ВО ТЕТОВО ДЕНЕС НЕМА НОВ СЛУЧАЈ НА КОВИД-19, ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРИФИ АПЕЛИРА ДА НЕМА СОБИРАЊА ПО ДОМА

    ВО ТЕТОВО ДЕНЕС НЕМА НОВ СЛУЧАЈ НА КОВИД-19, ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРИФИ АПЕЛИРА ДА НЕМА СОБИРАЊА ПО ДОМАГрадоначалничката Теута Арифи кажа дека е започнат процесот за тестирање на вработените во градинките, како подготовка за нивно отворање. Паралелно со ова, општинските служби започнале и со надворешна и внатрешна дезинфекција на градинките. (Фото: СДК.МК)

    Тетово и понатаму е со висока бројка на заразени со КОВИД-19, констатира денеска Општинскиот кризен штаб, но охрабрува податокот дека изминатите 24 часа не се регистрирани новозаболени лица. Досега во Тетово се дијагностицирани 176 лица, излечени се  80, а 16 починале. Од Кризниот штаб апелираат и понатаму строго да се почитуваат мерките.

    „Податоците покажуваат дека нови случаи на инфекција со КОВИД-19 главно потекнуваат  од контакт со заразени лица, така што уште еднаш ги повикуваме граѓаните да бидат внимателни и одговорни, да одржуваат физичката дистанца и да носат заштитни маски. Многу е важно да се намалат посетите дома или задржувањето во затворено со повеќе луѓе подолг временски период, бидејќи овој начин е идентификуван како најопасен за ширење на вирусот. Вчера беа извршени тестови на 21 лице, од кои 18 се контролни тестови и 3 на граѓани кои имаа контакти со заразени лица и за среќа сите беа  негативни“, изјави градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи.

    Таа најави дека е започнат процесот за тестирање на вработените во градинките, како подготовка за нивно отворање. Паралелно со ова, општинските служби започнале и со надворешна и внатрешна дезинфекција на градинките.

    „Мерката на Владата за забрана на јавниот превоз останува и понатаму на сила, бидејќи сѐ уште нема одговор на нашето барање за нејзино укинување. Барањето е пратено на 13 мај, па очекуваме деновиве забраната конечно да се укине“,  рече градоначалничката Арифи.

    Според последните податоци, најмногу заразени лица има во Општина Тетово 84 (починати 6) и во Општина Боговиње 47 (починати 6). Во другите општини од Тетовскиот Регион бројот на заразените е далеку помал.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира