Планот за воведување трамвај во Скопје вчера помина на владина седница, по што Министерството за финансии ќе ја почне постапката за кредитно задолжување кај Европската банка за обнова и развој. До распуштањето на Собранието заради парламентарните избори на 12 април, Законот за задолжување треба да се достави до пратениците, за потоа да може да се распише тендерот за набавка на возилата и имплемантацијата на системот ‘траклес трам’ или трамвај без шини.
Градоначалникот Петре Шилегов очекува кон крајот на 2021 Скопје да го добие новиот концепт на јавен превоз.
„Се надевам ќе немаме политиканство кај опозицијата, односно Законот за задолжувањето ќе може да биде усвоен пред распуштање на Парламентот заради парламентарните избори, за Градот да може ја почне постапката. Ако започнеме со постапката некаде во февруари, очекувам пред крајот на 2021 година првите возила да можеме да ги видиме во Скопје. Средствата кои се потребни за имплемантација ќе овозможат оформување на т.н. сообраќајни кичми во градот и тоа од Кисела Вода до Бутел и од Ѓорче Петров до Аеродром. Моето инсистирање секогаш било тие две делници да одат паралелно, можеби ќе имаме разлика во имплемантација од неколку месеци, меѓутоа за мене е важно цело Скопје да го решиме со современ превоз“, рече денеска градоначалникот Петре Шилегов.
Набавката и воведување на новиот јавен превоз би чинела околу 100 милиони евра. За двете траси ќе бидат потребни 60 возила, кои ќе имаат капацитет за 250 патници. Ќе бидат долги 24 метри и на секои 3-4 минути на автобуските станици ќе има возило. Ќе се движат по една сообраќајна лента која ќе биде физички одвоена од другите две ленти за да нема мешање со останатиот сообраќај, со што ќе се гарантира брзина и возен ред. Со воведувањето на трамвајот без шини на улиците каде ќе поминува нема да возат автобуси, за што ќе биде направен комплетно нов концепт за автобуски линии.
А. АНТЕВСКА