МОСТОВИТЕ ВО СКОПЈЕ НЕ СЕ ВО КРИТИЧНА СОСТОЈБА ЗА ДА ПАДНАТ КАКО ВО ЏЕНОВА, НО НЕ ЗНАЕМЕ ДАЛИ СЕ ПОД НАДЗОР, ВЕЛИ ПРОФЕСОР ГОРАН МАРКОВСКИ

    МОСТОВИТЕ ВО СКОПЈЕ НЕ СЕ ВО КРИТИЧНА СОСТОЈБА ЗА ДА ПАДНАТ КАКО ВО ЏЕНОВА, НО НЕ ЗНАЕМЕ ДАЛИ СЕ ПОД НАДЗОР, ВЕЛИ ПРОФЕСОР ГОРАН МАРКОВСКИВо Скопје најспецифична е состојбата со мостот Гоце Делчев, кој покажал проблеми веднаш по неговата изградба (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во Скопје, барем во неговото централно јадро, мостовите не се во таква критична состојба за да стравуваме од поголеми хаварии или нивно ненадејно уривање како она на мостот во Џенова, Италија. Сепак, тоа не значи дека овие важни инфраструктурни објекти не треба да бидат под постојан стручен надзор, подложени на соодветни контроли и перманентна грижа, смета професорот Горан Марковски од Катедрата за бетонски конструкции и мостови на Градежниот факултет во Скопје.

    Градските власти треба да обрнат внимание на мостот кај хотелот „Холидеј ин“ поради неговата старост од скоро сто години (Фото: Ѓ. Личовски)

    Марковски вели дека во Скопје најспецифична е состојбата со мостот Гоце Делчев, кој покажал проблеми веднаш по неговата изградба.

    „Веднаш по неговото пуштење во употреба, во 1970-те години, во средното поле се јавуваат релативно големи деформации, кои во првата година достигнале околу 25 сантиментри. Во текот на времето деформациите бележат постојан раст, за  да после 20-тина години, кога е извршена санацијата, вкупната деформација достигне повеќе од  60 сантиметри. Тоа покажува дека мостот имал некакви проблеми, што не мора да значи дека тие би резултирале со  негово уривање, но секако претставувале аларм за зголемена загриженост и преземање соодветни мерки“, вели професорот Марковски.

    Марковски објаснува дека санацијата е извршена од француската фирма „Фресине“, со средства донирани од француската влада. При тоа, во мостот се вградени и затегнати дополнителни кабли за преднапрегање, со цел да се поврати дел од деформацијата и да се спречи нејзин понатамошен прираст. Истовремено, од внатрешноста е отстрането поголемо количество кал и шут, санирани се пукнатините и намалена е дебелината на пешачките и велосипедски патеки со што е редуциран постојаниот товар.

    „Навистина немам информација дали се вршат редовни контроли на мостовите. Но, каков ни е генерално односот кон постојните објекти и колку ни е развиена свеста за неопходноста од нивно редовно одржување, претпоставувам дека не постои изграден систем во таа насока“, вели проф. Горан Марковски од Градежен факултет (Фото: СДК.МК)

    ,,Она што сакам да го потенцирам е дека мостот Гоце Делчев заслужува постојан мониторинг преку специјално вградена опрема. Тој би помогнал, ако за тоа се укаже потреба, да се интервенира навреме и да се спречат несакани, катастрофални настани. Се работи за исклучително важен мост за Скопје, кој се наоѓа на една од најфреквентните сообраќајници со сè поголем  интензитет на сообраќајот. Мостот има убава геометрија и изглед, можеби непотребно нагрден со новата ограда, но истовремено има и специфичен, малку непогоден сооднос на распоните, што можеби е и една од причините за појавените проблеми во неговото однесување. Затоа, сметам дека со имплементирање на постојан мониторинг би се направил значаен исчекор во грижата кон градската инфраструктура“, додава професорот Марковски.

    Како други мостови на кои градските власти треба да обрнат внимание, Марковски го посочува мостот Обединети нации, поради дотраеност на некои негови елементи, оној кај хотелот „Холидеј ин“ поради неговата старост од скоро сто години, како и мостот кај комплексот банки поради изразените осцилации. Тој е уверен дека еден подетален преглед на мостовите во поширокото градско подрачје и приградските населби би покажал дека не мал објекти имаат потреба од поправка и санација.

    „Навистина немам информација дали се вршат редовни контроли. Но, каков ни е генерално односот кон постојните објекти и  колку ни е развиена свеста за неопходноста од нивно редовно одржување, претпоставувам дека не постои изграден систем во таа насока. Инаку, стандардите наложуваат еднаш годишно вршење визуелна контрола на мостовите, редовна на 3, а детална на 5 години. Доколку се забележат одредени посериозни проблеми, се врши вонреден преглед, а некогаш и контролно испитување со пробно товарење. Редовното одржување и чистење на изложените чувствителни места, како што се сливниците за атмосферските води, дилатационите спојници, ситните поправки на коловозите и слично, придонесуваат за  долготрајност на објектите, поголема безбедност на учесниците во сообраќајот и намалување на трошоците за нивна поправка и санација“, вели Марковски.

    На мостот Обединети нации, според професор Марковски, му е потребна санација поради застареност на одредени негови делови (Фото: Ѓ. Личовски)

    Професорот Марковски вели дека Скопје, за разлика од многу европски метрополи кои имаат нови мостови по кои се препознатливи, за жал, нема современ мост кој би се се издвојувал по својот изглед.

    „Градовите, односно нивните раководства, се стремат преку ангажирање афирмирани инженери и архитекти да дојдат до атрактивни мостовски решенија кои неретко прераснуваат во своевидeн инфраструктурен лендмарк за градот и пошироко. Овие објекти не само што претставуваат вистинска туристичка атракција, туку се и своевиден показател за интелектуалната зрелост на општеството и за неговиот идентитетски потенцијал. Градоначалникот Петре Шилегов најавува изградба на нова сообраќајница со мост преку Вардар и тунел под Кале, што сметам дека е добар проект за развој на градот и шанса, после подолго време, Скопје да добие препознатлив, современ, авторски мост. Нашиот град тоа го заслужува“, додава Марковски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира