Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека Град Скопје почнува со реализација на проектот за Брз автобуски превоз (БРТ) откако Владата на вчерашната седница го одобри договорот за негова имплементација. Проектот за БРТ во Скопје почна да се реализира во 2020, во време на владата на СДСМ кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, а договорот за заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го потпиша тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ преку партиски прес-конференции и соопштенија остро го критикуваше проектот велејќи дека е скап и несоодветно решение за главниот град.
Потоа, 4 години кога градоначалничка беше Данела Арсовска во Советот на Град Скопје советниците од ВМРО-ДПМНЕ го блокираа проектот. Со тоа се изгубија 4 години, а јавниот превоз во градот е во колапс и нема автобуси бидејќи пола се расипани. Вчера, министерот за транспорт и врски Александар Николоски, исто така, се пофали дека почнува реализацијата на БРТ проектот велејќи дека ќе биде биде готов за три години, односно во февруари 2029. Тоа значи дека да немаше блокади од ВМРО-ДПМНЕ изминативе 4 години, досега проектот ќе беше готов и немаше да се чека автобус по еден час на станиците.
Од државниот буџет од 2021 наваму се плаќаат 350.000 евра годишно камата на Европската банка за обнова и развој оти не се користи парите од кредитот во висина од 70 милиони евра за воведување БРТ.
Ѓорѓиевски вчера во објавата на неговиот фејсбук профил напиша дека БРТ е еден од најзначајните инфраструктурни зафати за модернизација на јавниот превоз и унапредување на мобилноста во главниот град.
„БРТ претставува современ систем на јавен превоз кој функционира по принцип на метро на тркала со посебни, одвоени ленти за движење, приоритет на раскрсници и висока фреквенција на возила. Овој концепт овозможува побрз, сигурен и предвидлив превоз, значително намалување на гужвите и времето на патување, како и намалување на загадувањето, што го прави клучен чекор кон поодржливо и поеколошко Скопје“, вели Ѓорѓиевски.
Проектот за БРТ го најави тогашниот градоначалник Петре Шилегов уште во 2019. На 17 ноември 2020, Владата го утврди текстот на Предлог-законот за задолжување кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“. На 3 април 2021, Собранието го изгласа Законот за задолжување кај Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) за воведување на БРТ. На 21 април 2021, градоначалникот Шилегов, министерите за финансии Фатмир Бесими и за транспорт и врски Благој Бочварски и претставникот на ЕБОР во земјава Анди Аранитаси го потпишаа договорот за заем од 70 милиони евра, кој се однесува на воведување на две линии и тоа од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода.
„Проектот ќе ги поддржи напорите на Градот во справувањето со предизвиците на јавниот превоз на поефикасен и структуриран начин, преку подготовка и имплементација на одржлив урбан план на мобилност. Справување со загадувањето во Скопје е приоритет и ја поздравуваме посветеноста на властите за одлучна и брза акција, каде што ЕБОР стои подготвен за целосна поддршка, што се покажува и со денешното потпишување на овој проект”, кажа на потпишувањето на заемот претставникот на ЕБОР Аранитаси.
- РАСПИШАН ТЕНДЕРОТ ЗА АВТОБУСКОТО МЕТРО ВО СКОПЈЕ, ДО СРЕДИНАТА НА ДЕКЕМВРИ ЌЕ ЗАВРШИ ПРВАТА ПРЕТКВАЛИФИКАЦИСКА ФАЗА
- АРСОВСКА ГО СТОПИРАШЕ ТЕНДЕРОТ ЗА АВТОБУСКО МЕТРО ВО СКОПЈЕ РАСПИШАН ОД ШИЛЕГОВ И ЕБОР
-
СО МИЦКОСКИ ЗАЕДНО БАРАМЕ ГРАНТОВИ ЗА ЕКОЛОШКИ АВТОБУСИ, ВЕЛИ СКОПСКАТА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА АРСОВСКА
Во јули 2021, проектот ѝ беше презентиран на јавноста и беше кажано дека возилата ќе се движат по посебна лента која ќе биде во средишните жардинери, а ќе биде одвоена од лентите за сообраќај со зеленило од двете страни. Станиците ќе бидат од затворен тип, што значи наплатата ќе се врши во нив по принципот на метро станиците, а не во автобусите. Со тоа, пократко ќе биде задржувањето на патниците и ќе се овозможи поголема брзина на возилата. Од Ново Лисиче до Ѓорче Петров ќе се стасува за 30 минути.
По презентацијата на проектот од ВМРО-ДПМНЕ на 8 јули 2021 преку партиско соопштение го критикуваа велејќи дека е скап, не е за Скопје и дека ќе се уништи средишното зеленило на булевар Партизански одреди.
„Системот за БРТ превозот е неосмислен и набрзина изведен без да се земат во предвид сите други фактори кои влијаат на сообраќајното уредување на градот. Сакаме да потенцираме дека овој проект е многу скап и неефикасен за град Скопје со овој број на население и оваа географска распространетост. Системот на сообраќање на автобусите на БРТ е неефикасен затоа што автобусите ќе се движат на секои три минути со што во голем дел од временските интервали, возилата ќе бидат празни и ќе оперираат со мал број луѓе“, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ во јули 2021.
На 29 октомври 2021, на сајтот на Европската банка за обнова и развој беше објавен меѓународниот тендер за воведување на Брз автобуски транзит (БРТ). Тендерот требаше да се спроведува во две фази.
На локалните избори во октомври 2021 победи кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовска. Таа на 16 декември, уште додека не беше скарана за ВМРО-ДПМНЕ, го стопираше проектот велејќи дека тоа не е проект од нејзината програма за „Модерно Скопје“ и дека скопјани нејзе ја избрале за да набави 250 еколошки автобуси и да воведе бесплатен превоз. Во март 2022, кажа дека заедно со премиерот Христијан Мицкоски бараат фондови за набавка на нови автобуси. Во нејзиниот мандат не беа набавени ниту автобуси не беше воведен ниту бесплатен превоз, туку настана целосен колапс на јавниот превоз.
За неполна година од мандатот Арсовска се скара со ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, па оттогаш советниците на ВМРО-ДПМНЕ кои беа мнозинство во Советот на Град Скопје ги блокираа сите нејзини проекти со тоа што не ги гласаа. Арсовска прво ставаше точки на дневен ред за набавка на нови автобуси, но никој не ги гласаше. Потоа се премисли и рече дека ќе го продолжи БРТ, но и за тоа ВМРО-ДПМНЕ не гласаше и велеше дека тоа не е проект од нивната заедничка програма со која ги добиле изборите.
„Како советници, имаме оскудни информации. За да одлучам дали и како ќе гласам, барам одговори дали Арсовска репреговараше и ги надмина надостатоците на проектот, дали е истиот проект на Шилегов и дали автобусите ќе возат на гас, ЦНГ или ќе бидат електрични. Дали ќе се гради нов мост ‘Обединети Нации‘ и од каде ќе се најдат пари, дали ќе се уништи средишното зеленило, дали ќе се уништи паркот во Ново Лисиче, дали ќе се формира ново јавно претпријатие?“, рече тогашниот советник од ВМРО-ДПМНЕ Стефан Андоновски на 23 ноември 2023, кога Арсовска за првпат ја стави оваа точна на дневен ред.
- ДРЖАВАТА ПЛАЌА 350.000 ЕВРА ГОДИШНО НА ЕВРОПСКАТА БАНКА ОТИ АРСОВСКА НЕ ГО ПРАВИ АВТОБУСКОТО МЕТРО
-
ДНЕВНО СЕ ИСПРАВНИ 185 И ВОЗАТ САМО 157 АВТОБУСИ ОД ВКУПНО 341 НА ЈСП „СКОПЈЕ“
Ѓорѓиевски во изборната кампања велеше дека штом ќе дојде на функција, веднаш ќе го продолжи проектот за БРТ. На прашањето зошто сега проектот е добар, кога ВМРО-ДПМНЕ во времето на Шилегов го критикуваше, а во времето на Арсовска не гласаше за негово продолжување, Ѓорѓиевски кажа дека тој лично никогаш не го критикувал овој проект и дека ќе го продолжи до Драчево.
А. АНТЕВСКА



