ЗА БАРОК ВО НОВИОТ ЛУНА ПАРК ЌЕ СЕ ИСЕЧАТ ПОЛА ОД ДРВЈАТА ВО ГРАДСКИ ПАРК

    ЗА БАРОК ВО НОВИОТ ЛУНА ПАРК ЌЕ СЕ ИСЕЧАТ ПОЛА ОД ДРВЈАТА ВО ГРАДСКИ ПАРКОд презентираните слики и видео снимки се гледа барокна влезна партија, 27 нови реквизити за кои треба да се преполоват сегашните дрвја, а градоначалникот Коце Трајановски најави дека во Луна паркот ќе бидат изградени ресторани, театар и административни објекти, но не покажа ново сообраќајно решение за пристап до сите овие содржини (Фото: Град Скопје)

    Новиот Луна парк ќе уништи дел од зеленилото во вториот дел од Градски парк, сегашните улички кои водат до него ќе ги претвори во сообраќајници и на голема врата ќе овозможи ширење на барокот дури и во паркот. Ова се накусо реакциите на скопјани откако вчера градоначалникот на Скопје Коце Трајановски првпат јавно го покажа планот за изгледот на новиот Луна парк. Од презентираните слики и видео снимки се гледа барокна влезна партија, 27 нови реквизити за кои треба да се преполоват сегашните дрвја, а градоначалникот најави дека во Луна паркот ќе бидат изградени ресторани, театар и административни објекти, но не покажа ново сообраќајно решение за пристап до сите овие содржини.

    Изградбата на новиот Луна парк ќе чини 6,5 милиони евра од буџетот на градот (Фото: Град Скопје)

    „Забавниот парк ќе се гради на истата локација како стариот Луна парк, истиот ќе биде на површина од околу 25.000 квадратни метри и со изградбата нема да се зема од зеленилото од Градскиот парк. Изградбата на новиот забавен парк ќе се гради фазно, во повеќе години, и изградбата на истиот, набавката на реквизити и нивното монтирање ќе изнесува околу 400 милиони денари или околу 6,5 милиони евра. Во првата фаза е предвидена изградба на инфраструктура и објекти кои се неопходни за функционирањето на забавниот парк, како што се влезн-излезна партија, објект за администрација, тоалети и други придружни објекти, партерно и хортикултурно уредување, за што се издвоени околу 101 милион денари. Паралелно со изградбата на инфраструктурата, во оваа фаза ќе се постават седум реквизити и истите треба да пристигнат во рок од 6 месеци, за што се издвоени околу 130 милиони денари“, најави градоначалникот Трајановски.

    Иако во паркот веќе е почната сечата на дрвјата градоначалникот Коце Трајановски воопшто не даде објаснување за намалувањето на зеленилото но детално објасни дека ќе бидат поставени вкупно 27 реквизити (Фото: Грда Скопје)

    Иако во паркот веќе е почната сечата на дрвјата, градоначалникот воопшто не даде објаснување за намалувањето на зеленилото но детално објасни дека ќе бидат поставени вкупно 27 реквизити, од кои 3 адреналински реквизити, 6 семејни и 18 детски реквизити и дека во паркот ќе има разни видови лулашки, вртелешки, тобогани и сличен вид на забави.

    Градскиот парк во Скопје, кој е во строгиот центар на градот,  е стар 200 години, и изминативе години е постојно на удар на градежната експанзија.

    Голем број граѓани и граѓански еко иницијативи реагираат дека градење нов Луна парк на сметка на зеленилото и среде центар е криминална катастрофа за град кој има голем проблем со загадувањето на воздухот. Ист така, повеќе граѓански иницијативи ја оспоруваат одлуката на градот да потроши 6,5 милиони евра за Луна парк, а има огормни и горливи нерешени инфраструктурни проблеми кои сериозно го загрозуваат квалитетот на живот.

    Голем број граѓани и граѓански еко-иницијативи реагираат дека градење нов Луна парк на сметка на зеленилото и среде центар е криминална катастрофа за град кој има голем проблем со загадувањето на воздухот (Фото: Град Скопје)

    Новиот Луна парк ќе се гради по идеен проект изработен од „Билд урбан“ ДООЕЛ Скопје. Ќе го гради фирмата „Жикол“ одбрана на јавен оглас минатата година. „Жикол“ доби рок од 22 месеци за завршување на градежните работи за 1,6 милиони евра. Реквизитите ќе ги набават и ќе ги монтираат фирмите „Боминг Оливер“ и „Ивама трејд“ за вкупна цена од 130.485.698 денари со ДДВ, односно 2,1 милиони евра.

    За шест месеци треба да бидат монтирани првите седум реквизити во новиот забавен парк. Во текот на реконструкцијата, во интерес на безбедна и квалитетна изведба на градежните  работи и инсталацијата на новите реквизити, од Град Скопје најавуваат дека останатите содржини нема да бидат во функција на надворешните корисници.

    Проектот кој вчера го презентираа градските власти не е прв проект за нов изглед на скопскиот Луна парк. Во 2011 шпанската фирма „Идом“ изработи два проекти, едниот предвидуваше нови содржини на сегашната локација од 25.000 квадратни метри и како поевтина варијанта претпоставка беше дека ќе чини 12 милиони евра и ќе има 40 детски реквизити, а вториот предлог бил да се гради на површина од 40.000 квадратни метри за што би биле потребни 18 милиони евра. Градот, во тој период, се одлучи за варијантата на поголема површина, но по неколку неуспешни меѓународни тендери за јавно-приватни партнерство, одлучи од сопствениот буџет да го обнови Луна паркот, а за тоа направи и нов проект, оној што вчера беше презентиран.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира