, или требало да се купи лојалноста на коалициониот партнер. Од врховен командант па до Црвен крст. Од урбанизам, преку градежништво, до здравство и социјала. И до новинарство.
2 А не е дека никој не знаел што може да се случи. И не е дека немало стручни луѓе што можеле да изготват план. Го изготвиле во 2008 година. И многу прецизно кажале што треба да се стори за да се спречат вакви катастрофи. И градската власт на Скопје го усвоила тој план. Арно ама, партијата решила ранливите точки да останат ранливи, а парите да ги трошат за споменици. И да ни пуштаат реклами на телевизија дека никогаш не ни било поубаво.
Е ова е последицата на тоа што ВМРО-ДПМНЕ десет години со презир и омраза се однесува кон било каква стручност. Она нивното: „Којзнае што ве учеле на тие комуњарски факултети“, еве до кај нè донесе.
И затоа, не ме чуди што целото раководство на партијата, на чело со Груевски, кон катастрофата уште во првите часови се однесуваше така што да спречи какво било прашање за одговорноста. Одговорноста на сите. Од претседател на држава, нивен партиски кандидат, преку нивниот партиски премиер и партиските министри, преку нивните партиски директори, до нивните партиски градоначалници и до нивните партиски фирми и медиуми.
Груевски мислеше дека ќе го задуши прашањето за одговорност со видео клипови, на кои во придружба на пет телохранители и цела свита поддржувачи од ѓутуре им дава команди на мобилка на министрите и на директорите што ги поставил. Кога виде дека прашањето за одговорност не успеа да го задуши, се појави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски да ја открие партиската болка. Рече дека да се поставува прашање за одговорност во вакви моменти е „нецивилизациски и неодговорно“.
Не за џабе го чекаа Груевски да се врати од одмор, оти дури тој не долета од Турција цел државен апарат не смеаше ни да зуцне, а камоли да се слика без него. Всушност, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ како мајстор на пропагандата повторно успеа да наметне своја приказна. Па сите политичари тргнаа да чистат и да ги посетуваат настраданите. Да се натпреваруваат кој повеќе кал имал на чизмите. Заев три дена работел. Груевски пет дена ќе работи. Заев два дена ќе спие во поплавена куќа. Груевски пет дена ќе спие.
И додека сите им ги броиме деновите и лопатите, никому да не му текне да праша: Што е работата на вистински политички лидер? Да чисти? Или да смисли?
На пример, да смисли ефикасен план за справување со катастрофата. Да смисли организација како ќе се собира и како ќе се дели помошта. Да смисли контрола како ќе се делат парите од помошта и кој ќе биде одговорен за тоа. Да смисли како ќе се спречат зарази. Оти калта со фекалии и со угинати животни е на 10 километри од центар на велеград. А лето è.
Јасно ми е зошто на ВМРО-ДПМНЕ не смееше да им текне дека, по ваква катастрофа со најмногу човечки жртви од земјотресот во 1963 до денеска, мора да се свика Собранието. Ама, не ми е јасно зошто на СДСМ не им текна дека Собранието е највисоката институција во државата. Па мораше академик Владо Камбовски, кој очигледно 4 дена чекал на пратениците да им текне дека се најважни во државата, да ги потсети дека треба да се соберат. И да ја исконтролираат власта како ќе ги потроши парите за совладување на кризата. Жити пратениците, жити спикерот. И тие изгледа чекаа лидерот на партијата да им даде команда на спикерфон.
3 Стварно, кој командува со спасувачката акција? Претседателот на државата? Премиерот? Претседателот на Собранието? Пратениците? Градоначалниците? Директорите на ЦУК, Мук, Жук и Бљук? Претседателот на партијата на власт? Или претседателот на партијата во опозиција? Како што би се изразиле во мафијашките филмови: Тути Мачедони, тути команданти.
Не е дека власта е некадарна. Или дека партијата на власт е толку неспособна. Способни се тие. И многу организирани. Работат како саат 24/7 кога треба да се победи на избори. Прецизни списоци имаат кој за кого ќе гласа и колку гласа ќе им донесе. И кој чиј роднина е имаат на списоците.
Ама, слушнавме како победувале. Го уништиле државниот систем од кој на сите би ни било добро и направиле систем само за да ги одржува на власт. Ним да им биде добро. Оти – само тие се Македонија.
4 Поминаа седум дена од катастрофата која ни отвори очи дека живееме во кал. И буквално.
За неполн месец ќе славиме 25 години независна Македонија.
А најпоразно ми е сознанието дека ние, граѓаните на оваа држава, уште не сме се освестиле дека заслужуваме подобро.