ПИСМО ЗА НИКАДЕ

Би пишувале писмо, ама нема кому да го пратиме

    ПИСМО ЗА НИКАДЕ

    1 Владата има идеја како да ги одблокира преговорите со ЕУ.  Ама не ѝ се брза.

    Премиерот Христијан Мицкоски најави дека „преку институционални канали ќе се обрати и ќе работи со Европската комисија и со партнерите за изнаоѓање решение кое ќе биде достоинствено и согласно националните интереси“. Министерот за евроинтеграции и главен преговарач за ЕУ Орхан Муртезани рече дека во Владата се подготвува писмо, ама уште е во фаза на интерни разговори оти „и да имаме предлог нема да брзаме да го објавиме пред да бидат завршени изборите во Бугарија“. А на барањето на лидерот на опозицијата Венко Филипче Владата на собраниска седница да ги каже предлозите како ќе го одблокира процесот, портпаролката Марија Митева одговори дека Владата со писмо ќе го извести Собранието „кога ќе биде готово решението“.

    Со нетрпение го чекаме писмото.

    Ама чекајте сега, прво да завршат изборите во Бугарија. Па таму да се формира Влада, ако овојпат успеат да ја формираат. Ако не, ќе чекаме уште едни бугарски избори.

    Ама чекајте, прво да се избере составот на новата Европска комисија, па после да им да дадеме време на новите европски комесари да се фатат за работа. Инаку, писмо би им напишале уште сега. Ама, нема кому да го испратиме.

    Башка што Европската унија нема да презема некои драматично поинакви чекори во политиката на проширувањето, барем додека не поминат изборите во Германија идната есен. Така што, ќе почекаме да видиме и кого ќе изберат Германците.

    Во тој период отприлика ќе се поклопат и нашите локални избори, па ќе ги почекаме и нив.

    Така што, 2030 година можеби не е реален датум кога Македонија може да стане членка на ЕУ. Ама, за волја на вистината, реално е до 2030 писмото да стигне до европските институции, дури и ако патува како препорачана пратка преку „Македонска пошта“ по брзата пруга на „Македонски железници“.

    2 Тоа што министерката за енергетика Сања Божиновска има бугарско државјанство не е нешто незаконски. Реално, не е проблем да имаш две, а во случајот на министерката Божиновска и три државјанства  – македонско, чешко и бугарско. Проблем е што го криела бугарското. Зарем се срами од бугарскиот пасош? А не се срамела кога докажувала дека е Бугарка.

    Не дека ја судиме министерката. Не бараме оправдување ни зошто ги зела бугарското и чешкото државјанство. Бараме одговор зошто не ги пријавила. Едноставно – таа е носителка на јавна функција. Како да ѝ веруваме дека ќе работи за интересите на Македонија, а не за интересите на Бугарија и Чешка? Секторот енергетика го води. Стратешко прашање е. На збор ли да ѝ веруваме? Како, кога еднаш веќе скрила важен податок за гласачите и даночните обврзници?  Или, да ги прашаме адвокатите дали може да ѝ веруваме?

    Најдобро би било премиерот Мицкоски во еден ден да ги објави сите министри и пратеници од неговата партија што имаат бугарски пасоши. Ќе помине ука, бука, за една недела ќе излезе друга афера, тие ќе си тераат работа, а и ние ќе си знаеме со кого си имаме работа. Не за друго, туку затоа што Бугарија секако си има податоци за сите македонски политичари што имаат бугарски државјанства.  И по потреба ќе им ги вади имињата. Не се будали да не им ги вадат. И јас да сум на нивно место, и јас би ги објавувал. Особено на оние што се најгласни против Бугарија. На тие што тука ни зборуваат за гордост, а во џебовите носат по два- три пасоши за секој случај.

    На крајот на краиштата, ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство во Собранието, нека го сменат законот. Тој што сака да биде државен функционер да не смее да има двојно државјанство. Вчера градоначалник, денес министер, утре може ќе ни подметнат да изгласаме и претседател на држава со двојно државјанство. Да не одиме многу далеку, да не претеруваме со параноја или теории на заговор и да прашуваме за кои служби работат, ама па, од каде да знаеме која татковина им е помила?

    3 Министерката за финансии Горданa Димитриеска-Кочоска во Будимпешта го потпиша договорот за кредит од Унгарија во вредност од 500 милиони евра.

    Унгарската Влада на Виктор Орбан е стратешки партнер на македонската Влада на Христијан Мицкоски.

    Унгарија е државата чии тајни служби го извлекоа поранешниот премиер Никола Груевски за да се спаси од затвор, му даде политички азил и веќе шеста година ни го чува во Будимпешта.

    Унгарија овие шест месеци е претседавач на Европската унија. И го одобри овој кредит баш во периодот кога претседава со Европската унија.

    Унгарија како претседавач со Европската унија гласаше да се одвојат Македонија и Албанија од пакетот за преговори со ЕУ, па Албанија ги продолжува преговорите, а Македонија не.

    Нели е откачено?

    Ова е уште една од епизодите на македонската космодиск-дипломатија. Звучи шашаво, ама функционира. Како, и со кои последици – да сме здрави и живи, само ќе ни се каже.

    4 Препрочитувајќи си ги старите колумни објавени ова време, околу празникот на народното востание против фашистичкиот окупатор, си ја пронајдов колумната „Лажен сјај“ што сум ја објавил во весникот „Вечер“ на 12 октомври 1996. Еве дел од таа колумна:

    „Пред некој ден во редакцијата ме посети едно старче и ми даде кусо писмо, кое тој  го напишал до Американците и во кое, потсетувајќи се на НОВ и на првото слушање на ‘Глас на Америка’ во 1942 година, се надева дека ќе ни помогнат да ја зачуваме државата. Кога го прашав што да правам со писмото, тој ми одговори ‘Не барам ништо!’. На мојата очигледна зачуденост (може ли некој во ова време да не бара ништо), старчето со треперлив глас и со насолзени очи ми дообјасни: ‘Ништо, само да ја зачуваме златнава… ‘ И си замина.
    Вчера имавме проблем што не можевме да се договориме кој ќе напише пригоден текст за празникот 11 Октомври. Така и се сетив на случката со старчето и неговото писмо. Затоа и решив пригодниот празничен дел од денешниов текст да му го посветам нему. Зошто ли имаше потреба некому така трогателно да му каже: ‘Само да ја зачуваме златнава’…”

    И што да каже човек по 28 години на истиов датум по истиот повод?

    Смрт на фашизмот. Слобода на народот. Тој слоган никогаш не излегува од мода.

    АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира