Уште не е закажана седница на Советот на Општина Центар на која што советниците треба да одлучат дали да се суспендира Деталниот урбанистички план (ДУП) за просторот кај „Холидеј ин“ во најстрогиот центар на Скопје. Позитивна одлука на Советот е единствен спас да се спречи градба на трите кули од 16,20 и 22 ката на инвеститорот „МГ Фешн“ и Македонската православна црква (МПЦ-ОА), откако за една зграда веќе се платени комуналии од 2,4 милиони евра и од Општина Центар е побарана е градежна дозвола.
Не само што не е закажана седницата за спас на срцето на Скопје, туку градоначалникот Саша Богдановиќ не знае кога ќе се закаже иако во прашање се денови кога инвеститорот може да добие дозвола за градба. Исто така, откако таква одлука би се донела од Советот на Општина Центар таа треба да биде одобрена од Министерството за транспорт и врски кое има рок од 15 дена да се изјасни, по што повторно се враќа во Општина Центар и дури тогаш станува правосилна.
Градоначалникот на седницата одржана на 15 април им објаснуваше на советниците само што значи суспензијата, беа да побара точката да се стави на гласање. Тој им кажа дека ако се донесе одлука за суспензија инвеститорот можел да тужи бидејќи тоа се дозволува со новиот Закон за урбанистичко планирање.
Богдановиќ утрово ни одговори дека седница не е закажана, но тој не ја закажува туку претседателката на Советот во консултација со советничките групи. На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто тој како градоначалник на побара вонредна седница, како што според овластувањата има право и досега во неколку наврати таква седница се закажала и одржала, Богдановиќ ни одговори ‘имам уште неколку консултации што треба да ги завршам’.
Претседателката на Советот на Општина Центар Цветанка Симоновска вели дека градоначалникот треба да достави до Советот материјали за да може да се закаже седница, а досега такво нешто ниту е направено, ниту пак е споменато.
„Откако ќе бидат доставени материјалите односно образложение за каква одлука се гласа, се закажува седница. Таа според деловник, се одржува после седум дена од денот на закажување и праќање на материјалите на советниците. Значи, ако денес се закаже ќе се одржи наредниот понеделник. Досега мене никој ништо не ми ни пратил, ниту пак усно ми спомнал, за да можам да закажам таква седница. А градоначалникот според деловник може да побара вонредна седница и таа се закажува одма за наредниот ден“, ни изјави претседателката на Советот Симоновска.
Откако проектот на „МГ Фешн“ и МОЦ (ОА) беше презентиран во јавноста и почнаа постапките за градење на овој последен слободен простор во центарот на градот, архитекти и граѓански организации побараа итна суспензија на ДУП-от и распишување конкурс на кој би се одбрало решение за што би имало на овој простор.
На првата од трите градежни парцели кај „Холидеј ин“ која е државното земјиште што во 2018 кога министер за транспорт и врски беше Горан Сугарески од СДСМ, беше продадено на инвеститорот и имот на МПЦ (ОА), ќе се градат три згради. На овој простор нема куќи, односно имотите на жителите од Ново Маало се на другите две градежни парцели кои не се опфатени со проектот. Прво ќе се гради зградата од 20 ката која се наоѓа на земјиштето на МПЦ-ОА и всушност ја попречува отвореноста на плоштадот кон кејот. Такму за оваа зграда се уплатени комуналии во висина од 2.4 милиони евра на Град Скопје и Општина Центар. Потоа би се градела станбената зграда од 22 ката, со зеленило на терасите и на крај деловниот центар од 16 ката. За овие два објекти дополнително ќе се платат комуналии, а за секоја Градот и Општината ќе наплатат приближно колку висината на комуналиите за првата зграда.
А. АНТЕВСКА