КУЌЕН ПРИТВОР ЗА СИСТЕМОТ

Осомничена е и Довербата, ама таа е недостапна на органите на прогонот затоа што се дала во бегство

    КУЌЕН ПРИТВОР ЗА СИСТЕМОТ

    1 СДК.МК дознава дека вечерва се приведени Институцијата и Системот. Задржани се на информативен разговор. Институцијата е осомничена за Несовесно работење во службата. А Системот е осомничен за Помагање на сторител на кривично дело. Осомничена е и Довербата, ама таа е недостапна на органите на прогонот затоа што се дала во бегство. Сите тројца осомничени, Институцијата, Системот и Довербата, формирале злосторничко здружување против граѓаните.

    Вака би изгледало полициско соопштение според тоа како граѓаните и особено функционерите го сфаќаат значењето на зборовите „институција“ и „систем“. Особено кога ќе се случи некоја трагедија што можела да се избегне. И особено кога институцијата Претседателка на државата ќе ги искритикува институциите дека не си ја ја вршат својата работа во системот, осврнувајќи се на смртта на Ивана Јовановска и нејзината шестгодишната ќерка Катја, која со години била малтретирана од сопругот Стојанче Јовановски, кој ја тепал и два часа пред таа да се фрли од зграда заедно со ќерка си.

    Па ако следиме како ќе се развива првичната вест за осомничените Институција и Систем, ќе дојдеме до сознание дека Довербата имала право што избегала. Затоа што сфатила дека на крај таа ќе настрада. Ќе се отвори предистрага, па истрага, па ќе се пишува обвинение, па ќе се одобрува обвинението, па Институцијата и Системот ќе се жалат, па ќе бидат ставени во куќен притвор, па ќе има судење, па ќе има безброј одложувања, па потоа пресудата од Основниот суд ќе патува до Апелација, па Апелација ќе го врати на повторно судење, па Поштата не работи, па Основниот суд не сфатил што му е грешката во првата пресуда… И така, ќе си помине времето. И делото ќе застари.

    А во меѓувреме, институциите ќе се полнат со кадри чиј единствен квалитет е дека се нашле на партиски список за вработување на државен буџет. По стручност да не се примени, случајно? Или на конкурс: Сите се од партија. Од едната, другата, третата… И тоа во сите институции. Од министерства до општински инспекции и социјални служби. Од Претседател на држава до музеи и театри. Од судови и обвинителства до државни болници и поликлиники.

    Затоа и Довербата, третоосомничената од злосторничкото здружение формирано од Институцијата со поддршка на Системот, никогаш нема да се врати од бегство. Затоа што и ние граѓаните никако да научиме и никако да сфатиме дека Институцијата и Системот се тие што треба да работат за нас. А не ние за нив.

    И тука веќе помош – нема.

    2 Кога сме веќе кај безбедноста, ми текна на говорот на премиерот Христијан Мицкоски по повод Денот на полицијата на 7 мај минатата година.

    Честитајќи им го празникот на полицајците во Центарот за обука на МВР, тој им рече дека нивната мисија е света – да ја вратат довербата кај народот. Затоа што со неговата влада заврши времето кога „криминалците се шетаа слободно, државата молчеше, а граѓаните живееја со чувството на немоќ“.

    Мицкоски на 7 мај 2025 рече дека „безбедноста не е само статистика, таа е чувство“. Не можам да оценам какво е чувството за безбедност кај другите граѓани, ама девет месеци откако премиерот ја кажа таа мудра мисла статистиката вели дека во земјава за само два месеци од почетокот на годинава се регистрирани четири убиства на жени затоа што се жени.

    Опишувајќи им го го чувството на безбедност на полицајците, Мицкоски рече дека „тоа е кога родител без страв го пушта своето дете во училиште“. Тоа го кажа ланскиот 7 мај, неполни два месеца откако во нелегална дискотека во Кочани во пожар загинаа 63 луѓе, од кои најголемиот број беа млади, а меѓу нив и деца.

    И конечно, премиерот рече дека чувството на безбедност е „кога една мајка спокојно се враќа дома во доцните часови“. Ивана од скопската населба Тафталиџе не се враќала дома во доцните часови. Била натепана среде бел ден од мажот ѝ и полицијата тоа го регистрирала само два часа пред таа да се самоубие заедно со ќерката. А социјалните служби со години не ја заштитувале ниту неа, ниту детето од насилниот сопруг и татко.

    „Чувството на безбедност е кога секој граѓанин знае дека државата стои зад него“, ќе рече на 7 мај 2025 премиерот.

    Гледаме ние секој ден како државата стои зад народот. Со напикани партиски кадри по институциите на кои ни на крај памет не им доаѓа дека таму се за да му служат на народот. Ама затоа се спремни да ѝ служат на партијата оти многумина од нив без партија не би можеле ни да сонуваат да бидат на местата за кои не се кадарни. Спремни се дури и да мразат по команда на партијата.

    3 Едно време се смеевме што министри од иста влада си правеа пи-ар дека се сретнале еден со друг, па си се сликаа како се ракуваат, па и соопштенија си пуштаа и си се објавуваа на Фејсбук. Во последно време сѐ почести се соопштенијата за средби меѓу двајца, па дури и тројца директори на државни институции, со помпезна фраза за „интеринституционална соработка“ на која „биле разгледани можностите за меѓусебна соработка во интерес на граѓаните“.

    Покрај државничките посети на директорите на државни институции едни кај други, сега имаме и средби на кои државни институции меѓу себе потпишуваат меморандуми за соработка, па и скопските Општини со Град Скопје. Значи, жива дипломатска активност овековечена со слики од сите десет агли објавени по фејсбуци, инстаграми, чиниш Иран, Дубаи, Гренланд и Газа ги решаваат заедно сосе Куба и Венецуела.

    Што е следно? Соопштенија и слики дека дошле на работа и се фатиле за работа?

    AUDIO PODCAST

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира