1 Не е чудно тоа што, откако струшкиот градоначалник Рамис Мерко се најде на црната листа на САД, се откри дека против него имало шест активни случаи со сомнежи за организиран криминал и корупција. Не е чудно ни тоа дека некои од истрагите не ни почнале, туку биле заглавени во фиоките на обвинителите и по 8 години. Ама, чудно е како дојдовме до тоа обвинителите и судиите да бидат плаќани со пари на даночните обврзници на две држави за да си ја вршат работата, платите од кај нас, а обуките и студиските патувања од САД, а пак Рамис Мерко да им заврши на црна листа? Што научија обвинителите и судиите на тие студиски патувања низ Америка? Како да ги чуваат предметите против функционерите во фиока?
И што туку се чуди сега ДУИ што правел нивниот градоначалник, кога едно чудо обвинители, судии, судски вештаци и јавни службеници што го штителе струшкиот градоначалник се поставени на тие места како нивен партиски кадар. Па ќе барале „сеопфатна истрага“, па и ветинг на сите ќе барале, бре, бре, безгрешните тие, морални невини душички…. Е како, бре, го кандидиравте Мерко за градоначалник со шест активни пријави за корупција и криминал?
Што туку се чуди сега Советот на јавни обвинители, па допрва ќе праќа екипи во Струга да испитува како дошло до забошотување на пријавите против високиот функционер од ДУИ. А оние од Судскиот совет не се ни чудат, оти некој им ги крие претставките од Антикорупциската комисија. И премиерот Димитар Ковачевски ќе се чуди како тоа Америка видела криминал во Струга, а тукашното правосудство не видело. Па и ВМРО-ДПМНЕ ќе се чуди, иако најстариот случај против Мерко е од 2015 година, а не се чудеа кога во нивно време претседателката на Судскиот совет правеше списочињата на судии со секретарката на премиерот, според тефтерчињата на министерката за внатрешни работи.
И сега што? Ќе се чуди и Обвинителството за гонење организиран криминал кој ли е надлежен да покрене истраги против сите овие во низата заштитници на Мерко, обвинители, судии, политичари, јавни службеници… Па, сите тие луѓе си имаат име и презиме. Дали обвинителот за гонење организиран криминал ќе им поднесе обвинение за организиран кримнал на своите колеги?
Кога човек ќе ја види целата мрежа како се правеле и како се криеле криминалите само на еден градоначалник, излегува дека најмал проблем е што Мерко е ставен на црната листа на САД. Поголем проблем е што сите ние сме на црна листа во сопствената држава. Нè ставиле политичарите што ги бираме на избори, партиите што ни го земаат умот со нивните ветувања за борба против корупцијата, судиите и обвинителите што ги плаќаме да ни ја обезбедат правдата, полицијата од која очекуваме да нè заштити од криминалци и насилници.
Нашите животи се на црна листа.
2 Туку остај Мерко, тој не се ни криеше што прави и на сите ни играше мајтап, па го дознаа и Американците. Ама, дај нека не чепкаат повеќе, да не се појави на таа црна листа и некоја поголема ѕверка од струшкиот градоначалник. Има и други што ем нè лажат, ем нè крадат, ем ни се смеат в лице, и тоа нивното се гледа на илјадници километри подалеку од Македонија. Ама ако се појават и нивните имиња да не треба после да падне Владата, а Устав треба да се менува, преговори со ЕУ треба да почнуваат, вгодина ќе има избори за европски парламент, којзнае што сили таму ќе победат…
Рамис Мерко ја имаше таа чест и привилегија Американците како стратешки партнер на Македонија да го одберат токму неговото име за да испратат политичка порака. Таа порака за ДУИ е шокантна, оти тие уште од времето кога беа ОНА во 2001 правеа фама од американската поддршка. Таа поддршка до денеска им остана како аргумент дека се недопирливи. И така е. Дома, функционерите на ДУИ навистина се недопирливи.
Ако ништо друго, тогаш барем да се надеваме дека ова е почетно разбивање на митот за безусловната американска поддршка за ДУИ. Којзнае, можеби со тој себап, отсега покрај американското знаме на ДУИ ќе ѝ се најде и по некое македонско за веење.
3 Пред извесно време ме запре полиција за некој сообраќаен прекршок, си го признав делото, сообраќајците љубезни, прељубезни, беа двајца, двојазични, ми запишуваа податоци и ме прашаа за етничка припадност.
Јас им одговорив: „Тојота*!“.
„Ама господине, не ме разбравте, не ве прашав за колата, ве прашав што сте?“.
„Како што сум? Па Тојота сум. Пиши Тојота. Така се чувствувам денеска“. Иако, секогаш кога некој државен службеник ќе ме праша што сум по националност, јас им викам дека сум Тојота.
Нејсе, помина некое време и Министерството за правда донесе правилник во матичните книги за родени да се впишува етничката припадност. Ѝ благодарам на Владата дека сега кога ќе вадам извод ќе можам конечно да се пишам како Тојота.
И после, бидејќи во Матично ќе има регистриран припадник на етничката група Тојота, ќе мора и Министерството за информатичко општество во балансерот за вработување по етничка линија да стави графа Тојотанец. Што? Зарем ако сум Тојотанец да немам пристап до работа во јавна служба? Ќе морам да се пишам Македонец. Или Албанец, или Влав, или Ром… Па кога државата ќе се посомнева во мојата етничка чистота, наместо да го укине балансерот ќе донесе нов правилник. Оти, замислете Македонците го злоупотребувале балансерот, па се пишувале како Албанци за да се вработат во јавна служба.
А кој ѝ го дава правото на државата да истражува како се чувствуваш кога аплицираш за работа?
Директор на научно-истражувачка установа, и тоа многу стручна и сензитивна, добил закана од Народниот правобранител дека ќе плати казна оти не сакал да даде податоци колкумина од вработените се Македонци, Албанци, Власи, Срби, Роми, Бугари, Бошњаци, Хрвати, Црногорци, Кинези, Клингонци, Тојотанци… Одговорил: „Сите вработени се граѓани на Република Северна Македонија, сите се инженери, некои од нив се доктори на науки и магистри, а вам ако не ви е срам дојдете прашајте ги што се, оти мене ми е срам“.
И срамота е. И будалаштина е, една од многуте со кои се соочуваме во Македонија. Што ако се премислиш во текот на животот? Што ако родителите имаат различно етничко потекло? Како се докажува етничко потекло за да се запишеш на школо, да конкурираш за работа? Тој што го смислил ова сигурно имал школо, ама не знам со кој памет наметнал класична дискриминација.
Неприкосновено е правото на самоопределување. Нели тоа ѝ го докажуваме на ЕУ кога се бориме против бугарското вето што ни го негира тоа право. Ама, да мора да ѝ докажуваш на државата што си по националност за да добиеш работа, за да можеш да живееш, веќе е класичен нацизам.
И не знам зошто за ова никој уште не поднел постапка пред Уставниот суд. Веројатно затоа што пресудата нема да им обезбеди 78 проценти поголема плата.
4 Граѓаните на германското гратче Швангау во Баварија, на референдум одлучија дека сакаат локалниот замок Нојшвајнштајн да стане дел од светското наследство на УНЕСКО, како поддршка на покраинската влада да ја убеди комисијата на УНЕСКО за големата важност на баварските кралски замоци како споменици од светско значење.
Комисијата на УНЕСКО уште од 1979 е убедена дека Охрид и Охридското Езеро имаат важност од светско значење. Ама кога би се правел референдум, охриѓани и стружани би гласале УНЕСКО веќе да не ги заштитува. Оти не им дава да креваат катови на брегот. Оти не им дава да ставаат клими и сончеви панели на ќерамидите во старото јадро на Градот. Оти не им дава со метални конструкции да влегуваат во Езерото…
„Ќе нè умре УНЕСКО“.
„И ние мораме од нешто да живееме“.
Така се жалат охриѓани. Оти на таа пририодна убавина, на таа вековна цивилизација, на таа мултиетничност и мултиконфесионалност, на таа уникатна историја, на тој крстопат на цивилизациите, на тоа културно наследство, на таа автентична световна и духовна архитектура, на таа клима, воздушна бања, тие решиле да прават пари баш и само од металните платформи во езерото, бекатоните на плажите и пловилата што се забранети да возат по езерата низ Швајцарија и Австрија затоа што многу загадуваат, па ни ги продаваат тука како отпад.
Сироти жители на стотиците градови низ светот што се заштитени од УНЕСКО. Умираат од сиромаштија.
*Текстот не е спознориран од автомобилска индустрија, се работи за самочувствие.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST