БИЛЕТ СО ПРЕСЕДНУВАЊЕ

Нема логика да бараш логика во задрта партиска глава.

    БИЛЕТ СО ПРЕСЕДНУВАЊЕ

    1 Колку и да се трудам, не можам да замислам што ли се случува во мозоците на партиските послушници кои се избрани од граѓаните во Собранието, во општинските Совети, или во Советот на Град Скопје. Дали кога ќе станат сабајле си го оставаат половина мозок на наткасна покрај кревет и така, ослободени од здрав разум, одат да гласаат како што им кажала партијата?

    Еве, на пример, може ли некој да даде здраворазумски одговор зошто советниците на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ во Советот на Град Скопје не прифатија иницијатива еден автобуски билет во градскиот превоз да важи 120 минути од првото валидирање?

    Зошто овој предлог е лош? Само затоа што предлогот дојде од советничката на Левица Дарја Мустафаоглу, во градскиот превоз во Скопје да се примени практиката како што е насекаде во светот, граѓаните да не купуваат двапати билет ако менуваат автобус во ист правец.  Како во секој нормален град во светот. Не е ова единствената нормалност што му фали на Скопје, ама еве ова барем е лесно остварливо.

    Не дека само Левица е во прашање. Не е првпат власта за инает, ама баш за инает, да не прифати ниеден предлог и од другите опозициони партии, па дури и од граѓанските иницијативи.

    Значи, во случајов со билетите за преседнување не станува збор за заштита на идентитетот, за којзнае какви државни стратешки одлуки, за безбедност на државата, за виткање кичма, лижење чевли… Не бре, најобична, базична локална промена што ќе им го олесни животот на граѓаните. Кај нема доволно автобуси, кај се чека предолго и на тие што ги има, кај што нема редовен ред на возење, кај што цели населби не се поврзани со јавен превоз, макар да им се овозможи на тие што мора да менуваат автобус картата што ја платиле да им важи уште два часа.

    Ама нема логика да бараш логика во задрта партиска глава. Како може некој друг да предложи, а тоа ним не им текнало, оти во Главниот штаб не им кажале што треба да им текне. Башка што, генералната партиска линија е да бидеш против сѐ што ќе предложи опозицијата и независните граѓански иницијативи. А особено против здравиот разум.

    Баш ме интересира колкумина од тие советници на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ тој ден дошле на седницата на Советот со градски автобус. Или дошле со колите и ги испаркирале наоколу во зеленилото низ паркот. И први збореле за некаков „талог на општеството“ и „мочуришта“…

    Зошто, на пример, советниците на ВМРО-ДПМНЕ беа против БРТ, а сега се „за“? Зошто не ѝ ги гласаа предлозите за купување нови автобуси на нивната Данела Арсовска, а заедно со неа победија, ветувајќи бесплатен автобуски превоз?

    Да ги изгласаа автобусите на Данела, таман сега ќе им дојдеше време за испорака, па нивниот Орце Ѓорѓиевски ќе се сликаше со нив. Да го изгласаа БРТ на Шилегов, сега Орце Ѓорѓиевски од дрон со камера ќе го зумираа како ќе се вози со него.

    Не барај логика во главата на партиски послушници.

    2 Ако власта не може да ја осознае користа за граѓаните, ич нека не ни доаѓа еврокомесарката за проширување Марта Кос да ни кажува дека кога ќе ги почнеме преговорите со ЕУ, ќе се отворат дополнителни фондови за развој и раст на земјава. Нема друго. Или власта не може да ја осознае користа од Европската унија. Или, баш ѝ е гајле за користа за граѓаните.

    Еврокомесарката овојпат не ни раскажуваше приказни за ајварот, тавче-гравчето и полнетите пиперки како обележје на идентитетот, како лани ова време. Овојпат беше многу практична. Внесете ги Бугарите во Уставот, да ги почнеме преговорите и ќе ви дадеме многу повеќе пари.

    „Имате ваше место во Европската Унија како полноправна земја-членка и дозволете ни да работиме заедно“, рече Кос на прес-конференција во Владата заедно со премиерот Христијан Мицкоски.

    Работава е – не е Европската Унија баш 100 посто за верување. Бугарија, пак, ич не е за верување. Ама ЕУ решила оваа конкретна работа да ја испорача. Па да ѝ помогнеме за наше добро. Да го направиме првиот чекор, да ги внесеме Бугарите во Уставот, па после пак ќе се натегаме на секој нареден чекор кога ќе нѐ блокира Бугарија. Наместо да предвидуваме катастрофични сценарија што би било кога би било и да ги броиме бугарските пасоши на политичарите што ни продаваат патриотизам, да го зграпчиме моментов, да ги искористиме парите за развој што ни ги нудат, да седнеме на заедничка маса со членките на ЕУ да преговараме и да си бркаме работа дома.

    Па – ќе плачеме утре. А можеби и нема.

    Значи, ич не ми е ќеф да ги внесуваме Бугарите во Уставот. И не верувам дека заслужиле место во Преамбулата со непријателското однесување на нивната матична држава. И многу сум гневен на Европската Унија што дозволува примитивни барања на нивна земја-членка да станат услов за прием на нова земја во Унијата.

    Ама еве, гледаме дека ЕУ не може да даде никакви гаранции. Веќе 20 години гледаме дека ЕУ не си ги менува правилата заради нас. Којзнае кој сѐ ќе дојде на власт во земјите-членки на ЕУ во иднина и дали воопшто ќе сакаат да се прошируваат и дали ќе сакаат да даваат пари за развој на Западен Балкан. Значи, сега му е мајката. Сакате? Добро. Не сакате? Пак добро. Ако ја пропуштиме оваа понуда, никој таму нема да се насекира за нас. Може само на власта да ѝ се направи ќеф, оти ќе има одврзани раце дома да прави што сака и секогаш да си има оправдување за лошо владеење.

    За жал, така е. Колку и да не ни се допаѓа тоа што треба да го направиме, колку да и да сме лути дека ЕУ не е фер и нѐ излажа после Преспанскиот договор и не го испорача ветеното, ова се ретки моменти кога се отвара некаква можност да се направи уште еден чекор на патот кон ЕУ. Нешто како билет во еден правец, ама со преседнување, но важно си тргнал и знаеш кај одиш.

    Паметна власт би ја искористила оваа можност за добро на граѓаните. Се сомневам дека оваа власт би ја искористила таа можност за добро на граѓаните, имајќи предвид дека од обичен инает не е спремна да прилагоди ни еден билет за градски превоз со преседнување.

    AUDIO PODCAST 

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира