ЌЕ СЕ УНИШТАТ 13 ИЛЈАДИ „ФАЈЗЕР“ ВАКЦИНИ ОД БУГАРСКАТА ДОНАЦИЈА ОД 51.480 ДОЗИ ОТИ ИМ ПОМИНА РОКОТ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

    ЌЕ СЕ УНИШТАТ 13 ИЛЈАДИ „ФАЈЗЕР“ ВАКЦИНИ ОД БУГАРСКАТА ДОНАЦИЈА ОД 51.480 ДОЗИ ОТИ ИМ ПОМИНА РОКОТ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВОСпоред бројот на аплицирани вакцини, 38% од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35% од популацијата во државата примила две дози вакцина. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Тринаесет илјади дози вакцини против ковид-19 кои Македонија ги доби како донација од Бугарија ќе бидат уништени како медицински отпад, велат од Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК. На 14 септември во Македонија стигнаа 51.480 дози вакцини, а рокот им беше до 30 септември, што значи дека за прва и втора доза се искористиле 38. 480 дози.

    Бугарското собрание на 8 септември со 146 гласа „за“ ја ратификуваше спогодбата за донација на 51.480 дози од вакцината на „Фајзер“ на Македонија. Пред гласањето, бугарскиот министер за здравство Стојчо Кацаров кажа дека ако не биде дента изгласана ратификација, вакцините нема да можат да ѝ бидат дадени на Македонија.

    „Конкретно за Северна Македонија, изборот е дали да ги уништиме или да ги подариме, затоа што на вакцините им истекува рокот до крајот на септември“, изјави Кацаров.

    „Вакцините против ковид-19 кои се донација од Бугарија денеска се повлечени од употреба поради истекот на рокот. Согласно законските процедури, вакцините ќе бидат уништени, како медицински отпад“, ни рекоа од Министерството, без да одговорат колку ќе чини уништувањето на вакцините.

    Директорот на Јавното претпријатие „Дрисла“ Коста Начевски ни рече дека нема никаква најава за уништување на вакцини ви нивната печка за уништување медицински отпад.

    Кога беше најавена оваа донација од техничката бугарска влада на 1 септември, беше кажано дека Бугарија има вишок од 2,8 милиони вакцини против ковид-19. Бугарија има најниска стапка на вакцинација во Европската унија, со нешто над 20% вакцинирани од вкупното население.

    Вчера во земјава аплицирани се вкупно 4.162 дози вакцини, од кои 994 се аплицирани како прва доза, 3.114 се ревакцинирани, а 54 граѓани примиле трета доза вакцина. Заклучно со 30 септември вкупно се вакцинирани 788.058 граѓани, ревакцинирани се 729.794, а трета доза примиле 235 граѓани. 53% од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирании, а 32% од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

    Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација, е 47,2% , а со две дози опфатени се 43,6% од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38% од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35% од популацијата во државата примила две дози вакцина.

    Во Македонија вакцинацијата се одвива со „Фајзер“, „Синовак“ и со „АстраЗенека“. Здравствените власти препорачаа децата од 12 до 18 години да се вакцинираат со „Фајзер“, а исто така само оваа вакцина да се користи за третата доза, независно од тоа кои биле вакцините за првата и втората доза.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира