ДВЕ НЕДЕЛИ НИКОЈ НЕ ИСТРАЖИЛ КОЈ ГИ ФРЛИЛ МЕТАЛНИТЕ МРТОВЕЧКИ САНДАЦИ НА ГОСТИВАРСКИТЕ ДЕПОНИИ И ДАЛИ СЕ ОД ПОЧИНАТИ ОД КОВИД-19

    ДВЕ НЕДЕЛИ НИКОЈ НЕ ИСТРАЖИЛ КОЈ ГИ ФРЛИЛ МЕТАЛНИТЕ МРТОВЕЧКИ САНДАЦИ НА ГОСТИВАРСКИТЕ ДЕПОНИИ И ДАЛИ СЕ ОД ПОЧИНАТИ ОД КОВИД-19МВР вели дека уште работат на случајот, другите институции молчат или пак велат дека тие не се надлежни да откриваат кој ги отварал металните сандаци и ги фрлил на депониите на градските гробишта во Гостивар и на депонијата Русино. (Фото: Гостиварпрес)

    Поминаа повеќе од две недели, а сѐ уште нема никакви официјални информации кој и зошто ги фрлил мртовечките сандаци на депониите во Гостиварско. Фотографии на кои се гледаат фрлени дрвени метовечки сандаци во кои има и отворени метални сандаци, силно ја вознемирија јавноста бидејќи се јави стравување дека во нив биле транспортирани починати од ковид-19. Вакви сандаци имаше оставено во близина на градските гробишта во Гостивар и на депонијата Русино. За овој случај официјалните институции молчат или пак велат дека тие не се надлежни да откриваат кој ги отварал металните сандаци и ги фрлил на депониите, а со тоа потенцијално го загрозил здравјето на населението, додека од МВР велат дека уште работат на случајот.

    „Ние не сме надлежни за таа работа да бараме и утврдуваме кој ги отварал металните сандаци и кој ги фрлил на гостиварските депонии. Всушност, како служба немаме такви ингеренции. Тоа треба да го направат другите служби, полицијата, обвинителството, а не санитарниот инспекторат. Затоа и не излеговме на терен“, ни рече д-р Ирина Сотирова-Бухова од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ).

    Со сличен став се и од Центарот за јавно здравје од Гостивар.

    „Да се направи увид на сандаци, тоа не е наша обврска. Наша обврска е да ги следиме симптоматските пациени и изолацијата и затоа сме излегле на терен. Освен ова, нас како Центар за јавно здравје никој официјално нѐ не известил за тоа и не побарал од нас да одиме да видиме каде се наоѓаат тие сандаци. Сметам дека тоа е работа на полицијата и таа требало официјално да нè извести ако евентуално има потреба. Увид и проценка каков е ковчегот не е во нашите ингеренции“, вели д-р Благородна Мишковска-Војновска, епидемиолог во Центарот за јавно здравје во Гостивар.

    Официјални информации сѐ уште нема ниту од СВР Тетово. Од таму велат дека има извесни сознанија и дека уште се работи на случајот. Од извори од гостиварската полиција неофицијално дознаваме дека има сознанија според кои оставените метални мртовечки сандаци не потекнувале од починати од ковид-19 во Македонија, туку дека во нив биле лица починати лица во странство кои на овој начин, во метални сандаци кои потоа се ставени во дрвени сандаци, се транспортираат во државата за погреб и дека станува збор за лица кои починале од други причини, а не од ковид-19.

    Освен ова, останува дилемата дали семејствата имаат право да го отвараат металниот сандак во кој е транспортиран починатиот од странство без разлика што не е починат од ковид-19. Ваква работа не предвидел ниту законодавецот.

    Во Правилникот за условите и начинот на закопување, ископување и пренос на телото на умрено лице од февруари 2008, кој е донесен врз основа на Законот за заштита на населението од заразни болести, во член 8 стои само дека преносот на телото на умрено лице кое починало од заразна болест „се врши само во затворен и залемен метален сандак кој се става во дрвен сандак со претходно завиткување на телото во платно натопено со соодветен раствор на дезинфекционо средство, а празнината на металниот сандак се исполнува со дрвени струготини“, но не пишува ништо за транспортот на лица од странство починати од друга причина и дали, во тој случај, металниот сандак може да се отвори за лицето да се погреба на традиционален начин.

    З. АНДОНОВ


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира