1 Светскиот економски форум во Давос годинава беше во знак на драстично менување на светскиот поредок. Светот се менува. Ама за Македонија, од Давос – ништо ново. Праксата на нашите политичари останува иста. Одат во Швајцарија да се сретнат со комшиите. Премиерот Христијан Мицкоски ни соопшти дека „денот го започнал со билатерална средба со Борјана Кришто која е претседавач на Советот на министри на Босна и Херцеговина“. Е па, кога немаме директна авионска линија со Сараево, најпогодно место за средба на македонскиот премиер со премиерката на Босна и Херцеговина е Давос.
Освен со колешката од Сараево тој не успеа да се сретне со ниту еден друг премиер или шеф на држава. Имал „успешен ден со многу билатерални средби“. Многу биле, не може сите да ни ги раскаже. И учествувал на панел каде ги презентирал „клучните проекти коишто во периодот којшто следи ќе ги објавиме, а тоа се ‘Бошков Мост’, ‘Чебрен’ и ‘Галиште’“.
Ех, проектите од нашата и вашата младост. А како што гледам, и од младоста на нашите внуци ќе бидат, оти премиерот допрва ќе ги објавува. Јас за овие проекти прв пат слушнав кога почнав да читам весници уште во 1970-тите. А биле актуелни и претходно.
Премиерот Мицкоски секој ден ни се јавуваше со пораката: „Добар ден Македонијо од овде, од Давос“. А се одјавуваше со: „Следете нѐ, продолжуваме овде со нашиот престој во Давос, а утре се гледаме во Скопје“.
До следното јавување, слушајте малку музика од нашето студио. Со хитот „Вечно млад“ (Forever Young) од 1984. Со „Бошков мост“ се чувствувам вечно млад.
2 Инаку, премиерот Мицкоски соопшти и дека во Давос денот го продолжил „на панел каде што разговаравме со светските лидери и претставници на мултинационални компании за предизвиците на човештвото во годините коишто следат“.
Допрва ќе видиме ние што се предизвици на патот кон ЕУ, ако Румен Радев формира партија и победи на изборите во Бугарија. Од него само убавини можеме да очекуваме. Ама, пак, кај сме чекале триесет години за да влеземе во ЕУ, а уште ни преговори не сме почнале, ќе почекаме и Гренланд да го решат.
Европската унија нѐ отпиша. САД нѐ заборавија. Трамп ќе нѐ остави и без амбасадор во Скопје, ама ние важно да си мислиме дека сме во периметарот. Да зборуваме за убави работи.
Во светов што се сврте наопаку ние веќе не сме предизвик ни за самите себе, а не пак за човештвото.
3 Министерот за правда Игор Филков вели дека случајот со апелациониот судија Ѓоко Ристов, кај кого беа пронајдени 350.000 евра соѕидани во ѕид, не е само скандал туку „симбол на длабока системска слабост“.
Аууу, што открил министерот!? Системска слабост. Па таа системска слабост не е од вчера. Со децении се зборува за слабостите во правосудството. Ама, пак, и Игор Филков не е министер од вчера. Што презел тој изминатава година и пол додека е министер за правда за да ги отстрани слабостите во системот? Може тој да се жали на слабости на системот, ама баш неговото министерство е клучната алка во тој систем.
4 Цените на картите за претставите во неколку државни институции како што се Филхармонијата, Националната опера и балет и Драмскиот театар двојно се покачени, па така за некои културни настани за кои донеодамна се плаќале 300 до 500 денари за билет сега треба да се платат и до 1.300 денари.
Од Министерството за култура велат дека станува збор за „умерени и внимателно одмерени корекции на цените“, додека министерот Зоран Љутков го отвараше македонскиот штанд на Саемот за туризам во Мадрид.
Културата не е луксуз, туку јавно добро платено од наши пари за да биде достапна за сите. Ама кога јавна институција наплаќа по 20 евра за карта за претстава, тоа не е „културна вредност“, туку форсирање елитизам со наши пари. Демек, културата не била за секого. Ако е така, тогаш зошто да се одвојува за културата од сечија плата?
Не го плаќаме само творештвото, туку преку нашите даноци плаќаме и за финансирање на зградите на културните институции, платите на вработените, вода, струја, греење, ладење… И сега, дополнително, истите граѓани што веќе еднаш платиле, сега треба да платат и скапа карта за да уживаат во некоја претстава.
Културата е обележје на националниот идентитет. На оваа Влада устата ѝ е полна со фалби дека го брани македонскиот национален идентитет. Наместо да освојуваат нова публика и со полни сали да го јакнат македонското културно творештво, Управните одбори на јавните институции го одбраа најлесниот начин за заработка и покривање на неспособноста за менаџирање: дигни ги цените, удри по народот.
Идентитетот ќе го јакнеме со прес-конференции на премиерот и министрите и со професорски предавања на претседателката за Копенхашки критериуми и културна дипломатија. А парите ќе ги трошиме на штандови по саеми.
AUDIO PODCAST



