ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА СЈО ДА НЕ СЕ КОРИСТАТ ЗА ОДРЕДЕНИ ЛУЃЕ ДА СЕ ПРОТНАТ НИЗ ПУКНАТИНА, ВЕЛИ АМБАСАДОРОТ БЕЈЛИ

    ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА СЈО ДА НЕ СЕ КОРИСТАТ ЗА ОДРЕДЕНИ ЛУЃЕ ДА СЕ ПРОТНАТ НИЗ ПУКНАТИНА, ВЕЛИ АМБАСАДОРОТ БЕЈЛИАмбасадорот на САД Џес Бејли денеска на прошталната средба со министерот за надоврешни работи Никола Димитров доби благодарница за посветеноста и напорите за промовирање на македонско-американското пријателство и соработка. Бејли заминува до крајот на неделава, а од следниот месец доаѓа новата амбасадорка Кејт Мери Брнс која на функцијата стапува по служба во амбасадата во Атина (Фото: МИА)

    Измените на Законот за Јавно обвинителство во насока на решавање на статусот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) никако не смеат да се прават така за одредени луѓе да се спасат од кривичен прогон, односно „да се протнат низ пукнатина“, рече американскиот амбасадор Џес Бејли на заминување од функцијата во интервју за емисијата „360 степени“.

    „Тоа што веќе го кажавме и ние и другите меѓународни партнери е дека се фокусираме генерално на важноста на продолжување на оваа институција. Институционалните решенија може да се сменат. Она што е важно е прво, случаите за кои е поднесено обвинение да може да бидат завршени и ова не се брзи и лесни судења. Тоа е првата работа, дека мора да има завршница на тие случаи. Второ, да се задржат институционалните капацитети на СЈО, како соработката меѓу обвинителите со истражителите, специјализираните тренинзи, на пример, за откривање финансиски криминал и да продолжи нивната понатамошна примена. Независно дали СЈО ќе остане целосно независно од државното јавно обвинителство или ќе биде дел од Јавното обвинителство, тоа е втората работа. И третото е законот, измените на законот, да не бидат употребени за да се избегне одговорност кај функционерите. Измените на законот не смеат да бидат во насока за одредени луѓе да се протнат низ пукнатина“, вели амбасадорот Бејли.

    За тоа како ќе продолжат истрагите и предистрагите што беа отворани по 30 јуни 2017, Бејли смета дека тоа ќе биде прашање што треба да го решат Владата и Парламентот.

    „Ако СЈО не е во можност да ги продолжи тие случаи, мислам дека јавниот обвинител кажа оти ќе ги погледне и ќе проценат дали можат и дали сакаат да ги гонат. Мислам дека тоа е важната работа, да има можност тие предмети да се продолжат. Второстепено прашање е дали ќе смеат да ги употребуваат прислушуваните разговори. Мислам дека е важно да се сфати, барем од она што го знам од случаите, дека прислушуваните разговори претставуваат само мал дел од самиот случај. Дека има други доказни елементи, кои СЈО ги разви, како финансиска евиденција, изјави од поединци кои го сочинуваат предметот. Дали прислушуваните разговори ќе можат да бидат употребувани и понатаму како докази во постапката, повторно, тоа е одлука која ќе треба да се вгради во предлог-законот, кој пак ќе оди и пред Парламентот. И навистина, тоа прашање може во одреден момент да стигне пред повисок суд, за одлука. Така што, важно е обвинителот, било тоа да е специјалниот или редовниот, да биде во можност да ги гони предметите, истрагите за злоупотреби, за корупција и така натаму. Да го применат законот таков каков што е. Тие не го пишуваат законот, тие го применуваат. Употребата на прислушуваните разговори беше контроверзно прашање и затоа Парламентот ќе се осврне уште еднаш“, одговори амбасадорот Бејли.

    За необврзувачкото мислење што го донесе Врховниот суд, а кое ги суспендира сите истраги на СЈО, но и обвиненија кои се покренати 18 месеци по приемот на бомбите од прислушуваните разговори, амбасадорот рече дека Врховниот суд во тоа необврзувачко мислење одлучи за тоа дали крајниот рок од 18 месеци се пресметува од моментот кога е примен предметот или од моментот на прием на прислушуваните разговори. Потврди дека во ниту еден момент, како што рече, тоа не беше прашање што беше јасно утврдено со законот.

    „Тоа отсекогаш беше отворено прашање. Мислам дека е важно што, како реакција на одлуката на Врховниот суд, специјалниот јавен обвинител и редовниот јавен обвинител рекоа дека ќе продолжат, ако судовите го прифатат ова мислење, дека ќе најдат начини Јавното обвинителство да ги преземе предметите и дека ќе бидат во можност да ги продолжат. Затоа, мислам, важно е обвинувањата за злоупотреби и корупција да се гонат. Дали од страна од СЈО или Јавното обвинителство или од страна на СЈО споено со канцеларија или како ентитет во хиерархијата на државното Јавно обвинителство. Важно е што ќе се случи и тоа останува да се види“, рече Џес Бејли.

    Тој на новинарско прашање го кажа својот став за тоа колку СЈО и успеа во својата работа под вонредно тешки услови, особено на почетокот.

    „На генерално ниво, работата на Специјалното јавно обвинителство, тој кабинет, таа институција, направи многу важни чекори за борба против корупцијата и злоупотребите во Северна Македонија. Ако погледнете како се третираа тие случаи, да речеме пред 2015 или 2016 година, кога всушност СЈО почна да функционира, таа институција разви многу добри капацитети за работа со сложени случаи од областа на корупцијата, кои понекогаш вклучуваат финансиски прашања и успеаја да ги преслушаат материјалите од прислушувањето и да поднесат обвиненија за околу 20 случаи. Тие случаи се во постапка. Мислиме дека постапката за тие случаи треба да продолжи до нивен логичен завршеток. СЈО го направи тоа на почетокот под многу, многу тешки околности, кога имаше голем отпор кон нивната работа во владините кругови и дури, би рекол, во судството“, кажа во интервјуто американскиот амбасадор Бејли.

    За статусот на СЈО Министерството за правда предложило текст според кој, сите започнати истраги и отворени предистраги, автентични, но и преземени од редовното обвинителство продолжуваат до крај во СЈО. СЈО поднесува обвиненија за нив и ги тера до крај, до правосилни пресуди. Но, за овој предлог закон за Јавно обвинителство, со кој се решава статусот на СЈО и судбината на истрагите, согласност уште не дава коалциониот партнер ДУИ. А потребно е двотретинско мнозинство. Во истрагите што се почнати, осомничени за кривични дела со повеќегодишни затворски казни се и лидерот на ДУИ Али Ахмети и вицепремиерот Бујар Османи. СЈО е услов за добивање позитивна препорака од Европската комисија, а СДСМ и ДУИ се пред кавга и пукање на коалицијата на оваа тема.

    Денеска, осомничениот вицепремиер Бујар Османи од истрагата на СЈО „Пациент“, за злоупотреби на службената положба и овластувањата додека бил министер за здравство, ги демантираше тврдењата дека има раскол во коалицијата со СДСМ по ова прашање.

    Тој рече дека ДУИ е на иста линија со СДСМ во однос на поддршката за СЈО да ја продолжи работата непречено и да ги испита сите сомневања за сторен криминал од бивши и сегашни функционери и оти несогласувањата кои ќе се стокмат овие деновои, се повеќе од технички карактер.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира