ГРАД СКОПЈЕ Е ХЕНДИКЕПИРАНА ИНСТИТУЦИЈА И МОРА ДА ДОБИЕ ПОВЕЌЕ ИНГЕРЕНЦИИ, ШИЛЕГОВ БАРА ПРЕЗЕМАЊЕ НА ИНСПЕКЦИИТЕ ОД СКОПСКИТЕ ОПШТИНИ

    ГРАД СКОПЈЕ Е ХЕНДИКЕПИРАНА ИНСТИТУЦИЈА И МОРА ДА ДОБИЕ ПОВЕЌЕ ИНГЕРЕНЦИИ, ШИЛЕГОВ БАРА ПРЕЗЕМАЊЕ НА ИНСПЕКЦИИТЕ ОД СКОПСКИТЕ ОПШТИНИ„Многу е логично граѓаните да очекуваат од својот градоначалник работите во градот да функционираат, а од друга страна ингеренциите се направени на тој начин што меѓу Градот и Општините не постои никаков хиерархиски однос. Градоначалникот на Град Скопје не може да наложи на градоначалниците на Општините да преземат определени дејствија“, вели Шилегов. (Фото: СДК.МК)

    Случајот со дивоградбата кај ТЦ „Мавровка“ во центарот на Скопје уште еднаш ја покажа нефункционалноста на институциите и прашањето кој за што е надлежен. Град Скопје нема надлежност за уривање и отстранување на дивоградби, па градоначалникот на Скопје Петре Шилегов побара Владата да му даде поголеми надлежности односно да се одземат ингеренциите на скопските општини и Градот да го преземе инспекторирањето и справувањето со дивоградби. Шилегов во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК зборува дека ваквите законски измени се неопходни поради тоа што сегашните надлежности не му дозволуваат да делува соодветено, а граѓаните тоа од него како прв човек на Скопје го бараат.

    Велите дека ќе барате од новата Влада поголеми надлежности за Град Скопје и влегување во втората фаза од децентрализацијата со што општините би добиле повеќе ингеренции. Но, случајот Мавровка покажа дека џабе ни е децентрализација. Наместо Општината да си ја врши работата, дивоградбата кај Мавровка беше урната од Владата. Што ќе ни е тогаш децентрализација?

    Јас сум упорен во целокупното свое политичко дејствување, во тоа дека ние мора да направиме нешто што во изминативе 30 години не е направено, а тоа е институциите да бидат сериозно одговорни особено кога се нивните законски обврски во прашање, а од друга страна да изработиме институционален систем со непречена функционалност. Тоа се двете теми кои јас ги отворам во јавноста изминатиов период, а примерот како „Мавровка“ ги покажува целокупните аномалии и недостатоци на овие две категории, категоријата наречена одговорност и категоријата наречена нефункционален систем. И токму моите заложби се конзистентни од првиот ден како градоначалник и порано како опозиционер кога ги критикував нефункционалните институции и немањето одговорност. Кога ќе ги земете наталожени една со друга, добивате хаос и институции кои не функционираат и оправдан е револтот на граѓаните.

    Што барате вие како Град Скопје?

    Градот Скопје со овие ингеренции е направен како хендикепирана институција. Многу е логично граѓаните да очекуваат од својот градоначалник работите во градот да функционираат, а од друга страна ингеренциите се направени на тој начин што меѓу Градот и општините не постои никаков хиерархиски однос. Градоначалникот на Град Скопје не може да наложи на градоначалниците на општините да преземат определени дејствија. Од друга страна јас сум многу свесен дека сите колеги градоначалници во Скопје имаат сериозен политички легитимитет затоа што се избрани на непосредни избори. Од тој аспект гледано, темата  е сериозно сензитивна, меѓутоа ние мора да расчистиме како општество што е тоа што сакаме да го постигнеме, дали сакаме да влеземе во институции кои одговараат на потребите и нема да треба граѓаните да се тие кои ќе ги тераат да ги исполнуваат своите законски обврски. Ако сме согласни околу тоа, имајќи го предвид дуализмот во Град Скопје, тогаш моето размислување оди во насока за преземање на инспекторатот, токму поради балансот на силата на одлучување. Ова го зборувам за да не се доведуваме во апсурдни ситуации, за можеби преќутни поведенија на поединци на терен, да очекувате дека лицата кои ги дозволиле тие поведенија, треба да ги контролираат. Идејата е дека тука треба да има определен баланс и затоа делот што јас го нарекувам субјективни слабости на можеби определени административни работници, го доведеме на што е можно помало ниво.

    Градот може да функционира и со помал број вработени,. Тоа што голем број вработени ги користат мерките на Владата и не се на работа, а ги плаќаме, покажа дека Градот и без тие луѓе може да фунционира. – (Фото: СДК.МК)

    А што ќе биде гаранција дека Градот кога ќе добие повеќе надлежности ќе постапува против вакви дрски кршења на законот? Како гарантирате дека на вас како градоначалник на Град Скопје или пак на вашиот наследник нема да ви се случи дивоградба во центар на град, да не знаете кој е инвеститор, да го барате на оглас, да не можете ни три пати на тендер да најдете фирма за уривање?

    Тогаш ќе биде оправдан револтот кој што и сега е насочен кон градоначалникот на Скопје. Затоа што граѓаните не знаат и не треба да знаат кој е надлежен. Граѓаните треба да видат дека владее правото. Во конкретната ситуација можеби многумина се во заблуда дека градоначалниот на Скопје требало да интервенира кога е „Мавровка“ или Матка во прашање, како два најекспонирани примери изминативе две години и да го прозиваат градоначалникот на Скопје за постоење на дивоградбите. Во таква варијанта многумина ќе се воздржат од преземање на незаконити дејствија оти ќе знаат дека надвор од делокругот на Општината постои уште една институција која може дирекно да влијае на одредени процеси.

    Беше ли дивоградбата кај „Мавровка“ дел од договорот за составување на новата Влада меѓу СДСМ и ДУИ? Ќе се урнеше ли објектот да немаше политички договор меѓу двете партии?

    Не можам да го знам тоа бидејќи јас не учествував во политичките договори околу формирањето на новата влада, меѓутоа сметам дека е добар примерот што го направи Владата со енергичното постапување кога е дивоградбата кај „Мавровка“ во прашање. Таквата реакција која треба да е на сите нивоа на институциите, особено кога станува збор за вакви еклатантни противправни дејствија, ќе одврати од помисла некој друг да гради гради дивоградба сред центарот на Скопје.

    Тогаш зошто не се урнаа и дивите платформи на Матка?

    Пак велам ова е прашање на кое не може да одговори градоначалникот на Град Скопје. Во сегашната ситуација ние како Град не можеме да побараме ниту увид во документацијата за било која дивоградба, било да е „Мавровска“, Матка или некоја која куќа или зграда. И токму затоа барам да ми се дадат поголеми надлежности.

    Спремен ли е Градот и Инспекторатот на Град Скопје во моментов да ги добие овие надлежности?

    Преземањето на ингеренциите подразбира и преземање на кадарот од општините. Во нашата земја се дефицитарни квалификувани луѓе за инспекциски надзор. Фокусирањето и концентрирањето на поголем број луѓе во една институција, ќе ја направи оперативна и кадровски поспремна од она што сега е во општините. Не мислам само за градежната инспекцијата туку за животна средини и слично. Постапувањето или непостапувањето на инспекторите за животната средина има последици за сите граѓани не само за жителите на таа општина каде бил лоциран одреден проблем.Имаме апсурдни ситуации кога општински инспектори на Општина Бутел не можат да го казнат субјектот кој фрла шут затоа што фрла на десната страна, а таа страна е под Општина Гази Баба. И сега на лице место имате инспектор кој гледа дека се случува нешто, но нема механизам како да го санкционира тоа. Затоа со централизирањето на инспекцијата ќе се решат ваквите проблеми..

    Три години барате од Владата комунална полиција, ќе добие ли конечно Градот во оваа последна година од вашиот мандатот?

    Декларирана политичка волја за продолжување на процесот на децентрализација има. Но, тој процес беше стопиран или ставен во втор план и заради поголемите случувања во државата, како референдум, претседателски избори, предвременени парламентарни избори, па ковид пандемија. Но, сега со формирање на Владата и фактот што кај премиерот Зоран Заев постои волја за продолжување на децентрализацијата, тој процес ќе продолжи. Комуналната полиција е дел од тој процес, законските процеси во онаа рана фаза се поминати и многу брзо, добри законски решенија може да се донесат. Тие се за мене неопходни работи. Нема пологична работа од Центар за социјални работи да биде општинска, а не државна надлежност. Услугите за граѓаните на тој начин ќе бидат понепосредни и подирекни. Еве на пример во било кој град од внатрешноста Центарот за социјални работи е под Министерство за труд и социјална политика. Ако биде под Општината граѓаните ќе го прават притисикот за решавање на одреден проблем кај градоначалникот. Многу е полесно да дојдете до градоначалникот од било кој град од внатрешноста отколку до министерот.

    Каква е финансиската состојба на Град Скопје со оглед на пандемијата на ковид-19?

    Влошена, сериозно се намалени приливите на Градот заради забавените еконосмки активности, но сѐ уште доволно добра за да може да ги обавуваме фунцкиите.

    Колку пандемијата го поремети реализирањето на проеките кои ги планиравте лани кога го креиравте буџетот на Градот и кога немаше никаква навестување дека ќе се соочиме со ковид кризата?

    Поремети доста, на пример забавниот парк не можеме да го реализираме бидејќи парите ги насочивме кон други активности на Градот. Но, јас сметам дека тоа ми е должност оти на овој начин локалната економија сериозно ја подобрувавме. Градежната офанзива која ја гледате низ улиците е всушност кичмата на секоја здрава економија. Ние тие фирми со инвестицијата во инфраструктурата во градот, ги одржуваме во функција. Да не беше тоа, егзистенцијата на овие фирми ќе беше загрозена. Тоа е еден мал придонес на Градот и во зачувување на работни места. Многу од работите кои мислевме дека ќе бидат предмет на реалиција во април или мај не се остварија. Имаме сериозни проблеми во економската функционалност на ЈСП ‘Скопје’ бидејќи средствата од продажба на билети се сериозно намалени, а оперативните трошоци се тука. Но, во разговори сме со Владата и сметам дека тоа ќе се реши.

    Градот во моментов има 645 вработени, имате ли потреба од сите овие вработени? Дали администрацијата на Град Скопје е ефикасна и доследно ги извршува работните задачи?

    Градот може да функционира и со помал број вработени, но прописите се такви, треба сериозни постапки да водите за да го рационализирате работењето на државната администрација. Тоа што голем број  вработени ги користат мерките на Владата и не се на работа, а ги плаќаме, покажа дека Градот и без тие луѓе може да фунционира. Јас очекувам како полека ќе се укинуваат мерките, ќе почне спроведување на политиката на намалување на државната администрација за 20 проценти. Градот ќе може да даде сериозна анализа, која веќе ја работиме, за определени сектори каде имаме поголем број на вработени од потребното.

    А. АНТЕВСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира