ВО ПЕРИМЕТАРОТ

Еднаш еден државен директор ми рече „Лесно е да критикуваш. Победи на избори, па и тебе ќе ти чуваат маса во кафеана“.  Да бидем искрен, ме остави без зборови.  

    ВО ПЕРИМЕТАРОТ

    1 Ако до минатата недела имав некаква надеж дека 61 жртва од пожарот во дискотеката во Кочани ќе биде некакво освестување и поттик за промена во однесувањето на државните и локалните институции како и на јавните служби, настаниве од минатава недела некако ми ја спласнаа надежта. Почнувајќи од пресудата за прегазената 22-годишна тетовка Теодора Ристовска и извртениот круг на правдата од Обвинителството, до Основниот суд, до Апелациониот суд, па до Врховниот суд, па завршувајќи со повтореното судење во Основниот суд и одлуката на Судскот совет, па преку директорот на Геријатрија, нормално, партиски кадар, кој барал 100.000 евра мито за да згрижи пациент, па сѐ до кучката Цеца и дрогата во затворот во Штип. Премногу интересни случаи од рубриката „Верувале или не“ дури и за една мала Македонија, во која одамна сме навикнале да ни се случуваат работи кои не се баш за верување.

    А чаре? Нема. Семејството на Теодора џабе ќе се се жали на пресудата од две години затвор кога обвинетиот не бил обвинет за посериозно дело, апелација на барање на обвинителката му ја намалила казната, а судијата во повтореното судење не можел да досуди повисока казна. Директорот на Дирекцијата за извршување санкции Александар Пандов по десет месеци на функцијата ни го кажува истото како и првиот ден – дека 50 отсто од затворските службеници се корумпирани и за да се амнестира од сопствената одговорност ни раскажува бизарни приказни за некоја кучка. Па ако и по десет месеци не може да се справи со неговите корумпирани вработени, што не си даде оставка?

    Сепак, најстрашен детал од соопштението на Обвинителството е дека директор на Геријатрија, договорил мито од 20.000 евра за да смести пациент во болница, ама само привремено, како гаранција додека со проверки не утврди дека пациентот има и недвижен имот што може да се продаде за 100.000 евра. Значи, пази: овој партискиов магистер, поставен од коалицијава на власт има механизми да го проверува и имотот на тие од кои бара мито. Да не се мачи џабе да им служи на тие што немаат да му дадат.

    Сите три случаи даваат убава слика како ни функционираат обвинителско-судските органи сосе затворите, каде што можеби ќе лежат некои од корумпираните државни функционери. Корупцијата не е само влезена во секоја пора на општеството, од чувар во некоја институција, шалтерски работник, инспектор, директор, градоначалник, до министер. Корупцијата е толку метастазирана што го распаѓа организмот. Ама ракот не се решава со анегдоти, раскажување што правеле претходниците и само со изјави за добра волја и оцрнување на тие што протестираат со барање правда.

    2 Звучи импресивно кога Владата ќе соопшти дека по трагедијата во Кочани што однесе 61 жртва, а над 200 млади луѓе се повредени, Државниот пазарен инспекторат за три недели изрекол 360 казни во вредност од околу три и пол милиони денари. Ова со милиониве малку е збунувачко. Ама со едноставна математика, тоа значи дека кафеаните, дискотеките, кабареата, ноќните клубови просечно биле казнети секој со околу 9.500 денари, или околу 150 евра.

    Таман, едно шише вотка или виски како гаранција за резервација за да им го чуваат најважното сепаре на неизживеаните државни директори и функционери.

    Еднаш еден од нив ми рече: „Лесно е да критикуваш. Победи на избори, па и тебе ќе ти чуваат маса“.

    Да бидем искрен, не знаев што да му одговорам. Вџашен бев, останав без зборови.

    3 Исто е и со дивоградбите, надградбите и узурпираниот јавен простор за летни тераси. Секојпат кога ќе објавиме таков случај, наместо да ќутат оти кршат закон, силеџиите што власта ги третира како инвеститори се јавуваат и се закануваат со тужби, а Редакцијата ни е преплавена со случаи на граѓани кои се очајни. Немаат заштита, ниту правда ниту од Општината, ниту од инспекција, ниту од суд, ниту од државата.

    Општините издаваат решенија за уривање. Ама, не ги уриваат. Секогаш се правдаат дека немаат пари за уривање. И додека насилниците дигаат диви катови и тераси на јавни згради, општините бараат оправдувања зошто не ги уриваат. Па ќе чекаат судски постапки за да им дадат повеќе време на криминалците да поткупат судии, вештаци и поротници.

    Во Скопје имаше случаи кога во три мандати власта не можеше да го открие газдата на дивоградбата. Не знаеја чија е зградата што се гради. И еве сега, газдата си има дуќани, дуќаните си работат, некои од нив се и кафеани, а зградата нема употребна дозвола. И после, ќе се чудат кој е крив ако избие пожар, ако не може да пристапи пожарна и брза помош и ако пак загинат луѓе. Тогаш сите ќе бегаат од одговорност, ќе се прават ненадлежни.

    Чудно е како власта никогаш нема проблем со тендерите за набавка на службени возила, за маркетинг и ПР агенциите што им мерат рејтинг, за избор на туристичка агенција за службени патувања, секогаш се совршени набавките на лешници, бадеми и разни јадења и пијачки за гости, ама редовно, без исклучок, има проблем со тендерите за избор на фирми за уривање дивоградби.

    4 Сепак, неделава ја обележаа и успешни проекти.

    Поправени се лифтовите во зградата на МРТВ. Владата сними видео со драматична музика и на социјалните мрежи се пофали како лифтовите одат угоре-удолу, со најава дека сега возат до сите катови на МРТВ.

    Ми текнува дека во времето на СДСМ, работниците играа оро во тунелот кај Демир Капија, кога се отвори автопатот кон Гевгелија, а вмровците им играа мајтап.

    И после, се лутат кога ќе им кажеш дека не можат ни да го одржуваат тоа што Тито го изградил.

    5 И уште една убава вест од нашата татковина:

    Се сеќавате ли дека, откако се врати од инаугурацијата на Трамп во Вашингтон, премиерот Христијан Мицкоски во јануари рече оти „во Вашингтон и Њујорк имал десетици средби со луѓе од најблискиот периметар на претседателот Трамп“?

    По февруарската посета на САД, Мицкоски рече дека „со контактите што ги имаме со најблискиот периметар на претседателот Трамп можеме само да добиеме, а не и да изгубиме“.

    Сега, откако Трамп рече дека многу државници му се јавуваат со молба да преговараат за царините и му го бакнуваат газот, ние не треба да се грижиме. Бидејќи сме му во најблискиот периметар, ќе бидеме меѓу првите во редот. Да не ги лижеме и туѓите лигавици.

    АУДИО ПОДКАСТ

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира