23 РЕГИСТРИРАНИ СЛУЧАИ НА КОРОНАВИРУС, ЦЕЛОСНА ИЗОЛАЦИЈА СО ЗАТВОРEНИ ГРАНИЦИ И БЕЗ АВИОНСКИ ВРСКИ

    23 РЕГИСТРИРАНИ СЛУЧАИ НА КОРОНАВИРУС, ЦЕЛОСНА ИЗОЛАЦИЈА СО ЗАТВОРEНИ ГРАНИЦИ И БЕЗ АВИОНСКИ ВРСКИД-р Арбен Аголи со дел од тимот на дебарската болница на фејсбук апелираше до граѓаните на Македонија да останат дома (Фото: Фејсбук)

    Нема потреба да се воведува вонредна состојба или кризна состојба во целата држава, но се затвораат сите гранични премини за странски државјани, а од утре попладне и Меѓународниот аеродром Скопје, се одлуките кои вчера ги донесе највисокиот државен врв, по објавувањето дека се регистрирани пет нови случаи на коронавирус, со што бројката порасна на 23 заболени. Една пациентка е излекувана.

    Станува збор за четири лица од Дебар позитивни на коронавирусот, кои имале контакт со веќе заразените пациенти од овој град, и за една 54-годишна жена од Скопје која се вратила од Холандија со авион преку Виена.

    „Жената била во домашна самоизолација, најдени се членовите на фамилијата, како и возачот на такси-возилото со кое дошла од аеродромот, а се бараат и 31 лице кои се вратиле со неа од Виена.

    Покрај овие 23 лица во приватната болница ‘Жан Митрев’ се јавиле две лица со симптоми на грип, и тестовите таму се позитивни. Но, заради усогласување со методологијата на Инфективната клиника, резултатите ќе бидат повторени во нивната лабораторија, кажа министерот за здравство Венко Филипче.

    На Инфективната клиника во Скопје се лекуваат 14, а во Дебар 9 лица. Првозаболената пациентка која на 26 февруари влезе во земјава преку Табановце, од вчера е пуштена дома во целосно оздравена состојба.

    Ниту едно од лицата кои се ставени во изолација поради контакти со заболената докторка, поранешна директорка на Клиниката за кожни болести, засега не покажале симптоми, рече Филипче. Докторката која беше хоспитализирана на 9 март, е сместена на Инфективната клиника во Скопје. Истиот ден во домашна изолација беа ставени 203 лица, вработени на Клиниката за дерматологија, пациенти и нејзини колеги кои во текот на претходниот викенд биле на стручен симпозиум во еден скопски ресторан.

    Аеродромот во Скопје се затвора од 18 март, освен за државни и медицински цели, како и за карго пратки. Граничните премини ќе бидат затворени освен за товарни возила, дипломатски возила и други со специјална дозвола од Министерството за внатрешни работи (МВР). Викендов беше затворен и Охридскиот аеродром.

    „Немојте да патувате, зашто секој момент се затвораат граници, а ние немаме контрола на граничните премини на трети земји. Утре секој што ќе реши да оди некаде, неизвесно е кога ќе се може да се врати во земјава. Од ден на ден се затвораат аеродроми и гранични премини. Апелирам до македонските државјани кои имаат регулиран престој во земјите каде што се, да не се враќаат дома. Приоритет ни се оние кои немаат регулиран статус и се затечени во странска земја, на граница или аеродром“, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров.

    Вчера се одржа и седница на Советот на национална безбедност за состојбата со коронавирусот, по која претседателот Стево Пендаровски кажа дека нема потреба да се воведува вонредна состојба или кризна состојба во целата држава.

    Министерството за здравство објави листа на телефони за психолошка поддршка за граѓаните и ранливи групи на пациенти, во соработка со Клиниката за психијатрија. Станува збор за психолошка поддршка на родители на деца од предучилишна и училишна возраст, на возрасни лица во самоизолација и на граѓаните во Општина Дебар и во Центар Жупа.

    „Ако има потреба, но засега нема потреба, може да ѝ препорачаме на Владата да прогласи кризна состојба и во други општини, не само во овие две (Дебар и Центар Жупа, н. з.). Кризна состојба имаме 4 години на границите поради друга состојба (мигранти, н. з.). Да не избрзуваме, нема потреба од прогласување вонредна состојба или кризна состојба на територија на целата држава. Кризата ќе трае, нема да замине за недела-две. Ресурсите, кои не ни се издашни, треба да ги користиме рационално“, изјави Пендаровски.

    Тој, како и министерот Димитров апелираше до македонските државјани кои работат во странство, без голема потреба да не се враќаат во својата земја, иако имаат право на тоа.

    Денеска кај Пендаровски ќе се одржи лидерска средба на која ќе се разговара за одложување на парламентарните избори на 12 април.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира