Улиците и паркинзите во Клиничкиот центар се поплавени по врнежите на дожд изминативе два дена. Паркингот кај Клиниката за стоматологија е целиот под вода и буквално за да излезат докторите и пациентите од возилата и да се движат низ комплексот шлапкаат низ вирови вода.
Град Скопје по почетокот на епидемијата на ковид-19 со пари од Министерството за здравство почна со реконструкција на улиците на Клиничкиот центар.
Од Градот велат дека на повеќето улици каде што работеле обновена е постојната атмосферска канализација и таму нема проблем со поплавување, а проблемите се појавиле на улиците и паркингот кои не биле предвидени со проектот за реконструкција и останале без одвод.
„Делот кај Стоматологија нема одвод и не е поврзан со атмосфeрската канализација, па затоа таму постојано се собира вода. Според проектот и средствата кои ги добивме од Министерството за здравство овој дел не беше опфатен со реконструкцијата. А ако на други места има нособрано вода, тоа е бидејќи не се чистат сливниците, а обврска за одржување и чистење на комплексот на универзитетските клиники е на Службата за општи и заеднички работи на Клиничкиот центар“, велат од Град Скопје.
Уште во текот на градежните работи, вработените на клиниките ги предупредувале работниците дека овој простор постојано се поплавува и да водат сметка да стават повеќе сливници, но овие им одговарале: „Не се секирајте, водата си има природен пад“.
Реконструкцијата на улиците и изградбата на новиот паркинг чинеше 70 милиони денари.
А. АНТЕВСКА