1 Откако премиерот Христијан Мицкоски ни кажа дека му се јавил на Државниот јавен обвинител Ненад Савески за да го праша за запирањето на едногодишната истрага за наводни незаконски јавни набавки на мазут за ТЕЦ Неготино, Савески кажа дека никого не може да спречи да го побара на телефон. Рече дека со Мицкоски првпат се слушаат и дека не разговарале за детали за конкретен предмет.
А за што разговарале?
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вели дека не може да суди дали е етички тоа што премиерот му се јавил на обвинителот. Вели: можеби се пријатели, па се чуле „здраво како сте, како ви оди работата“.
Таа вели дека јавниот обвинител не го познава и немала средба со него. Ама минатиот месец седеа на иста маса на Велигденскиот ручек на кој ги имаше покането Мицкоски.
Нејсе, можеби Мицкоски и Савески се ептен пријатели. И премиерот така му се јавува, како ние што им се јавуваме на пријателите без некој повод. Онака, на чамче муабет: Што правите, како сте? А што ќе ручате денеска?
Ама пак, и таа приказна дека премиерот и Државниот јавен обвинител се пријатели не држи. Оти, кога Савески се кандидираше за функцијата Мицкоски велеше дека не го познава, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го избраа само врз основа на неговата биографија.
Не сме баш толку наивни, па да не очекуваме премиер да не му се јавува на Државниот обвинител. Сигурно и претходните премиери им се јавувале на обвинителите. Затоа сме и вакви какви што сме. Ама, за разлика од другите, Мицкоски сака и јавно да се фали дека му се јавува на Савески.
Некако, во демократски општество, не иде баш така таа работа. Не знаеме баш дали има криминал со набавката на мазут и дали обвинителството сака да го скрие тоа. Ама, белким си има некаков ред како тоа се проверува. На крајот на краиштата, белким си има ред и како се прави притисок врз обвинителството и судството, на некој поелегантен начин. Не вака транспарентно, да се удира на сите тапани како што тоа го прави владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Демек, нема што да се криеме, вообичаена практика е премиер да му се јавува на обвинител, исто како што им се јавува на неговите министри. Да се знае кој е шеф на сите.
А зошто воопшто се вознемируваме ако премиерот му се јавува на Државниот јавен обвинител? Па Мицкоски веднаш по изборот од собраниска говорница му кажа на Савески кои случаи сака да ги отвори. Овој предмет со набавката на мазут за ТЕЦ Неготино не беше дел од нарачката. Изгледа тогаш го имаше изумено, па сега накнадно морал да интервенира: Ало Ненад, ми текна…
2 Мицкоски вели дека ние ќе одиме по потешкиот пат до ЕУ.
Синким досега патот ни бил лесен. А што е најтрагично, на пат уште не сме ни тргнале.
Уште се пакуваме. И сѐ повеќе и повеќе заглавуваме уште во подготовките за пат.
3 Меѓународна независна комисија утврди дека 9 пациенти биле непотребно оперирани во јавните и здравствените установи, веројатно за да се наплатат пари од буџетот за кардиохируршки и кардиолошки интервенции. Тоа го соопшти министерот за здравство Азир Алиу.
Пред десетина дена, министерката за образование Весна Јаневска им рече на постдипломците на Филозофскиот факултет дека кога се запишувале на втор и трет циклус требало да проверат каде се запишуваат.
Вицепремиерот Александар Николовски неколкупати ги предупредува граѓаните кога купуваат станови да внимаваат од кого купуваат, да проверат дали имаат имотен лист.
Нели е малку депресивно кога вицепремиер те предупредува дека можеш да останеш и без стан и без пари? И кога министерка за образование ти вика, пазете каде се запишувате на факултет за да не останете без диплома? А министер за здравство ти посочува дека треба да пазиш и во која болница да се оперираш, оти можеби и не ти треба операција.
Пред да ве успијат за операција, побарајте од хирургот да ви покаже сертификат за калибрација на инструментите. А потоа направете му еден брз квиз по анатомија, чисто да се осигурате да не ви извадат некој орган без потреба.
Сѐ треба да се проверува.
Граѓаните треба да си проверуваат во какви автобуси се возат. Дали се технички исправни и кој им ја поминал регистрацијата. Пред да одат на забава луѓето треба сами да си проверат дали дискотеката има дозвола за работа како дискотека. Да не им биде после државата крива ако загинат во пожар. Младоженците треба да си проверат дали ресторанот во кој закажале свадба е регистриран како угостителски објект. Туристите да им бараат дозвола на кајчарите на Матка дали имаат положено испит за возење пловила. А нека прашаат и каде им се регистрирани кајчињата.
Кој ни е крив што не проверуваме доволно?
Ама, пак, ако сите ние почнеме да водиме приватни истраги, каде да учиме, со што да се возиме, дали да се оперираме, каде да одиме во диско, тогаш чуму ни се министри, градоначалници, директори на јавни претпријатија…?
Е, тие ни се за добро владеење. Си ги чуваме, како оној вицепремиерот за добро владеење што од март не се има појавено на работа.
А плата добива ли?
Па, не сме провериле.
4 Граѓаните требало сами да си проверат и дали жичницата на Водно е безбедна за возење. А не дури сега дознаваме дека откако е пуштена во 2011, 15 години не била сервисирана. Што граѓани ќе бевме, ептен неодговорни, 15 години на никој да не му текне да ја провери сајлата за гондолите.
Штом толку време не била сервисирана, значи дека била квалитетна.
Пред 40 години, кога си бев млад и европски неедуциран, се сеќавам дека игравме мајтап со автобусите на унгарски „Икарус“ кога ги споредувавме со нашите „Санос“ произведени во скопската фабрика „11 Октомври“. Сега се радуваме дека од „Икарус“ ќе купиме 150 автобуси. А дома си ја имавме најголемата фабрика за автобуси во југоисточна Европа. Тука се примаа нарачки и за автобуси на „мерцедес“ и „ман“. Низ цела Југославија се возеа македонските „саноси“.
И ете, ја растуривме нашата фабрика, за да купуваме кинески двоспратни автобуси за провизија, што сега можеме да ги продадеме само на кило за старо железо.
Ќути, барем Владата паметно ги искористи парите од ТАВ, што според концесискиот договор требаше да ги потроши за да гради аеродром во Штип. Па, со тој себап, конечно се реновирани и операционите сали што се изградени уште во времето на Тито, во бившата Воена болница во Скопје. Мал проблем е тоа што директорот на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ вели дека нема доволно кадар што ќе работи во реновираните сали. Ама, пак, за утеха е тоа што премиерот Мицкоски вели дека таква болница нема од тука, па северно сѐ до Виена.
Море, отаде Виена заминаа и доктори, и сестри, и инженери, и висококвалификуваните работници што ги правеа автобусите дома, и нивните деца…
Древни култури пред илјадници години ги одржувале системите за наводнување, а во нашава Македонија во треттаа деценија на 21 век, при секој малку пообилен дожд отвараме дебати за одводни канали. Не да се градат нови, туку да се одржуваат постојните.
Една жичара изградивме пред 15 години и само Господ ја чувал оти ниеднаш не е сервисирана.
Тоа се тие цивилизациски дострели на 35 години македонска независна држава.
АУДИО ПОДКАСТ



