ТАЈНИТЕ НА ТАТЈАНА

Државата не контролирала една шупа во Кочани што работела како дискотека оти сите потпишувале дека работи по стандарди и е безбедна, па изгореа 62 млади луѓе, а ваму ќе контролира бизниси со културното наследство.

    ТАЈНИТЕ НА ТАТЈАНА

    1 Дали ни останува само да се смееме? Веројатно така може полесно да се свари веста дека претседателката на Антикорупциската комисија е под истрага за – корупција. Претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) Татјана Димитровска е осомничена дека му давала податоци за истрагата на лице што е обвинето баш за корупција. Му праќала пораки на вибер и вотсап. Претседателката што беше избрана за членка на ДКСК со највисоки оценки од партиите во Собранието, со образложение дека „има големо искуство во борбата за спречување на корупцијата и судирот на интереси и има јасна визија за работата на ДКСК“.

    Па, нели ни останува само да се смееме? Греота сме да се разочаруваме сега кога си ја добивме Катица број 2. Првата антикорупционерка под истрага за корупција. Исто е како случајот со специјалната обвинителка Катица Јанева која ловеше корупција, а заврши в затвор баш за корупција. На Катица обвинетите ѝ подаруваа мебел и чанти, а Татјана на обвинетите им праќала пораки по телефон за постапките против нив. Искуснава антикорупционерка, кај правела кривично дело, откривала службени тајни, туку уште и траги оставала. За полесно да ја фатат. Којзнае, можеби затоа само што стана претседателка побара и доби дипломатски пасош. Може си мислела дека со дипломатскиот пасош ѝ следува и дипломатски имунитет.

    Катица барем издржа неколку години на функцијата, и тоа во најтешкото време, па поднесе и десетина обвиненија за високи функционери, пред да ја спакуваат в затвор баш тие што ги гонеше.  А Татјана по само три месеци откако стапила на функцијата почнала да шпионира за обвинети. Подолго време оддавала службени тајни отколку што била на функција.

    2 А до пред само една недела се чудевме како Антикорупциската комисија си немала работа и одеднаш си нашла. Ѝ текнало да ги проверува текстовите на законите. Па препорача менување на Законот за јавни набавки, зашто овозможувал многу доверливи информации што ја загрозуваат приватноста на учесниците на државните тендери. Премногу информации се давале во јавноста. Нема што толку детално да им се кажува на граѓаните како државата им ги троши парите.

    Замислете, тоа го предложија антикорупционерите. Тие што треба да ловат корупција. Ама па, колку и да е апсурдно, си реков, можеби тоа го прават за наше добро. Да не се секираме како ни ги трошат парите. Оти, што повеќе знаеме, толку повеќе се секираме.

    Не е ова нешто ново. Во 2018, во САКАМДАКАЖАМ.МК објавивме серија текстови во кои откривме дека антикорупционерите кои беа избрани во 2015 си земале пари за патни трошоци со лажни налози, наплаќале за такси ,а не ни доаѓале на работа и изнајмувале станови за 100 евра, а си наплаќале 350 евра. Со месеци се убедуваа дали треба да си поднесат оставки. Тоа беше истата комисија во која претседателот Горан Миленков на барањето на новинарите да го покаже имотниот лист на Никола Груевски изјави: „Најљубезно ве замолувам ова прашање да го затвориме за век и векови, амин“.

    Единствено ново е што сегашниве антикорупционери само што стапија на должност си побараа дипломатски пасоши. Оти оделе многу на обуки во странство, па да не чекале во редици по аеродромите.

    И така, Катица остана без троседот. А Татјана без дипломатскиот пасош. Обуките за борба против корупција ќе почекаат.

    3 И Собранието конечно се фати за работа. Претседателот Африм Гаши објави оглас за ново лого на Собранието што треба „да го модернизира визуелниот идентитет на институцијата“. Логото треба да е тројазично и да ги одразува „националните вредности, мисијата и визијата на институцијата“.

    За логото, мислам дека уметниците ќе немаат дилема тоа да биде стилизирана рампа од патарина како најсоодветен модерен визуелен идентитет на институцијата, оти патните трошоци се несомнено нивната мисија и визија.

    Не ми беше јасно зошто логото покрај македонски и албански треба да биде и на англиски јазик. Ама, веројатно ние обичните смртници не сме свесни дека нашето Собрание носи одлуки што се од светско значење, па ќе можат полесно да нѐ разбираат и од глобалното англиско говорно подрачје. Или пак, попрактично е. Децата што ни се отселуваат во странство ќе можат полесно да ги следат достигнувањата на македонските пратеници. Кај и да е, ќе почнат да ги забораваат мајчините јазици.

    Правиме муабет за Собрание во кое пратениците си дадоа три недели одмор по трагедијата во Кочани во која загинаа 62 лица за да не дојдат во искушение да се караат. А претседателот Африм Гаши не свика ни комеморативна седница затоа што ако свикал за Кочани, ќе му се налутеле зошто не биле свикани комеморативни седници и за претходните трагедии со модуларната болница во Тетово и автобуските несреќи кај Ласкарци и во Бугарија.

    Има една изрека: Село гори, баба се чешла. Во согласност со модернизацијата на идентитетот на институцијата што се бара со огласот за логото, таа изрека сега гласи: Кочани гори, Собранието се чешла.

    4 Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во интервју на ТВ Телма предложи промена на законот со која ќе му се овозможи на приватниот сектор да може да прави бизнис од културното наследство.

    „На тој начин, со приватно-јавно партнерство може да се материјализира целата работа. Целиот свет се отвори на тој начин, а само ние останавме да го штитиме и да го затвораме културното наследство“, рече Љутков.

    Баш би било фино, на пример, на кафеанџија да му се даде просторот околу скопскиот Аквадукт што се реновира со пари од американскиот Амбасадорски фонд. Десетина масички, демек урбана опрема, па ќе залади, ќе мора да се застаклат да не им студи на пушачите. Па после пак ќе затопли, па уште дестина масички надвор од терасата. А Хераклеја? Замисли каков чалам ќе прават битолчани ко ќе паркираат на мозаикот одма до кафеаната. Скопјани со поршеата од Дебар Маало ќе можат вода да им носат. Па оние палати во Стоби. Тоа плаче за луксузни „фајн дајнинг“ ресторани, па ко ќе се стават стаклени куполи одозгора, како кралеви ќе се чувствуваат туристите. Скупи? Џабе стои толкав простор празен, башка таман е за една летна дискотека. На Виничкото Кале има да никне еден хотел со панорамска тераса, толку убав што дури ни штипјани нема да можат да му конкурираат со спа-центар на Исарот.

    Звучи идеално предлогот на министерот. Штета што е уште една од идеите од серијалот „Ние сме Шведска“. Толку нема контакт со реалноста.

    Во реалноста, скопската Стара чаршија целата е културно наследство. На што личи? Пред еден месец таму Општина Чаир си изгради стаклена натстрешница за која Конзерваторскиот центар рече дека е дивоградба и треба да се урне. Што мислите? Ќе се урне? Кој ќе ја урне?

    И битолски Широк Сокак е амбиентална улица и културно наследство. Сосе најлоните на кафеанџиите.

    За Охрид, пак, ич муабет да не правиме. Цел град е културно наследство заштитено од УНЕСКО. А Охриѓани никако да се спасат од УНЕСКО.

    Во Скопје, на главната улица и главниот плоштад сосе главниот кеј на Вардар, ниту државата, ниту Градот, ниту Опптина Центар не можат да ја спречат узурпацијата на јавниот простор. Ќе треба да се дислоцираат спомениците за да има повеќе место за кафеаните, оти масите се залепени до постаментите. Ченто им плука во кафето.

    Државата не контролирала една шупа во Кочани што работела како дискотека оти сите потпишувале дека работи по стандарди и е безбедна, па изгореа 62 млади луѓе, а ваму ќе контролира бизниси со културното наследство.

    Додека сме вакви, какви што сме, и институциите и политичарите и бизнисмените, најдобро ќе е културното наследство да остане скриено, а достапно, отколку цела држава да се претвори во најлонска кафеана.

     СЛУШАЈ ЈА ТУКА АУДИО ВЕРЗИЈАТА НА КОЛУМНАТА – AUDIO PODCAST

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира