ЦАР БОРИС И ЕУ

Мирно и достоинствено да го изедначиме фашизмот со антифашизмот

ЦАР БОРИС И ЕУ

1 Има ли некого во власта што конечно ќе ѝ каже на Бугарија „Доста е!“. А богами и на Европската унија, која нецивилизираното негирање на правото на самоопределување, што ѝ го наметна како заедничка политика една од земјите-членки, се обидува да го цивилизира претставувајќи го како билатерален спор.

Бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков рече дека „ако името на клубот ‘Цар Борис Трети’ е проблем, тогаш гимназијата во Скопје што го носи името на Јосип Броз Тито е многу поголем проблем“.

Досадно е веќе да се објаснува: Тито бил антифашист, ја признал посебноста на македонскиот народ и македонскиот јазик и од тој антифашизам се родила државата Македонија, која во повоените години доживеала најголем и најбрз развој. Бугарскиот цар Борис Трети шурувал со Хитлер, Германците ѝ дале на царската војска да ја окупира Македонија, бугарската власт правела насилна бугаризација и одвела 7.144 македонски Евреи во нацистичките логори на смртта.

Искрено, веќе не знам што е поголема навреда.

Дали е тоа бруталната провокација со отворањето на бугарски клуб во Охрид со името на цар Борис Трети, соработник на Хитлер што ја придружил Бугарија на Тројниот фашистички пакт? И тоа во непосредна близина на куќата каде што судот на бугарскиот фашистички окупатор во 1941 осудил на смрт петмина македонски комунисти – антифашисти. Исто како што клубот „Иван Михајлов“ во Битола го отворија во старото еврејско маало.

За мене, поголема навреда е тоа што нашата власт се прави будала. Ај ДУИ, си брка работа, како да не е од тука. Ама, како ли мислат во СДСМ некој сериозно да ги сфати и да ги почитува ако продолжат со игнорирањето на провокациите од Бугарија и молчењето пред ЕУ? Учеле ли во школо кој бил царот Борис за време на окупацијата, или бегале од часови по историја? Па уште, МНР даде и соопштение да се однесуваме „мирно и достоинствено“.

Достоинствено да го изедначиме фашизмот со антифашизмот.

Или, пак, поголема навреда е дволичноста на ЕУ со онаа расштимана политика на 27 страни, преточена на терен преку изјавите на некои службеници дека „сега само уште Уставот да го смените“ и после сѐ ќе зависи од вас. Како бре, сѐ зависи од нас, кога една земја-членка на ЕУ не нѐ признава ни дека постоиме како Македонци што зборуваат македонски јазик, а вие тоа им го прифативте со писмен документ заверен во Брисел? Промената на Уставот е услов само за да ги почнеме преговорите. Но, не дадовте никаква гаранција дека Бугарија нема да го закочи нашиот прием во ЕУ повикувајќи се баш на таа изјава дека не постои македонски јазик. Па и овие провокации ги прават баш за да се искомплицира нашето влегување во ЕУ, промената на Уставот да биде уште потешка за проголтување. Еве до кај нѐ доведе тоа европско толерирање на бугарското негирање на македонскиот јазик и народ – таа земја сега на терен изедначува фашизам со антифашизам, а останатите 26 земји-членки си ги мијат рацете – не знаеме ние таа работа, решете си го билатералниот спор сами.

На крајот на краиштата, ирелевантно е дали некој Бугарин има нешто против Тито. Бугарија во Втората светска војна била на страната на фашистите, а Македонија била на антифашистичка страна. ЕУ сега нѐ тера тоа да го заборавиме, а за да влеземе во ЕУ треба уште и да им се поклониме на бугарските фашисти.  А нашата власт нѐ тера достоинствено да се подложиме на колективен самозаборав и операција на мозок. Инаку одма за антиевропејци ќе нѐ бележи.

2 За да ги спречи идните провокации, Владата најави дека ќе прави Совет за подобни имиња за здруженија на граѓани. Дрн, дрн, јариња… Синким, до сега не можеше да ги спречи провокациите. Па да се однесуваше државата и кон регистрацијата на овие бугарски здруженија исто како што се однесува кон нас како граѓани кога треба да извадиме некој документ, до ова немаше да дојде. Како бре, нив експресно ги регистрираат, а нам ни ги грешат имињата, адресите не ни се совпаѓаат, немаме доволно документи, па по сто пати нѐ враќаат, се разболуваат службениците, одат на породилно…

Не е убаво така? Па сигурно дека не е, апсолутно се согласувам. Ама па, не е убаво ни за нас како граѓани, секогаш кога ќе се соочиме со администрацијата од државните институции. Ќе се жалат граѓаните што намерно прават провокации? Па нека се жалат. И ние се жалиме, па нема кој да нѐ слушне. Ќе тужат? Нека тужат. Ќе тужат во Стразбур? Нека тужат. Прво тука судовите нека го истераат кругот од 4-5 години, па нека тужат и во Стразбур. Ни е страв дека во Стразбур ќе ја осудат државата? Па Бугарија има 13 пресуди од Судот за човекови права во Стразбур за нерегистрирање на македонски здруженија и ич мува не ја лази – еве ја, таа ја диктира политиката за проширување на ЕУ кон Западниот Балкан.

Ако на Бугарите им е толку значаен царот што бил соработник на Хитлер, таму нека си го слават и нека му отвараат клубови со неговото име. Во Македонија неговото име е поврзано со злосторства и со антимакедонизам. Ова е наша држава и тука ние одлучуваме кои имиња ќе ги ставиме. Во сопствената држава ние си ги правиме законите и важат нашите правила. Само уште кога би имале власт што не би ја мрзело тоа да го спроведе и што не би била толку сервилна кон Бугарија и исплашена што ќе ѝ кажат ЕУ службениците.

3 Ова со Советот за подобни имиња на здруженија е исто како и со Советот за подобро образование. Си немала Владата друга работа, ги реши сите кризи пред зимата, па си формирала Совет за унапредување на образованието. Ќе претседава премиерот Димитар Ковачевски, а ќе советуваат петмина министри.

А Министерството за образование зошто постои? А Бирото за развој на образованието зошто постои? Тие не се за подобрување на образованието?  А министерот за образование зошто не си даде оставка? Тој не е одговорен за унапредување на образованието? Зошто е министер? За да се слика? Или само да вработува партиски кадри? Па и за тендер да спроведе не го бива – ни учебници ни свидетелства децата не видоа навреме.

Ова е само префрлање на одговорноста. Ако сакаш да не го решиш проблемот, направи си Совет. Не е крив министерот, Советот ќе реши, Советот ќе биде крив. Исто може да биде и со сите други министерства. Министрите нека се сликаат и нека вработуваат, а ако не им оди во секторот Владата нека направи Совет за унапредување. Нека се распуштат министерствата. Барем ќе заштедиме на шофери и секретарки.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира