Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) денеска одлучија да не прават ждрепка за утврдување на редоследот на листи на кандидати во гласачко ливче за предвремени парламентарни избори на 5 јуни, затоа што во трката остана само ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата.
За утре најавија нова расправа што ќе прават сега кога треба да организираат демократски избори со само еден кандидат, а државата е декларирана како демократска според Уставот.
Преставничката на ВМРО-ДПМНЕ во ДИК Силвана Бонева се обидела да објасни дека на листата на ВМРО-ДПМНЕ има кандидати од дваесетина коалициони партнери, но со оглед на тоа што одат на заедничка листа, не ни може да има ждрепка бидејќи сите би се појавиле под број 1 на ливчето и тоа би бил единствен избор на граѓаните.
Државната изборна комисија констатираше дека Социјал-демократската партија Бранко Јаневски, ги повлекол кандидатските листи, а Јанко Бачев од Националното движење за Македонија не ги отстранил забелешките во предвидениот рок.
Никола Груевски во интервју за агенцијата „Франс прес“ изјави дека без оглед на на најавениот бојкот од сите партии во државата, избори на 5 јуни ќе има. Во интервју за истата агенција лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека избори на 5 јуни ќе нема.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во интервјуто потврдил дека неговата партија е единствена од четирите големи партии која ќе учествува на изборите. Тој рекол: „Мојата партија ќе биде подготвена веднаш по формирањето на новото Собрание да се организираат дополнителни избори и да им се даде шанса на граѓаните да изберат. Сакаме заслужена победа“, рекол Груевски.