ПОЗИТИВНИ НА КОВИД-19 СЕ 17 ПАЦИЕНТИ И ДВАЈЦА ВРАБОТЕНИ ВО ПСИХИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА ВО ДЕМИР ХИСАР

    ПОЗИТИВНИ НА КОВИД-19 СЕ 17 ПАЦИЕНТИ И ДВАЈЦА ВРАБОТЕНИ ВО ПСИХИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА ВО ДЕМИР ХИСАРЕден пациент на 73-годишна возраст е починат поради компликации од вирусот на 3 август во Градската општа болница „8 Септември“, каде бил донесен на лекување на 30 јули; - Психијатриската болница во Демир Хисар. (Фото: СДК.МК)

    Во Психијатриската болница Демир Хисар позитивни на ковид-19 во моментов се 17 пациенти, една медицинска сестра и еден физички работник. Еден пациент на 73-годишна возраст починал поради компликации од вирусот на 3 август во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, каде бил донесен на лекување на 30 јули. Излечен е еден пациент кој бил на лекување во болницата во Битола и тој повторно е вратен во Демир Хисар.

    „Сите позитивни пациенти се изолирани и се со полесна клиничка слика. Овие позитивни пациенти се од направени 58 тестови. Вчера беа земени уште 29 брисеви за тестирање на пациенти и на еден вработен и ги чекаме резултатите. Од заболените пациенти еден е на 27-годишна возраст, а останатите пациенти се на возраст од над 55 години“, вели директорката на болницата Татјана Лозановска.

    19-те позитивни се сместени во три одделенија, соопшти Министерството за здравство.
    „Од нив, 16 позитивни пациенти се регистрирани од едно одделение, понатаму двајца пациенти од друго одделно одделение и во трето одделение има еден случај на коронавирус. Во однос на возрасната група на заболените, еден пациент е на 27 годишна возраст, а останатите пациенти се на возраст над 55 години“, соопштија од Министерството.

    За сите ковид пациенти на кои не им е потребно лекување во болнички услови болницата има обврска да ги лекува во установата. Постои посебен оддел за прием на пациенти, посебен оддел за третман и посебен оддел за изолација. Сите пациенти се лекуваат во едно засебно одделение, по протокол за лекување во домашни услови. Доколку нивната здравствената состојба наложи пациентите се лекуваат во болнички услови.

    Во моментов, во болницата се лекуваат 296 пациенти. Директорката Лозановска вели дека почетокот на пандемијата, Психијатриската болница Демир Хисар разработи протокол на функционирање во услови на ковид-19. Протоколот за прием на пациенти предвидува мерење на телесна температура, земање на епидемиолошка анамнеза, при секој прием пациентот мора да помине 14 дена во карантин во посебен објект во установата наменет само за тоа.

    „Во болницата забранета е посета на пациентите, но имаме 260 вработени, секоја втора куќа во Демир Хисар има вработен тука и се очекуваше да имаме и позитивен случај меѓу вработените. Сите вработени се максимално заштитени на работното место, ги почитуваат мерките за заштита, согласно протоколите за работа. Здравствената заштита и хигиена и во услови на ковид во установата е на највисоко ниво“ вели Лозановска.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира