1 Пензионерите се солидна бројка лојални гласачи, ама не треба да си ни просечен правник или економист за да знаеш дека линеарно покачување на пензиите, едноставно, не држи вода во држава која одлучила да се развива како капиталистичко општество со пазарна економија. Особено ако на власт е конзервативна партија, во чијашто идеологија по природата на нештата би требало да е запишано дека капиталот и личните примања се светиња. Не треба да си уставен судија за да знаеш дека моделот на линеарно покачување на пензиите е неуставен. Ако тој модел е одржлив, тогаш и покачувањето на платите на сите во државната и јавната администрација треба да биде линеарно.
Пензиите не се социјална категорија. Не се ни награда. Пензиите се лична заработка. И ако државата сака да им помогне на пензионерите што се со најниски примања, може да си предвиди посебна стапка во буџетот, како што си предвидува и за други ранливи категории, а не да чепка во туѓите заработки.
Верувам дека тоа го знае и премиерот Христијан Мицкоски. Ама кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, не ни треба ни Уставен суд. Оти премиерот е сѐ во едно, па по потреба е и уставен судија и директор на Пензискиот фонд. И еве, да не бидеме како него, ајде да не коментираме дали урамниловката како модел за пензиите е уставна или неуставна. Туку, дали е логична.
Мене муабетов му се чини беспредметен. Ама логиката на премиерот е: или ќе биде на мој начин, или тие што ќе ми се спротивстават ќе ги навредам и со кодошење ќе им правам јавен линч, како што неговите од партијата ѝ прават на судијката за која тој имал информации дека веќе ја потпишала одлуката да се укине линеарното зголемување на пензиите. Синким таа е газдарица на предметите во Уставниот суд. Другите судии се неважни. А осуммина се и гласаат тајно.
Ама, ко што би рекол еден мој колега на работа кога го зафаќа апатија: џабе ти е пишувањето Горан, така ти е со ВМРО-ДПМНЕ. Тие и враќање на името на државата ветуваа. И промена на преговарачката рамка со ЕУ ветуваа. А ти па кога ќе запнеш, сега за едни пензии си се фатил.
Ионака ветувањата се за краткорочна меморија.
2Бидејќи доцни исплатата на парите од враќањето на ДДВ од скенираните фискални сметки, еве да ѝ помогнам на Владата со една идеја како да заштеди, ако ѝ снемува пари во буџетот за „Мој ДДВ“. Зошто на сите што скенирале сметки не им исплати линеарно, да речеме по 300 денари? Зошто некој да ги земе максималните 2.100 денари, а некој да земе само 100 денари? Ако може линеарно покачување на пензиите, зошто да не може линеарно враќање на ДДВ?
Ако некој чека 2.100 денари поврат на ДДВ, тоа значи дека многу трошел. Ако многу трошел значи дека има многу пари. Ако има многу пари, тогаш не му ни требаат пари. Зошто воопшто државата да му враќа дел од ДДВ.
Башка муабет е дека тоа „Мој ДДВ“ беше проект на Заев. Штом е од Заев, значи дека не чини.
Има логика нели? Ако не ви изгледа логично, тогаш ќе ви објасни премиерот на нарачано пратеничко прашање од негов сопартиец на прецизен математички начин. Ќе кажува бројки, проценти, промили, ќе вади медијани, квадратен корен од БДП, ќе пресметува плус со минус и готово – брзо ќе ти здосади, губиш концентрација и баталуваш, не го слушаш. Ќе нѐ фати на кондиција како и за сѐ.
Уште нѐ заморува со математиките за платите на обвинителите и судиите. Пред некој ден ги обвини дека „се жалат на три-четири илјади евра плата, а замислете како им е на дечињата во градинка кои немаат играчки за играње“.
Какво лошо време дојде по седумгодишното владеење на СДСМ и ДУИ, децата во градинка само за правосудството зборуваат. Кога редат коцки си викаат: е ваква куќа сакам, како на обвинителот. А кога ги пресоблекуваат куклите им завидуваат на фустаните на судијките. Децата на абакус ги редат само двата проценти доверба во судството. Опседнати се со платите на обвинителите и судиите, па за часовниците на премиерот вредни илјадници евра не им останува време да направат муабет. И на крај на денот, со нетрпение чекаат бабите и дедовците да ги земат од градинка, за да може дома, на раат заедно да ја озборуваат лошата тетка што сака да им ги земе пензиите.
3 Земјиштето на Водно почна да се лизга. И одеднаш, Водно станува државен проблем. Па направиле кризно тело, Општина Центар побарала помош од Центар за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Градежен факултет…
Ајдее… Зошто ни трошат од нашите пари? Зошто ние да им го санираме свлечиштето? Што не си ги викнат сега фирмите што прават измени во урбанистичките планови по нарачка на приватните инвеститори? Сега тие нека им направат планови за санација. Сега им текна да ги викаат професорите за земјотресно инженерство и од Градежниот факултет. Па што не ги викнаа кога ги даваа дозволите за градба и кога ги окрупнуваа парцелите „за џабалак“. Тогаш стручњаци не им требаа оти, ко што викаа, „којзнае што ве учеле на тие комуњарските факултети”. Е па, сега нека си ги платат приватно. Имаат пари, нели инвеститори ги викаат. Башка и одговорно општествени компании се.
Не за џабе Водно се вика – Водно.
И планско градење се вика – планско градење.
Ама кај нас единствениот план во градењето е колку ќе ќарат градежниците и како ќарот ќе го поделат со власта. И тоа, од најситниот референт во Општината до градоначалниците. Тој план совршено функционира. Планското градење се претвора во планско крадење.
Ама да се знае: сѐ е по закон шефе.
4 Пред точно четири години, на 26 ноември 2021, непосредно по автобуската несреќа на „Беса транс“ во Бугарија, кога загинаа 45 патници сум го напишал ова:
Ќе се завлече и несреќата на „Беса транс“ како онаа на „Дурмо турс“ во 100 судски рочишта со вештачења, контравештачења и супервештачења и ќе си продолжиме да преживуваме до следната несреќа. Фино што имаме барем Фејсбук и Твитер. Мораме ова, мораме она, мораме вака, мораме така… Што мораме? Мораме само да умреме. Лути се, коментирај, преспиј и – заборави.
А пред само два два месеца, на 3 октомври, на ова исто место прашав кои се шансите двајца осуденици, од иста фирма, во ист судски процес, да не одат в затвор оти и двајцата имале кила на тестиси? Сопственикот на фирмата „Дурмо турс“ Дурмиш Белули и одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари, беа осудени на по 10 години затвор поради автобуската несреќа што се случи во февруари 2019 на автопатот Скопје-Тетово во која загинаа 16 патници, а над 30 беа повредени. Тие веќе петти месец требаше да бидат в затвор, ама во Основниот суд Тетово, од Одделението за извршување на санкциите ни рекоа дека двајцата осудени имале проблем со тестисите. Белули имал херниа (кила) на едниот тестис, а Мифтари имал на двата.
Е па, шансите двајца осуденици, од иста фирма, во ист судски процес, да не одат в затвор оти и двајцата имале иста мака со тестисите биле големи. Мифтари избега од државата. Не му тежеле килата на мадињата.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST



