ТРОТОАРИТЕ НА ОРЦЕ НИКОЛОВ ЌЕ СЕ ОСЛОБОДУВААТ ОД КОЛИ, ЌЕ СЕ ПАРКИРА ПАРАЛЕЛНО НА УЛИЦА

    ТРОТОАРИТЕ НА ОРЦЕ НИКОЛОВ ЌЕ СЕ ОСЛОБОДУВААТ ОД КОЛИ, ЌЕ СЕ ПАРКИРА ПАРАЛЕЛНО НА УЛИЦАСпоред проектот, се предвидува наместо на тротоарите колите да се паркираат паралелно од двете страни на улицата, а го опфаќа потегот од крстосницата со булеварот Климент Охридски до улицата Рузвелтова. - Граѓаните одат по улица оти тротоарите се зафатени од коли (Фото: СДК.МК)

    Тротоарите на улицата Орце Николов ќе бидат ослободени од паркирани возила, а на нив ќе има велосипедска и пешачка патека. Проектот за реконструкција на улицата Орце Николов денеска го презентираа градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ и градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.

    Според проектот, се предвидува наместо на тротоарите колите да се паркираат паралелно од двете страни на улицата, а го опфаќа потегот од крстосницата со булеварот Климент Охридски до улицата Рузвелтова. На крстосницата со улицата Аминта Трети (Ленинова) ќе се изведе кружен тек.

    „Со реконструкцијата на Орце Николов почнуваме да го средуваме сообраќајниот хаос кој го имаме наследено. Ќе се реконструира коловозот со површина од 9.330 метри квадрати. На селектирани локации ќе се изврши подигнување на улицата, односно ќе бидат поставени пет подигнати премини кои ќе служат како легнати полицајци и ќе придонесат кон нормализирање на брзината на движење на возилата. Ќе се воведе паралелно паркирање на ниво на улицата со џебови за паркирање. Во проектирање на улицата водено е сметка за сите дрвја, да не се отстрани ниту едно, а меѓу нив да се организира паркирањето. Коловозната лента ќе се намали на 6 метри, а за сметка на намалувањето ќе се изведат велосипедски патеки во должина од 2.400 метри и пешачки патеки од 2.200 метри.“, рече градоначалникот Богдановиќ.

    Според сегашното решение на улицата има 180 паркинг места, а со новото ќе се намалат на 80.

    Богдановиќ кажа дека проектот ќе биде изложен во Општината и на веб страната за да може граѓаните да го видат и да дадат забелешки, па потоа ќе се распише тендерот.

    Улицата Орце Николов  сега од сите страни е блокирана со возила. Не тротоарите на бележани паркинг места од ЈП Градски паркинг“ се испаркираните коли и нема место за пешаци, велосипеди. Граѓаните мораат да се движат по сообраќајницата. Дополнително, коли се паркираат кој како стигне и долж улицата.

    Под слоганите „Вратете ни ги тротоарите“ и „Здравјето пред профитот“, жителите на Дебар Маало неколку пати протестираа со барање Општина Центар и Град Скопје да ги применат постоечките закони за да ги заштитат пешаците, а особено децата, од опасноста предизвикана од тротоари окупирани од возила и кафеани, опасно неорганизиран сообраќај и неконтролирано градење.

    А. АНТЕВСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари