АПЧЕ ЗА АМНЕЗИЈА

Зошто ги објавуваме имињата на новите директори на клиниките, болниците и другите јавни здравствени установи? За да знаеме кај кого да фаќаме врски.

АПЧЕ ЗА АМНЕЗИЈА

1 По изјавата на лидерот на СДСМ Венко Филипче, дека во кампањата ја увиделе грешката што ја направија со измените на Кривичниот законик со што застареа делата за корупција кај високите функционери, и по одговорот на премиерот Христијан Мицкоски, се чини како и двајцата да се под медицински третман. Филипче како самиот себе да си се оперирал од мозок, а Мицкоски како да зел апче за амнезија.

СДСМ во кампањата ја виделе грешката. А пред кампањата не можеа да ја видат кога цела јавност им викаше дека тие измени се криминални, а и Европската унија ги предупреди дека го злоупотребуваат европското знаменце. Башка што не е ова каква било грешка, па ај сега ќе си признаам и пола ќе ми простите. „Леле, згрешивме, ги амнестиравме сите вмровски функционери обвинети за криминал и корупција. Кој да ти знаел дека и отштета ќе треба да им се плаќа од вашите пари“.

Тоа беше упад во правниот систем.

А премиерот Христијан Мицкоски божем заборави дека ВМРО-ДПМНЕ беше соучесничка во носењето на измените на Кривичниот законик правејќи кворум на собраниската седница. И нормално, не му се слуша кога Филипче бара нов Кривичен законик, оти баш вмровските функционери се спасија. Па уште и мудрува дека сега граѓаните ќе плаќаат отштета, зашто на неговите луѓе благодарение на овој закон преку ноќ им застареа делата и се спасија од кривично гонење. Во моментов ми текнува само на некои од нив кои сега станаа високи функционери – на Антонио Милошоски, потпретседател на Собранието, министерот Љупчо Димовски, генералниот секретар на Владата Игор Јанушев.

Божем, измените на Кривичниот законик се случија пред 100 години. Божем, судските процеси против функционерите од Владата на Никола Груевски беа во минатиот век. Па нема ни година дена откако измените беа изгласани во Собранието, а судските процеси редум згаснуваа поради застареност.

Не сме сите под медицински третман за амнезија.

2 Ги читам соопштенијата од примопредавањата на функциите на замениците-министри и никако не можам да си доловам зошто воопшто постојат заменици-министри. Или еве, да речеш – постојат, ама што работат замениците-министри? При генерални секретари, државни секретари, шефови на кабинети и советници на секој министер, баш ме интересира каква е употребната вредност на функцијата заменик-министер освен да се задоволат партиските апетити за функционерско место со добра плата, службена кола, секретарка, кабинет и правична застапеност, ако министерот е Македонец, заменикот да биде Албанец…

Исто така, не можам да најдам никакво разумно објаснување зошто со секоја промена на власта итно мора да се сменат сите директори на државни институции и без оглас да се постават в. д. директори – од директори на државни претпријатија до главни сестри во болници, директори на културни центри, театри и градинки и национални координатори за сешто, па дури и координаторката за трансплантација сосе заменичката. До каде иде будалаштината – ќе пропадне државата ако партиски не се смени директорот на „Танец“. „Тешкото“ премногу лесно го играле. Не клечеле доволно.  Иако, можеби во „Танец“ и имаат среќа оти новата директорка доаѓа од ансамблот каде е првенка. Според професионалната биографија, таа е далеку над квалификациите на замениците-министри што ги набутаа за коалициско балансирање.

Барем еден политичар досега да се охрабреше да ја прекине таа пракса. Да не е битна партијата и националноста, туку да е битна стручноста и професионалноста. Вака, излегува дека добар директор е добар само за партијата што го поставува, а не и за граѓаните.

Еден колега реагираше зошто медиумите ги објавуваат имињата на новите директори на клиниките, болниците и другите јавни здравствени установи. Зошто е тоа релевантна информација за јавниот интерес? И, можеби е во право. Кој пациент во нормална држава го знае името на директорот на некоја клиника? И зошто воопшто би го знаел? Зошто таа информација би му била битна на обичен граѓанин што редовно си ги плаќа даночните обврски кон државата? Дали за да знаеме кај кого да фаќаме врски?

Па, да! Кај нас таа информација може да ти го спаси животот. Оти, што е најтрагично, и здравјето ни зависи од партијата.

3 Унгарија се задолжи милијарда долари од Кина. Нам ќе ни даде 500 милиони евра.

Купи-продај работава. Нека се врти парата.

4 СДСМ го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека тој и тројцата министри што патуваа со него на Самитот на НАТО во Вашингтон потрошиле 20.000 евра само за авионски карти за бизнис класа. Тој се правдаше дека го болеле колената и дека ако летал со економска класа другиот ден таму нема да можел да функционира. Па ако го болеле колената, не го болела главата. Синким таму беше отиден да трча маратон, ама ај.

Нема врска муабетов. Премиер е. Нормално е да патува со бизнис класа, особено на прекуокеански патувања и тука нема што да се дебатира. Некогаш државата мора и да потроши. Да бевме побогата земја, ќе патуваше со авион на военото воздухопловство, како што патуваат другите државници.

Ама кога се пуваш со популизам, некогаш и самиот ќе настрадаш од популизам. Mожам да претпоставам што сѐ ќе смислеше ВМРО-ДПМНЕ во опозиција ако претходната влада на СДСМ и ДУИ одлучеше да купи нов владин авион, оти овој што го имаме е од 2004. Колку ли ќе кукаа за „душманско“ трошење.  Сигурно и ќе се залепеа за пистата како климатските активисти низ Германија. Е па Мицкоски веќе не е опозиција. Бујрум сега, како премиер нека им објаснува на неговите гласачи колку нивни плати се 20.000 евра за авионски карти.

5 Дознавме и дека на покусите летови, Мицкоски поради проблеми со колената секогаш седи во редовите каде што се вратите за итна евакуација, оти таму има поширок простор да си ги испружи нозете. Тоа значи дека пред секое полетување стјуардесите го замолуваат добро да го проучи упатството за отворање на вратата и го прашуваат дали е спремен да помага при итна евакуација во случај на принудно слетување.

При принудно слетување екипажот им дава наредба на патниците: „Brace for impact“ (Спреми се за удар). По што, на земја или во вода, следува итна евакуација.

Добрата вест е дека премиерот е спремен да ја отвори вратата за итни случаи. Лошата е дека бидејќи прв ќе ја отвори, тој прв и ќе избега. Тоа им е традиција во партијата. А ние, патниците, еве – спремни сме за удар. Цело време сме спремни.  Да паднеме, ама да се спасиме.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира