СЕ ОФИЦИЈАЛИЗИРА КРИМИНАЛНА КОАЛИЦИЈА ЗОРАН ЗАЕВ, ВИЦЕ ЗАЕВ И САШО МИЈАЛКОВ, ГРУЕВСКИ НЕ ПОТКУПУВАЛ, РЕЧЕ ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ НИКОЛОСКИ ПО ЧИСТКАТА ВО ВМРО-ДПМНЕ

    СЕ ОФИЦИЈАЛИЗИРА КРИМИНАЛНА КОАЛИЦИЈА ЗОРАН ЗАЕВ, ВИЦЕ ЗАЕВ И САШО МИЈАЛКОВ, ГРУЕВСКИ НЕ ПОТКУПУВАЛ, РЕЧЕ ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ НИКОЛОСКИ ПО ЧИСТКАТА ВО ВМРО-ДПМНЕ„Во моментов, нема сознание дека почесниот претседател Никола Груевски учествувал во организирањето на поткупот на пратениците за гласање за отварање на уставните измени“, рече Николоски по седницата на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ на која е предложено исклучување на Сашо Мијалков и Никола Тодоров (Фото: СДК.МК)

    Од денеска се официјализира криминалната  коалиција Зоран Заев, Вице Заев и Сашо Мијалков, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, по седницата на Централниот комитет (ЦК) на која е одлучено да му се предложи на Општинскиот комитет во кој членува ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков да биде исклучен од членствoто во партијата, затоа што учествувал во обезбедувањето двотретинско мнозинство за гласање на почетокот на уставните измени во Собранието.

    „Ова беше историска седница на Централниот Комитет. ВМРО-ДПМНЕ завршува со хипотеките од минатото. ВМРО-ДПМНЕ има силен механизам изграден во рамки на партијата кој што секогаш успева да ја прочисти партијата. Да го исчисти она што е лошо од партијата и јасно да го избистри доброто. Заради дејствија спротивни на интересите на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија, а и поради силна соработка со Зоран Заев, и организирање група за притисоци, уцени, закани и поткуп на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата со цел да гласаат за уставните измени, а користејќи најниски методи, ЦК го разреши потпретседателот на партијата, Митко Јанчев,  Констадин Богданов од член на извршниот комитет, а од општинските комитети побара да предложат исклучување на Сашо Мијалков и Никола Тодоров. Бараме 8-темина пратеници  да поднесат неотповиклива оставка од пратеничките функции бидејќи го изневерија народот. Ѝ честитаме на криминалната коалиција Зоран Заев, Вице Заев и Сашо Мијалков“, рече синоќа Николоски.

    ВМРО-ДПМНЕ побара од Јавното обвинителство да покрене истрага за наводите за притисоци, закани, уцени и поткуп на пратениците.

    „Во моментов, нема сознание дека почесниот претседател Никола Груевски учествувал во организирањето на поткупот на пратениците за гласање за отварање на уставните измени“, рече Николоски.

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на почетокот на седницата предложил да се организира вонреден конгрес за гласање за негова доверба, но едногласно бил одбиен неговиот предлог. Сашо Мијалков не бил присутен на седницата на ЦК.

    Долгогодишниот директор на УБК и братучед на експремиерот Никола Груевски лани даде оставка од сите функции во партијата, а вчера демантираше вмешаност во обезбедувањето двотретинско мнозинство за гласањето во Собранието. Мијалков е еден од главните обвинети во случаите „Таргет-Тврдина“, „Титаник“, „Трезор“ и „Тортура“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

    Никола Тодоров беше министер за здравство и за обрaзование во владата на Никола Груевски. Од политиката се повлече кога на први јуни 2017, при примопредавањето на функцијата на новиот министер за здравство Арбен Таравари, во него пукаше дедото на починатото девојче Тамара Димоска од Велес, за чија смрт јавноста ја обвинуваше небрежноста на Тодоров како министер.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира