ФАШИСТИЧКА АДМИНИСТРАЦИЈА

Ќе биде срамно од ЕУ ако ѝ дозволи на Бугарија во име на историјата од која се срами, да ја уништува иднината на Македонија. Ќе биде срамно, затоа што ова што Бугарија ѝ го прави на Македонија е навреда за антифашистичката борба во цел свет

ФАШИСТИЧКА АДМИНИСТРАЦИЈА

1 Како мисли Европската унија да не се меша во тоа што ѝ го прави Бугарија на Македонија? Па срамота е за ЕУ кога вика „Тоа си е ваша работа!“. Не е наша работа. Ваша работа е кога ваша земја-членка негира темелна цивилизациска придобивка како што е антифашизмот. Бугарија со уценувањето на Македонија дека нема да ѝ дозволи почеток на преговорите со ЕУ го прави токму тоа. А Европската унија ќе ѝ дозволи на Бугарија да ја блокира иднината на Македонија затоа што Бугарија не може да се соочи со своето фашистичко минато.

Со оглед на големината и популацијата, луѓето од Македонија дале голем придонес во антифашистичката борба и во темелите на чии вредности сега се заснова Европската унија, со чија поддршка над нас се изживува Бугарија. Ние уште од 1941 сме биле на страната на правдата и правдината, за разлика од бугарската власт која три години била на страната на фашизмот. Се свртеле со победниците дури во 1944.

И сега од Софија, вицепремиерката на земја-членка на ЕУ Екатерина Захариева, од позиција на сила што ѝ ја даваат останатите 26 земји членки ќе ни држи лекција: „Како ние што ја признаваме реалноста, така и тие мора да го признаат минатото“. Кое минато? Антифашизмот не е историја. Антифашизмот е реалност. Со која историја да се соочиме? Со таа со која тие одбиваат да се соочат?

Оти другиот вицепремиер пак, Красимир Каракачанов, како министер за одбрана ќе испраќа војска да ги менува плочите на спомениците од Втората светска војна и борбата на партизаните. Ќе ги менува зборовите „бугарски фашистички окупатор“ со „бугарска администрација“. Дури и да дошле со помош на Хитлер во 1941 како администрација, Бугарите тука биле фашистичка администрација. И три години додека „администрирале“ ги убивале македонските  антифашисти.

Ќе биде срамно од ЕУ ако ѝ дозволи на Бугарија во име на историјата од која се срами, да ја уништува иднината на Македонија. Ќе биде срамно, затоа што ова што Бугарија ѝ го прави на Македонија е навреда за антифашистичката борба во цел свет.

2 И сега, кога ќе дојде Каракачанов од бугарското ВМРО со инженерискиот полк и кога Захариева ќе нѐ соочи со историјата, ќе излезе дека тукашните партизани всушност биле незадоволни од администрацијата. Бугарскиот цар Борис не го молел Хитлер да му ја даде Македонија за да ја окупира, туку да ја администрира. Му рекол: „Слушај, вие Германците појма немате од администрација, ние Бугарите имаме подобри администратори“.

Така што, 66-те народни херои од Македонија не се бореле против фашистичките окупатори. Се бореле за ефикасна и модерна администрација. На спомениците на загинатите борци за слобода ќе пишува: „Загина во битка со бугарските администратори“. На спомен-костурниците на партизаните ќе пишува: „Смрт на администрацијата, слобода на народот“. Бугарски администратор го фрлил Цветан Димов од четврти кат на полициска зграда. Мирче Ацев и Страшо Пинџур ги умреле од обука за администрирање. Оти, колку била ем ефикасна, ем транспарентна бугарската администрација се покажало во 1942, кога администраторите ја шетале отсечената глава на Невена Георгиева-Дуња низ велешките села да му покажат на населението што значи добро владеење. Ваташките младинци не биле стрелани. Ги администрирале. И македонските 7.144 Евреи не биле насилно собрани и депортирани во Треблинка во март 1943. Биле предадени на Германците за понатамошно администрирање. И „праведниците меѓу народите“ на кои Израел им дал признание дека ги ризикувале своите животи за да ги спасат битолските Евреи, не ги спасувале своите сограѓани од депортација во логорите на смртта, туку ги спасувале од бугарската администрација.

И што сега? Европската унија поради својата пасивност и тромавост ќе прифати откажување од антифашизмот и негирање на холокаустот? Па ако е така, тогаш не е ни важно дали Македонија ќе ги почне преговорите со ЕУ. Оти „браќата Бугари“ ги разнишуваат темелните европски вредности. А ЕУ ќе им биде соучесник во тоа.

Велат дека треба да најдеме компромисно решение. Е па еве: Тие викаат дека биле администрација. Ние викаме дека биле  фашисти. Па на таблите нека пишува: фашистичка администрација.

3 На крајот на краиштата, историски факт е дека Македонија последниве шесто години била прво под отоманска управа, па под српска управа и под бугарска управа. Во 1945 година македонскиот народ се изборил за сопствена држава. Од 1993 година таа држава е членка на Обединетите нации. Во таа држава се зборува македонски јазик.

И – толку со историјата.

4 Пандемијата на ковид-19 зема замав. Есенскиот бран ги преполни Инфективните одделенија во болниците низ Македонија. Инфективната клиника е полна. Нема слободен болнички кревет ни во монтажната болница. Болните ќе се сместуваат и на Клиниката за кожни болести.

Ковидов го сврте кругот. Во март почна со разрешувањето на директорката на Кожно која болна доаѓала на работа. Есенва се врати пак на Кожно за да стане ковид-центар.

За пародијата веќе дефинитивно нема живот во Македонија.

5 Следниот протест на ВМРО-ДПМНЕ сигурно ќе биде пред Влада. Мицкоски ќе протестира дека Заев му ги украде и новинарите од медиумите на Груевски, Алфа, Канал 5 и МТВ, и ги вработи на раководни места во Владата и министерствата.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира