КРАДЕВМЕ РУСКО ГОРИВО ЗА ДА СПРЕЧИМЕ КАТАСТРОФА ВО ЧЕРНОБИЛ, ВЕЛАТ РАБОТНИЦИТЕ ВО НУКЛЕАРКАТА

    КРАДЕВМЕ РУСКО ГОРИВО ЗА ДА СПРЕЧИМЕ КАТАСТРОФА ВО ЧЕРНОБИЛ, ВЕЛАТ РАБОТНИЦИТЕ ВО НУКЛЕАРКАТАЕнергоатом, украинската државна агенција за нуклеарна енергија, соопшти дека руските војници биле изложени на „значителни дози“ радијација во рововите во „Црвената шума“. (Фото: АП)

    Попладнето на 24 февруари, на првиот ден од инвазијата, руските сили го опколија Чернобил со тенкови и оклопни возила, влегувајќи во Украина од белоруската граница, на само околу 16 километри. Околу 170 украински гардисти кои ја обезбедуваа нуклеарната централа беа одведени во подрумот и беа заробени. Потоа руски војници ги пребарале просториите за оружје и експлозиви. Инженерите, надзорниците и другиот технички персонал добија дозвола да продолжат со работа. Во следните два дена беа донесени екипи на руската агенција за атомска енергија Росатом.

    Персоналот на Чернобил сакаше да ја задржи контролата врз одржувањето на централата, која не работи, но радиоактивен отпад се складира на местото на најголемата нуклеарна катастрофа во светот. Милијарди долари се потрошени по несреќата во 1986 година за да се исчисти и да се спречи дополнителна контаминација. Ако условите на локацијата не се следат правилно, постои голем ризик од ослободување на нуклеарен материјал.

    Инженерот Валериј Семонов вели дека кога напојувањето со струја на централата беше исклучено три дена, се обидувал да најде гориво за да работи генераторот, па дури и крадел гориво од Русите за да се спречи катастрофа оти можеше да се ослободи радиоактивен материјал. (Фото: Би-Би-Си)

    „Тие сакаа да знаат како се управува со објектот. Сакаа информации за сите процедури, документи и операции. Бев исплашен бидејќи испрашувањето беше постојано, а понекогаш и насилно“, вели Олександр Лобада, надзорник за радијациона безбедност во централата.

    На горниот кат од главната зграда на електраната се клучните простории од каде се контролира локацијата, сместени од двете страни на долг, тесен ходник. Некои од собите беа заклучени. Кога Русите не ги нашле клучевите, провалиле во собите, отсекувајќи го делот од вратата во кој била вградена бравата.

    „Моравме постојано да преговараме со нив и да се трудиме да не ги навредиме, така што тие дозволија нашиот персонал да управува со објектот“, рече инженерот Валериј Семонов.

    Кога напојувањето со струја на централата беше исклучено три дена, Валериј рече дека се обидувал да најде гориво за да работи генераторот, па дури и прибегнал да украде гориво од Русите.

    „Да снемаше струја, можеше да биде катастрофално“, објасни Олександр. „Можеше да се ослободи радиоактивен материјал. За размерите на тоа, можете да си замислите. Не се плашев за мојот живот. Бев исплашен што ќе се случи ако не бев таму и не ја надгледував централата. Се плашев дека тоа ќе биде трагедија за човештвото“, вели тој.

    Властите во Чернобил велат дека кога заминале руските војници опљачкале се што може да се земе, а во заробеништво однеле и 169 припадници на украинската гарда, за кои не се знае каде се, но се претпоставува дека се во Русија; – Подрумот каде седеле заробените гардисти. (Фото: Би-Би-Си)

    Областа зад централата наречена „Црвена шума“ е едно од најрадиактивните места на планетава. Снимките од дрон објавени од украинската војска покажуваат дека руски војници ископале ровови, па дури и останале таму. Ова го потврдија и претставници на централата. Тоа е доказ за тоа колку малку војниците знаеле за нуклеарната безбедност.

    Енергоатом, украинската државна агенција за нуклеарна енергија, соопшти дека руските војници биле изложени на „значителни дози“ радијација.

    Непосредно пред саркофагот кој го штити оштетениот нуклеарен реактор, руските војници натрупаа вреќи со песок зад кои би можеле да се сокријат ако бидат нападнати. Валериј се потсмева на ова, велејќи дека на украинската војска ни на сон не би ѝ текнало пука во нуклеарен реактор.

    Властите во Чернобил велат дека кога заминале руските војници опљачкале сè што може да се земе, а во заробеништво однеле и 169 припадници на украинската гарда, за кои не се знае каде се, но се претпоставува дека се во Русија.

    Петро Порошенко, поранешниот претседател на Украина, вчера го посети Чернобил со храна и други резерви за персоналот на централата. Порошенко има предупредување за светот.

    „Дали сме сигурни дека утре руските трупи не можат да се појават овде? Мојот одговор би бил не. Путин е целосно непредвидлив. А нуклеарниот чад не е ограничен со граници. Може да стигне до Источна Европа, Централна Европа, па дури и до Велика Британија. Опасноста од нуклеарна контаминацијата на Европа е многу висока, додека Русија ја продолжува оваа војна“, вели Порошенко.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира