ВИЛМА И АНЏЕЛА

Едно општество за сите не значи дека државата треба да биде фер за сите, освен за тие што плаќаат данок

ВИЛМА И АНЏЕЛА

1 Чекајќи ја новата американска амбасадорка Анџела Прајс Агелер, која на сенаторите во Вашингтон им вети дека главна задача ќе ѝ биде да се бори против корупцијата во Македонија, ние тука не губиме време да ѝ отвориме што повеќе работа.

Па така, во приказната за борбата против корупцијата и заштитата на правдата и правната држава добивме уште еден уникатен пример. Владин функционер, како што во случајов е Арафат Муареми од Финансиската полиција, успеа да ја отстрани главната обвинителка, во случајов се вика Вилма Русковска, која по налог на судот направила претрес во канцелариите на државна институција каде што тој е директор. Нека проба сега некој обвинител да спроведе истрага против државен функционер.

Во друг случај, пак, стана вообичаена пракса правдата во Македонија да се истерува така што обвинетите што имаат многу пари си ја купуваат слободата со спогодба со судот, добиваат условни или намалени казни и имаат право на избор затворската казна да ја одлежат на чамец во езеро. Што е за право, и самата Вилма Русковска еднаш рече дека државата нема никаква корист ако богатите олигарси лежат во затвор наместо да си ја откупат казната, па државата да гради градинки.

Дојди, ќе се договориме, ако имаш пари правдата ќе биде задоволена.

2 И после се чудиме зошто на веста дека Владата носи мерки за штедење на струјата луѓето реагираат со терање мајтап. Затоа што никој не верува дека товарот на енергетската криза ќе го споделиме сите подеднакво.

Кој е насекиран дека ќе поскапи струјата? Тие што плаќаат. Тие што не плаќаат нема што да се секираат, кога другите плаќаат за нив.

А не е за смеење работава. Ќе нема струја. И таа што ќе ја има ќе биде многу скапа. Ама такво драматично предупредување и најава на владини мерки за штедење струја се сфаќаат сериозно само во сериозни држави. Нашиве вицови за владините мерки не се затоа што луѓето се несериозни, туку затоа што немаат доверба во институциите. Поточно, немаат доверба во луѓето што се напикани во тие институции, кој со партиска привилегија, кој со процентуален етнички клуч.

Баш ме интересира како ќе успее Владата да ги казни раководителите на институциите што нема да успеат да заштедат 15 отсто од струјата што ја трошеле лани? Ако ги казни, нека објавуваат списоци секој месец, да видиме од која партија се казнетите. Тие не можат да ги казнат вработените што не доаѓаат на работа, а ќе ги казнуваат раководителите што ги поставила некоја партија.

Иако, за волја на вистината, овој пат поарно е ич да не доаѓаат на работа. Да заштедиме за греалките што ги вклучуваат покрај парно, за заборавените светла и отворените компјутери. Вака барем само за платите што им ги даваме ќе бидеме зијан.

3 Уште колкумина треба да се вработат да примаат плата, а да не доаѓаат на работа за да се реализира методологијата на министерот за јавна администрација Адмирим Алити, кој пресметал дека на државно треба да се вработат 31,5 проценти Албанци? Во пресметката ги ставил и Албанците од Македонија што на последниот попис се пријавиле дека живеат во странство.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски вели дека во пресметката треба да влезе само населението што живее во Македонија. Министерот вели дека во пресметката треба да се внесат и тие што се во странство, и непопишаните, и тие што го бојкотираа пописот. Нека работат во Швајцарија, а тука нека им тече пензиско.

И после, оди прашај што направи Општина Арачиново со половина милион евра што ѝ ги даде Владата на Заев, онака, без никаков проект, да ѝ се најдат. Веднаш ќе те обвинат дека си македонски националист. И кога ќе направиш споредба дека најслаба наплата на данок на имот има во Тетово (55%), Гостивар (40%), а најдобар процент на наплата имаат Велес и Ѓорче Петров со 97% и Кавадарци и Аеродром (95%), пак ќе те направат македонски националист.

Па уште и министерот за финансии Фатмир Бесими ќе смислува даночни реформи со зелен данок, ќе пресметува колку малку ќе се оданочувале каматите од штедните влогови и ќе пишува колумни со дефиниции за правично оданочување. Кај живее Бесими? Во која држава цели општини не можат да соберат ни 50 отсто од данокот, а цели енклави воопшто не плаќаат данок?

Не станува збор за национализам. Ова не е етничко прашање. Ова е прашање на џебот. За пари се работи.

И кога власта вели: едно општество за сите, не значи дека државата треба да биде фер за сите, освен за тие што плаќаат данок.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира