УШТЕ НЕ Е ПОБАРАНА ДОЗВОЛА ЗА ГРАДБА НА ДРУГИТЕ ДВЕ КУЛИ КОИ ЌЕ СЕ ГРАДАТ НА ЕДНА ОД ТРИТЕ ГРАДЕЖНИ ПАРЦЕЛИ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“

    УШТЕ НЕ Е ПОБАРАНА ДОЗВОЛА ЗА ГРАДБА НА ДРУГИТЕ ДВЕ КУЛИ КОИ ЌЕ СЕ ГРАДАТ НА ЕДНА ОД ТРИТЕ ГРАДЕЖНИ ПАРЦЕЛИ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“Според ДУП-от 60-катници се предвидени и на другите две парцели каде всушност се наоѓаат куќите на жителите на Ново Маало, што значи дека кај „Холидеј ин“ ќе има уште кули, не само трите кои инвеститорот ги презентираше. (Фото: К.Попов)

    Фирмата „МГ Фешн“ уште не поднела барање за градежната дозвола за другите две кули кои треба да се градат на првата од трите градежни парцели во центарот на Скопје. Од понеделникот градежни машини почнаа да го расчистуваат просторот за изградбата на првата 20-катница, лоцирана кон кејот на Вардар која всушност ќе биде на земјиштето на Македонската православна црква (МПЦ-ОА).

    Од Општина Центар велат дека засега ќе се гради само една зграда бидејќи инвеститорот не почнал никакви постапки за останатите две.

    „Фирмата ‘МГ Фешн‘ до денес нема поднесено барање за градежна дозвола за другите две згради кај ‘Холидеј ин‘. Бидејќи до Општината не е пристигнато барање за издавање на одобренија за градење за останатите две згради, досега не е издадена дозвола за градење“, велат од Општина Центар.

    За првата зграда која ќе биде на 20 ката и со три подземни нивоа, како што вели инвеститорот дозволата за градба е добиена во април и платени се комуналии во висина од 2,4 милиони евра. На оваа градежна парцела нема приватни имотни односно куќи на граѓани туку чист простор кој беше државно земјиште, па потоа продаден од Министерството за транспорт и врски на инвеститорот. Според презентираното идејно решение покрај првата зграда од 20 ката, ќе се гради и станбената зграда од 22 ката, со зеленило на терасите и на крај деловниот центар од 16 ката.

    Трите згради од 16, 20 и 22 ката за 1.200 жители се наоѓаат само на една градежна парцела од вкупно три кои ги предвидува Деталниот урбанистички план (ДУП). Според Деталниот урбанистички план (ДУП) донесен во 2012 во времето на ВМРО-ДПМНЕ и кој не е усогласен со Генаралниот урбанистички план (ГУП) и СДСМ пет години не успеа да го смени, просторот е поделен на четири парцели, од кои три се градежни и една е со намена плоштад со фонтана.

    Според ДУП-от 60-катници се предвидени и на другите две парцели каде всушност се наоѓаат куќите на жителите на Ново Маало, што значи дека кај „Холидеј ин“ може да има има уште кули, не само трите кои инвеститорот ги презентираше во јавноста. На презентација од „МГ Фешн“ не сакаа да кажат дали откупиле дел од земјиштето и постигнале договор со сопственицте на куќите и колку и какви згради планираат да градат на другите две градежни парцели.

    Сите содржини што сега се планираат се всушност според стариот Детален план, кој дозволува по 200.000 метри квадратни изградена површина на трите парцели, или вкупно 600.000 метри квадратни и 5.000 жители. Генералниот урбанистички план кој е акт од повисок ранг дозволува на сите три парцели да живеат 1.250 граѓани или 347 семејства, а сега само во првата парцела се предвидени 1.200 жители.

    Такму поради тоа Деталниот план е во спротивност на Генералниот план и тој воопшто не требал да биде одобрен од Град Скопје и Министерството за транспорт и врски. Тоа значи дека сега инвеститорот ќе гради спротивно на ГУП-от, односно согласно ДУП во кој не биле запазени параметрите од повисок орган.

    А. АНТЕВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира